Достапни линкови

Македонска премиера на филм за Свети Кирил и Методиј


„Апостоли на Словените – двајца браќа една животна мисија“ е насловен новиот историски филм за светите браќа Кирил и Методиј на чешкиот режисер Петр Николаев чија македонска премиера е планирано да се одржи во четврток, на 7 август, од 21 часот, во Центарот за култура „Глигор Прличев“, во рамките на годинешното 54-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во времето кога од црквата биле прифатени само три јазици и христијанството било во криза, светите браќа Кирил и Методиј ја започнаа својата историска мисија, која на крајот промени сè.

Кога го видовме филмот на телевизија воопшто не се двоумевме дека треба да го донесеме во Македонија за да го види и почувствува овдешната публика, целиот македонски народ. Направивме напори со колегата Александар да го преведеме и потоа да бидеме спонзори на „Охридско лето“ за да во негови рамките се случи и оваа промоција за која влезот за сите посетители е слободен.

Вооружени со нивната голема верба и љубов, а соочени со грубата и тешка реалност од тогашното владеење и со гневот на една моќна империја, на оваа мисија се роди една нова азбука.

Еве, денеска тие се вратија, а всушност и секогаш се тука, како никогаш и да не заминале и да не` не оставиле.

Ова ќе го забележи реномираниот чешки автор Петр Николаев во писанието за својот нов историски филм за светите браќа Кирил и Методиј насловен како „Апостоли на словените – двајца браќа една животна мисија“, а чија македонска премиера треба да се обистини овој четврток, во Центарот за култура „Глигор Прличев“, во рамките на актуелното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Роден на 11 мај 1957 година во Прага, Петр Николаев е режисер, писател и по малку дури и актер. Најпознат е по филмовите како „Лидице“ ( 2011), „Ќе стане полошо“ (2007) и „Прекрасните години кучешки живот“ (1997).

Филмот „Апостоли на Словените – двајца браќа една животна мисија“ беше снимен по повод 1150-годишнината од почетокот на мисијата на Кирил и Методиј и се бави со прикажување на нивните дела во ширењето на словенската писменост.

Делото, чиј продуцент е познатиот Виктор Криштов, е всушност копродукциски зафат на Чешката телевизија со Радио-телевизија Словачка, „Алеф филм“ и „Медија“, рускиот „Еверест филм“, „Аталанта“ од Словенија и чешкото „Баранов студио“ и со успех беше прикажано во овие земји.

Македонската премиера на филмот за светите Кирил и Методиј, пак, ќе се случи благодарение на Јован Буџакоски и Александар Глигуроски, охриѓани кои веќе 15 години успешно ја водат фирмата „Буџак“ с.р.о во Прага, Чешка.

„Кога го видовме филмот на телевизија воопшто не се двоумевме дека треба да го донесеме во Македонија за да го види и почувствува овдешната публика, целиот македонски народ. Направивме напори со колегата Александар да го преведеме и потоа да бидеме спонзори на „Охридско лето“ за да во негови рамките се случи и оваа промоција за која влезот за сите посетители е слободен“, истакнува Јован Буџакоски.

Но, она што е е особено интересно е што тој и неговиот бизнис партнер Глигуроски го најавуваат и продолжувањето на раскажувањето на сторијата за словенските просветители и нивните ученици, всушност снимањето на филмот за Свети Климент и Свети Наум Охридски. Режисер на филмот треба да биде Милчо Манчевски, сценариото се работи во Чешка, а најголем дел од снимањето на ова остварување ќе се одвива во Охрид, каде несомнено треба да се очекува и неговата светска премиера.

„Во тек се подготовките - пишувањето на сценариото и планирањето на филмските сцени низ Охрид и во Македонија. Се работи за македонско-чешка копродукција, а нам целта ни е со ова остварување што ќе почне да се снима некаде кон крајот на годината ликовите и делата на овие наши светци – Свети Климент и Свети Наум Охридски, градот под Самоиловата тврдина и историјата македонска да бидат на вистинскиот начин претставени на филмското платно“, вели Буџакоски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG