Достапни линкови

Влечките на Александар


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.
Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Нашите дома многу добро ги знаат трите постулати потребни за функционирање на една држава: народ, територија и власт. Што ли ќе правите кога нема да имате народ за владеење?, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во рамките на прославата на Илинден, власта организира разни свечености со пратечка кореографија за која за глава би се фатиле и Гоце и Александар заедно. Млади луѓе облечени како војниците на Александар сосе штитови, копја и штитници на потколениците, но со еден голем пропуст: облечени во обични влечки за по дома. Можеби костимографите мислеле дека или нема да го забележиме тој срам или, пак, влечките од сегашно време најмногу личат на античките сандали.

Ако власта смета дека со неа сè почнува, и сè се завршува, барем капиталните инвестиции нека бидат побројни и повидливи од злоупотребата на државниот буџет и некорисните градби.

Наспроти ова Плоштад слобода организира прошетка низ манијакалните споменици од проектот „2014“ под мотото „Со ваши пари Скопје се гради“. Ова мото е создадено во времето на СФРЈ кога синоним за град кој се гради беше Белград, а сите останати низ Југославија работеа за него. Но, ако се погледне сега, Белград изгледа прекрасно во споредба со Скопје сега. Никој во Македонија не би коментирал ако парите кои власта толку посветено ги собира од народот, ги инвестира во навистина капитални инвестиции, а не во споменици кои во никој поглед немаат некаква корист, ниту за градот, ниту за земјата. Ако власта смета дека со неа сè почнува, и сè се завршува, барем капиталните инвестиции нека бидат побројни и повидливи од злоупотребата на државниот буџет и некорисните градби.

Како ќе забележите дека власта пак се бори со дефицит во буџетот? По војската инспекции пуштена во погон. Кој е тој резон кој нередовно пушта инспекции на терен и дополнително во очи на големи верски празници како Велигден на пример? Дали на власта и се покорисни казните од 30 илјади евра по дуќан и забрана за работа од еден месец или редовните плаќања на данок од истите? Или пак промените во Законот за ДДВ со сигурност ќе донесат повеќе пари во буџетот на подолг рок, а нема негативно да влијаат врз малите бизниси и така веќе сиромашниот сектор уште повеќе ќе го осиромашат? А што во врска со повратот на ДДВ? Дали како што Хрватска го објави списокот на фирмите кои не исплаќаат плата, треба нашиот приватен сектор да објави список на долгот на државата кон приватниот сектор? Долгот на државата расте и внатрешно и надворешно, а црните предвидувања дека следната година ќе влеземе во криза воопшто не ги вознемируваат властодршците. Не знам дали тогаш ќе ги намалат пензиите и платите на своите партиски војници затоа што тие се единствената категорија која е финансирана од нив и која им е сигурна гласачка машинерија.

нашите дома многу добро ги знаат трите постулати потребни за функционирање на една држава: народ, територија и власт. Што ли ќе правите кога нема да имате народ за владеење?

Не можете да се гордеете со грозоморниот факт дека работната рака во Македонија е поевтина од таа во Кина. За волја на суровата вистина, Кина има избор на работници помеѓу милијарда луѓе, додека ние сме едно предградие на Пекинг. Ниту, пак, можете да се фалите со странските инвестиции затоа што совршено ги криете условите под кои се потпишани тие договори. Случајот со малтретираните работници во Дрекселмајер го кажува тоа. Германските сопственици или навистина не знаат или воопшто не ги интересира во кои услови и за која плата работат работниците во нивните погони во Македонија. Профитот е ветен и договорен, нив не ги интересира под кои услови ќе биде создаден и испорачан. А гоничите на робови се ваши, вие вработувате и вие отпуштате. Ако не ти се допаѓаат условите, оди си, има други кои ќе работат, тоа се нивните одговори.

Ова што го наведов се само делчиња од мозаикот на суровото секојдневие на македонскиот човек. Сурово секојдневие кое навистина го поставува прашањето дали имаме власт која ја заслужуваме или нешто некаде сме згрешиле. Иселувањата на работната рака ќе продолжат со горчливиот вкус на сознанието дека некој друг, таму, што не те познава, повеќе те цени како вработен отколку твоите дома. А нашите дома многу добро ги знаат трите постулати потребни за функционирање на една држава: народ, територија и власт. Што ли ќе правите кога нема да имате народ за владеење? Дотогаш, поважни ќе бидат влечките на Александар.

XS
SM
MD
LG