Достапни линкови

Клековски - Зад меѓуетничките конфликти стојат социјални проблеми


Клековски: Зад меѓуетничките конфликти стојат социјални проблеми
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:55 0:00

Интервју со Сашо Клековски

Зад многу од тоа што ние го гледаме како меѓуетнички конфликти, мислам дека длабоко вкоренетите причини се социјалните проблеми кои ние мора да ги решаваме, вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Што според вас од денешна дистанца, успеа да подобри или не успеа Охридскиот рамковен договор во таа меѓуетничка сфера?

Oна што мислам дека ни недостасува во расправата за Рамковниот договор е воспоставување на структура, бидејќи во самиот Рамковен договор има цели кои сакаме да ги постигнеме, тоа се евроатлански интеграции, развој на граѓанското општество, развој на мултикултурното општество, принципи на кои се базира Рамковниот договор, конструктивно разрешување на политичките разлики, одраз на мултикултурното општество во јавноста итн. и имаме мерки, тоа беа прекин за непријателствата, децентрализацијата, културата и образованието на заедниците и секако тоа е двојното мнозинство или кај нас популарно наречено бадентерово мнозинство. Нормално е дека најголем напредок има во спроведувањето на мерките, меѓутоа за да доведат мерките до исполнување на целите станува збор за долгорочен процес, кој освен тоа мора да биде и динамичен. Ние може да утврдиме дека некои работи недоволно се исполнуваат или се контрадикторно поставени на целите и да ги моделираме тие работи, затоа ми се чини дека нам ни недостасува еден стратешки пристап кон тоа што е напишано во Рамковниот договор. Често кај нас Рамковниот договор се сведува на реферирање на правичната застапеност. Ќе биде голема грешка ако сè се сведе на правичната застапеност, бидејќи другите делови се исто толку важни, можеби и поважни за мултикултурното ткиво на Македонија. Во правичната застапеност веќе е рутински да се објавуваат оценките од Народниот правобранител за тоа кои се постигнувањата за правичната застапеност во различни институции. Ми се чини дека сега можеби е време за еден нов поглед, една анализа што функционира, што не функционира и како во наредните 5-10 години да го подобриме функционирањето на тие мерки. Тука само да кажам дека некои од мерките, како што е образованието на мајчин јазик на заедниците, кои се предвидени со Рамковниот договор, даваат можеби негативни ефекти на повисоките цели на развојот на граѓанското општество и на мултикултурното општество, бидејќи ние имаме ситуација до работното место, значи од детска градинка до високо образование, посебно децата и младите кои следат настава на македонски јазик и на тие кои следат настава на албански јазик, имаат целосно сегрегиран развој. Тоа негативно влијае и ќе влијае на иднината на Македонија како унитарно, мултикултурно општество. Има различни квантитети и квалитети во сите овие работи и мислам дека е потребен еден постратешки пристап, развој на една стратегија, каде што акцентот ќе биде на квалитетот, а не на квантитетот и на споделената иднина, како да градиме заедничка иднина.

Постои впечаток дека сегрегацијата меѓу етничките заедници е голема. Дали е таа само во образованиот систем?

Повеќе аналитичари и коментатори на меѓуетничките односи ќе речат дека Рамковниот договор доведе до сегрегација. Но ние бевме сегрегирани и претходно. Да не се лажеме дека постоело мешање меѓу гимназиите Зеф Љуш Марку и Никола Карев, иако учениците учеа во иста зграда. Мислам дека имаме една погрешна претстава за нашето општество, дека порано било подобро, а сега е полошо. Јас напротив сметам дека нашето општество било поделено на етничка и верска основа, и дека тоа си има свои последици и ние по инерција во некои области се движиме понатаму. Она што е најпозитивната промена е интеграцијата на работното место и во бизнисот. Значи, иако мислам дека правичната застапеност не се применува како што сите би сакале и во однос на квалитетот и во однос на квантитетот, сепак го менува во основа контактот на работното место. Сега на работното место може да запознаете многу повеќе припадници на етничките заедници, отколку што било случајот претходно. Слично е ми се чини и во бизнисот. Од другата страна, она што се перцепира од граѓаните како најсегрегирачки фактор се политичките партии. Нашите политички партии сè уште се базирани на етничка мотивација, а не на идеолошка. Ние немаме идеолошки засновани партии, ние имаме етнички засновани политички партии и тука е вината на двете страни. Нашите граѓани, иако велат дека сакаат мултикултурни партии, за тоа се изјасниле мнозинството граѓани, односно две-третини од граѓаните би сакале повеќе мултикултура во политичките партии, на крај сепак етнички се определуваат за политичкиот избор. И ова етничко, а не идеолошко засновање на политичките партии, е генератор на кризи во меѓуетничките односи, бидејќи натпреварот не е на подобри идеолошки проекти, туку е етнички натпревар, што неминовно создава тензии во меѓусебните односи. Второто подрачје се медиумите. Ние покрај тоа што имаме мултиетнички медиуми, но ако ги погледнете спикерите, уредниците, новинарите, главно нашите медиуми се моноетнички. Јас како етнички Македонец сум хендикепиран и не можам со паралелно следење на два или три медиуми каде можеби е вистината и други општествен реалности. Мислам дека тоа може да биде еден фактор на меѓусебно одалечување. Ние мора да размислуваме повторно во рамките на претходно споменатите стратешки мерки, како ќе обезбедиме повеќе информации едни за други, значи не да поттикнуваме братство и единство, едноставно да обезбедиме информации едни за други на прифатлив начин и мислам дека е неопходно јавниот интерес, освен преку МРТВ 1 И МРТВ 2, да биде воспоставен во поттикнување во повеќејазични или мултиетнички пред сè информативни програми. Во ред е да има и културни и забавни програми, но пред сè информативни. Да емитувате на два или на три јазика е поскапо отколку да емитувате на еден јазик и комерцијално на телевизиите не им се исплатува да емитуваат повеќејазични содржини, ним им е комерцијално поедноставно да емитуваат на еден јазик. Треба да се најде можност, бидејќи е јавен интерес ние да се информираме едни за други, преку буџетско финансирање да се поттикнуваат вакви медиумски програми.

Може ли да се измери имплементираноста на Рамковниот договор во сите овие сегменти кои ни беа наложени преку одредбите?

Најлесно мерлива работа е законодавството, односно дали мерките предвидени со Рамковниот договор се преточени во Уставот и законите. И тоа е констатирано уште во 2005 кога Македонија доби кандидатски статус. Македонија доби кандидатски статус во ЕУ поради тоа што успеа за еден релативно краток и болен период одредбите од Рамковниот договор да ги преточи во законодавство. Понатамошната примена, посебно како се приближуваме кон целите, е повеќе прашање на перцепции, отколку на објективно мерливи работи. На пример, прашање на перцепција е колку етничките Албанци сметаат дека е слободна употреба на симболи, бидејќи луѓето или се чувствуваат или не се чувствуваат слободно и тоа единствено може да го мерите преку истражување на јавното мнение, истражување на перцепциите. Ваквите истражувања се корисни и тие ќе укажат на јазови на перцепциите, ние неминовно имаме почетни јазови поради почетните субјективни ставови за тоа каде е Македонија и во која насока треба да се движи. Свесноста за различноста на ставовите меѓу различните заедници, треба да ни помогне да ги видиме јазовите, затоа што ако тие се големи мораме да бараме начини тие да се намалат, дали со подобрено информирање, дали со подобра јавна расправа, меѓутоа целта би била тие перцепции да се приближат. Тие никогаш нема да бидат исти, но не смеат да се движат во сосема спротивни насоки, бидејќи ако се движат во сосема спротивни насоки тогаш нема да ја оствариме целта, а тоа е поголема интеграција.

Во чисто административна смисла ве прашувам, кога Брисел ќе рече – продолжете со имплементација, што е тоа што не сме имплементирале? Тука има секогаш различни гледишта, од тоа дека нормативниот дел е потполно имплементиран, некој ќе рече тоа е динамична категорија тука постојано ќе има нешто и не треба да се сфати како еднаш засекогаш даден и имплементиран и сега дали Рамковниот договор е имплементиран или не е? И што уште ни недостасува?

Затоа за да нема вакви разлики ни е потреба стратешка рамка. Ние имаме Рамковен договор и мерки кои мора да ги направиме. После толку годни ние мора да имаме пресек и да постигнеме договор до каде сме и мора да се договориме кои се следните мерки, бидејќи можеби кога некој говори за понатамошно спроведување на Рамковниот договор, говори за повеќе специјалци од етничките заедници во специјалните единици на МВР или на АРМ. Можеби кога некој друг говори за понатамошно спроведување, говори за спроведување на стратегијата за интегрирано образование, кој е донесена, меѓутоа речиси ниедна мерка од таа стратегија не е спроведена, надвор од поединечни случаи. Дел од спроведувањето е конструктивно решавање на проблемите, а ние имаме на пример проблем со именувањето на училиштата. За мене спроведување на Рамковниот договор е на конструктивен начин да најдеме институционален начин за решавање. Дали треба законското решение да го подобриме, дали има пропусти во него, дали постои анализа за тоа колку училишта има и како се викаат, дали имињата се соодветни или не, значи зборуваме веќе за еден поголем квалитет на анализата и на она што следува понатаму. Меѓутоа оние клучни предизвици за одразеноста на мултикултурата во јавноста, ние сè уште имаме неприфаќање на тоа претставник на етничка заедница за биде претседател на Собрание, или на држава или на влада, но за ДУИ е прифатливо заменикот на министерот за спроведување на Рамковниот договор да биде неалбанец, бидејќи тоа е излегување надвор од нашите шаблони на размислување – претседателот треба да биде Македонец, заменикот Албанец итн. Значи дали може да излеземе од старите сфаќања и шаблони или малку по малку да одиме кон еден мерит систем кадешто е важно луѓето да ги спроведуваат работите.

Дали охридскиот рамковен договор денеска ни нуди поголемо спокојство во однос на меѓуетничките односи и соживотот? Ја зголемивме ли ние нашата безбедност?

Во однос на безбедноста мислам дека е зголемена, меѓутоа доколку придобивките од Рамковниот договор не се спуштат кон подолните, посиромашните општествени слоеви, доколку нема намалување на невработеноста, на сиромаштијата, конфликтниот потенцијал повторно ќе се јави. Да дадам само еден пример од Општина Липково. Општина Липково според последните достапни податоци, 95 отсто од околу 30 илјади жители колку што има општината се со осмолетка или со помалку од осмолетка, најголем дел се невработени, такви општини има уште неколку во северна Македонија. И во една таква социо-економска структура, лесно е да запалите, да поттикнете конфликт, зборувам за конфликт инспириран од страна, не од домашно инспириран, бидејќи социјалната состојба таму е лесно запаллива. Зад многу од тоа што ние го гледаме како меѓуетнички конфликти, мислам дека длабоко вкоренетите причини се социјални проблеми кои ние мора да ги решаваме.

XS
SM
MD
LG