Достапни линкови

Слаб интерес за домашното жито на стартот од откупот


Годинава е една од ретките кога полињата дадоа рекордни приноси од три тони пченица од хектар. Складиштата стануваат претесни, а откупувачи скоро и да нема, велат земјоделците.

Соседните држави се соочуваат со недостиг на лебно зрно поради поплавите, а амбарите во Пелагониско тежат од жито. Годинава е една од ретките кога полињата дадоа рекордни приноси од по три тони од хектар. Складиштата стануваат претесни, а откупувачи скоро и да нема, велат земјоделците од Пелагониско.

Сите сме во паника, чекаме. Свртив на неколку мобилни телефони на откупувачи со кои контактирам. Јави се кај едниот, вели десет денари, јави се кај другиот, исто.
Драги Стефановски, земјоделец од село Гермијан.

Драги Стефановски, земјоделец од село Гермијан.

„Сите сме во паника, чекаме. Свртив на неколку мобилни телефони на откупувачи со кои контактирам. Јави се кај едниот, вели десет денари, јави се кај другиот, исто. Добро е да гледаат на хектолитарска тежина. Житото ќе се откупи, но треба да седи по амбари, гаражи и да чекаме. Потоа доаѓа до уцени со цената - ако сакаш да го земеме, толку ќе ти платиме и слично“, вели земјоделецот Драги Стефановски.

Лани ни го откупија трговци од Албанија. Како сакаа доаѓаа, плаќаа по 9 денари за килограм, но плаќаа веднаш без одбитоци.

„Нема ни купци, ни ништо. Лани ни го откупија трговци од Албанија. Како сакаа доаѓаа, плаќаа по 9 денари за килограм, но плаќаа веднаш без одбитоци. Но, годинава никој не се интересира и сме на нула. Сме загрижени дека ќе го изедат глувците. Јас сум пензионер, но работам земјоделие за да им помогнам на синовите и внуците. Од Владата велат дека ќе се откупи, дека има цени, но на терен засега нема ништо“, вели Злате Љамовски од пелагониското село Гермијан.

Според последните преговори, препорачаната откупна цена на пченицата, според хектолитарска тежина, треба да се движи меѓу 10 и 13 денари за килограм. Но, земјоделците велат дека според првичните најави житото ќе се откупува со просечна цена од 10 денари. Годинава не важи врзаниот увоз, односно за секој увезен килограм пченица или брашно, мелничарите да мораат да купуваат одредени количини и од домашниот род. Сепак останува надежта дека мелничарите ќе пројават интерес за домашното жито, зашто Србија, земјата од каде до лани се увезуваа дури 40 проценти од потребните количини пченица во земјава, годинава нема да им род за извоз.

Дел од мелничарите во земјава велат дека уште ги трошат резервите од жито и дека за скоро време ќе се интензивира откупот на домашното лебно зрно.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG