Достапни линкови

Неделен печат - Меркел и спорот за името


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Најавата за вклучување на германската канцеларка Ангела Меркел во решавањето на спорот за името е тема за анализа во Глобус и во Република. Фокус ги анализира илинденските пораки на државниот врв.

Глобус - Меркел нè става до ѕид

Ако Меркел тргне во осма офанзива“ - секако нема да застане, зашто во прашање се нејзината репутација и стратегија.
Глобус.

„Меркел нè става до ѕид“ - тврди авторот на текстот во најновиот он-лајн Глобус за тоа да го поткрепи со забелешката дека, ако постојано бараме помош од западните сојузници во спорот за името - некој тоа и ќе го стори. Германската канцеларка тоа го најави како „разумен компромис“, кој ќе биде болен за двете страни. Неделникот смета дека сега се на потег оние кои ја бараа помошта и кои сега „болно молчат“, како и оние кои „името не го даваат“, кои за оваа ситуација кога сме ставени пред конкретно решение или ја напаѓаат германската канцеларка или претседателот Иванов „што чепкал мечка“. Откако ги набројува недоличните реакции на некои „задолжени за тоа“, авторот предвидува дека „ако Меркел тргне во осма офанзива“ - секако нема да застане, зашто во прашање се нејзината репутација и стратегија. И Иванов и Груевски треба да се подготвени за следните чекори, но за тоа имаат време само до крајот на август, кога следува следното соочување со студените очи на канцеларката во Берлин. „Да погодуваме ли зошто во последно време премиерот не ја користи неговата вештачка насмевка?“, прашува на крајот авторот на текстот во Глобус.

Иако лично нема ниту трошка разбирање за апсурдноста во грчките барања, кои се граничат со садизам, јавната комуникација влегува во паралелна димензија во која главна улога имаат формата и организациските правила на игра.
Република.

Република - Европа не смее да замижи пред грчкиот холокауст

Претстојниот самит на највисоките претставници на земјите на Западен Балкан, во Берлин, во организација на германската канцеларка, го спомнува и Република во текстот насловен со: „Европа не смее да замижи пред грчкиот холокауст“. Авторот стои на становиште дека „македонскиот идентитет се става на маса“ иако светската јавност точно го препознавала изворот на проблемот околу таканареченото прашање за името. „Иако лично нема ниту трошка разбирање за апсурдноста во грчките барања, кои се граничат со садизам“, продолжува авторот на текстот, „јавната комуникација влегува во паралелна димензија во која главна улога имаат формата и организациските правила на игра. Но, кога веќе македонскиот идентитет се става на маса, не смее да се дозволи тие да бидат пречка за да се застане на патот на нов холокауст“, порачува Република.

Фокус - Не ни требаат нови Илиндени, туку нови војводи

За пораките од 2 Август, но поврзани со името и идентитетот на државава и нацијата пишува и во Фокус, во текстот со наслов: „Не ни требаат нови Илиндени, туку нови војводи“. Авторот потсетува дека идентитетот на една модерна нација не може да се избрише со гумичка ако се брани со вистинските илинденски идеали. Всушност, се прашува авторот, „чуму ни е антислободарски и антидемократски македонски идентитет? Не можам никако да бидам горд Македонец, антички или словенски сеедно, кој своите политички противници ги егзекутира во македонските медиумски и судски ’матхаузени‘ и ’аушвици‘, каде што се погребуваат слободата, демократијата и правдата!“ - резигнирано извикува авторот на текстот во Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG