Достапни линкови

logo-print

Иванов:Илузија е да се бара одговор на македонското прашање без Македонија и Македонците


Славењето на првиот Илинден, неминовно е славење и на вториот и третиот македонски Илинден, зашто Илинден не е само Илинденското востание од 1903-та. Илинден е и државотворниот АСНОМ од 1944 и независна и суверена Република Македонија од 1991 година, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во Скопје.

- Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода- рече претседателот на државата во обраќањето пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.

За судењето на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Ченто Иванов рече дека е и пресуда за АСНОМ, кој ги даде институциите и Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија и кој и денес не обврзувал дијалогот и соработката да ги водиме во институциите на државата.

- АСНОМ стана симбол на слободата и израз на суверенитетот на македонската држава...беше краток блесок на суверената и државотворна волја. Блесок што беше засенет од еден режим што проголта многу слободоумни македонски патриоти, луѓе од народот, кои најдобро знаеја што сака народот. Првиот меѓу нив беше Методија Андонов-Ченто- рече шефот на државата.

Сите кои изгинаа, борејќи се за сонот, додаде Иванов, во наследство ни оставија два завета. Првиот завет е да ја чуваме Македонија а вториот завет е да ја направиме Македонија просперитетна и побогата.

- Слободата не е подарок. Таа е најдлабока почит кон предците, самопрегор пред предизвиците и одговорност кон идните поколенија... Некои сè уште живеат во илузии и бараат одговор на македонското прашање без Македонија и без Македонците, без македонскиот јазик и без македонскиот идентитет. Поставуваат прашање што веќе е одговорено, несвесни дека секогаш ќе се соочат со истиот недвосмислен одговор. Одговор што го дадовме на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година... Како што илинденците се бореа против ропство за слобода, како што АСНОМ-ците борејќи се против фашизмот и нацизмот се изборија за држава, така и ние, борејќи се за правда и за човечко достоинство, ќе се избориме за напредна, европска и евроатлантска Република Македонија- истакна Иванов.

Во обраќањето претседателот порача да се чува мирот и соживотот и Македонија да се изгради во економски силна и развиена држава во која младите ќе имаат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства, земја на нови знаења и инвестиции и на повеќе работни места.

XS
SM
MD
LG