Достапни линкови

Македонија ги слави двата Илиндена


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Празникот од денешен аспект добива сè повеќе на значење, велат историчарите, зашто покажува дека Македонија не е вештачка творба, туку дека настанала од идеалите на Македонците низ историјата.

Под мотото „Од сон до сонце“ годинава се одбележуваат двата Илиндена. Празникот од денешен аспект добива сè повеќе на значење, велат историчарите, зашто покажува дека Македонија не е вештачка творба, туку дека настанала од идеалите на Македонците низ историјата.

Денеска најмногу се борат за материјалните добра, за политиката и за државата не баш многу, дури имам впечаток дека политичарите кои се на добри позиции каде што ќе можат повеќе да печалат пари, повеќе се заинтересирани за нивната работа и печалбата, отколку за државата.
Анкетиран граѓанин.

Тој е истовремено и повик за обединување до денешните Македонци и повик за достоинствено одржување на колективната меморија која е основа на македонската држава. Дали тоа уште еднаш само пригодно ќе се актуелизира, а потоа ќе се заборави, се прашуваат историчарите, уште еднаш апелирајќи дека овој ден ја носи јасната порака дека само преку единство се постигнуваат националните интереси и се чува и зајакнува државата.

Манастирот Св. Прохор Пчињски каде што се одржа Второто заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.
Манастирот Св. Прохор Пчињски каде што се одржа Второто заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.

Тој чин којшто еве и по 70 години не може да се протолкува поинаку освен како чин каде што македонскиот народ за првпат во својата современа историја формира сопствена држава, со македонски идентитет, со македонски јазик каде што беше официјализирано постоењето на македонскиот народ.
Тодор Чепреганов, историчар.

Македонија слави 70 години до АСНОМ и 111 години од илинденското востание. Втори август е клучен датум за остварување на идеалите на македонскиот народ и за континуитетот на идејата за реализирање на македонската држава и врвен дострел во тој контекст. Ова е и датум кој ги демантира тврдењата за тоа дека Македонија е вештачка творба, велат историчарите и тоа го прави особено значен. Генерациите што следеа не знаеја секогаш адекватно да се однесуваат кон борците кои ја извојуваа слободата, имаше грешки и рехабилитации. Голема е дилемата дали и денешните генерации покажуваат достојна почит кон идеалите за кои се бореа претходниците.

Илустрација: Ослободување на Скопје на 13 ноември 1944 година.
Илустрација: Ослободување на Скопје на 13 ноември 1944 година.

„Денеска најмногу се борат за материјалните добра, за политиката и за државата не баш многу, дури имам впечаток дека политичарите кои се на добри позиции каде што ќе можат повеќе да печалат пари, повеќе се заинтересирани за нивната работа и печалбата, отколку за државата.“

Треба ние да признаеме дека сме Бугари, дека Илинденското востание е бугарско и со тоа е завршена работата, меѓутоа тоа не е завршено, не е тоа вистината.
Новица Вељановски, историчар.

„Што остана тука во Македонија? Што? Секаде се бара партиска припадност“, велат анкетираните граѓани.

Мотото на годинешната прослава на двата Илиндена е „од сон до сонце“. Асоцијациите се јасни. Сè започнува од сонот на револуционерите и борците од НОБ и се заокружува со 91-та. Денеска македонскиот народ има своја држава и македонските граѓани нови соништа.

„Да се сочува македонската држава, граѓаните да имаат подобар стандард и нормално демократијата да функционира на степен како што замислиле правите демократи.“

Ние тука нема ништо што да делиме, меѓутоа во моментот кога Бугарија ќе излезе од своите корени кои сè уште се во 19 век и ќе прифати дека ние сме Македонци, дека не сме измислени ниту од Тито, ниту од Коминтерната, тогаш ќе можеме сè да славиме заедно.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

„Не се бореше овој народ за кога ќе бидеме во пензија да немаме пари за лекови“, велат анкетираните граѓани.

Идеалите се сосема поинакви, егзистираат кај малкумина, кај повеќето се препознава само грижа за сопствените интереси, велат граѓаните. Нивните соништа се остваруваат многу бавно, или по принципот два чекори напред три назад, коментираат дел од граѓаните.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

„Бавно, да не речам застанато е.“

„Сите избегаа надвор“, велат граѓаните.

Двата Илиндена се датуми кои ја носат државотворноста и кои се производ на обединувањето на сите македонски сили кои од средината на 19 век, па сè до 1944 се бореа за формирање македонска држава со македонски идентитет и афирмација на Македонија како рамноправен член на светското семејство. Затоа, од денешен аспект тие имаат уште поголемо значење, посочува историчарот Тодор Чепреганов.

„Тој чин којшто еве и по 70 години не може да се протолкува поинаку освен како чин каде што македонскиот народ за првпат во својата современа историја формира сопствена држава, со македонски идентитет, со македонски јазик каде што беше официјализирано постоењето на македонскиот народ, а не како што некои сакаат да тврдат дека Македонија е титова творба или творба на Коминтерната“, вели Чепреганов.

Јасно е, посочува Чепреганов, дека Илинден е празник кој му припаѓа на македонскиот народ. Но, како што тоа обично се случува на Балканот, историјата често да се исполитизира, неколку месеци пред годинашното одбележување, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев испрати писмо во кое побара Бугарија и Македонија заеднички да го прослават големиот празник. Во позадината на ваквите официјални пораки од Софија неофицијално се шири и приказната дека ваквиот чекор е тесно поврзан со нашето расположение и конкретни чекори за подобрување на добрососедските односи, а во контекст на ЕУ агендата. Во изминатиот период бугарскиот премиер и шеф на државата неколкупати бараа владата на Никола Груевски да направи напори да се потпише Договорот за добрососедство, а како дел од тоа бугарската страна очекува и покана за учество на илинденските свечености. Од македонска страна не е испратен каков и да е одговор на овие барања. Од кабинетот на претседателот само уште еднаш непосредно пред празникот ни повторија дека нема ништо ново во однос на претходно изнесениот став. Претседателот останува целосно ангажиран во насока на реализација на иницијативите кои беа разменети меѓу него и Плевнелиев, беше претходно изнесениот став при што се додава и дека двајцата претседатели неодамна размениле писма со иницијативи околу трансформирањето на декларацијата во договор, околу негово потпишување и заедничко славење на настани од минатото, без да се спомене Илинден. Потсетувајќи на заедничкото одбележување на Св. Кирил и Методиј во Рим, од кабинетот на Иванов наведуваат дека тој пример отвора можност на таков начин да се чествуваат и други настани од минатото.

Академиите на двете земји меѓутоа најдоа заеднички јазик по ова прашање и изразија подготвеност за заедничко славење на Илинденското востание. Иако претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, зборуваше за научна толеранција и изградба на научни гледишта, историчарите и јавноста имаа поделени гледишта околу изнесените гледишта на академиците. Македонската дијаспора остро се спротивстави. Во контекст на остварување подобра меѓусебна комуникација, Чепреганов ги поздрави, сепак сосема свесен дека историјата е првото средство кое на балканските политичари им служи кога сакаат да предизвикаат одредени тензии.

Професор Новица Вељановски, пак, изјавите ги гледа како израз на недоволна упатеност во историските факти и површно засегнување на прашањето.

„Ниту нивниот претседател на Академијата Воденичаров, ниту нашиот Камбовски се доволно упатени во историографските проблеми. На ниво на академии може да се разговара, ама тоа нешто декларативно и како да се случува некаде и некому, а не како нам да ни се случува. Кога ние ќе седнеме конкретно да разговараме, треба ние да признаеме дека сме Бугари, дека Илинденското востание е бугарско и со тоа е завршена работата, меѓутоа тоа не е завршено, не е тоа вистината. Тие не навлегуваат во конкретни ситуации, само така описно и декларативно се задржуваат на прашањата, маргинално го засегнуваат“, вели тој.

Инаку, од историска гледна точка е невозможно да се најде начин за заедничко прославување на Илинден меѓу Македонија и Бугарија, посочува Вељановски и од таа гледна точка не гледа причина да се отвора ова прашање, зашто тоа, според него, нема ниту потенцијал да биде основен фактор на зближување меѓу двете земји.

Илинден е автохтон македонски настан и симбол на македонската држава и затоа тука нема место за заедничко прославување е на мислење и поранешниот дипломат Ристо Никовски, особено, како што вели, од аспект на денешните ставови на Бугарија кон нашата земја.

„Ние тука нема ништо што да делиме, меѓутоа во моментот кога Бугарија ќе излезе од своите корени кои сè уште се во 19 век и ќе прифати дека ние сме Македонци, дека не сме измислени ниту од Тито, ниту од Коминтерната, тогаш ќе можеме сè да славиме заедно и да дојдат и да зборуваат ако треба на Илинден во Крушево, сè до тој момент заеднички прослави на сè што е спорно меѓу двете земји, не е возможно и не смее да се дозволи“, вели Никовски.

Многу настани и личности во историјата се испреплетуваат и се мешаат, додава Никовски, но во однос на Бугарија најважен е аргументот дека македонското прашање е на маса повеќе од 150 години.

Македонија повеќе не инсистира на одбележување на годишнината од второто заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчињски, поради негативните одговори што ги добиваше изминатите години од Српската православна црква.

Според протоколот, годинава премиерот Груевски пораките до македонските граѓани ги испраќа од Пелинце, претседателот Иванов од Скопје, а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски од Крушево.

Илинден по својата содржина е датум кој потсетува на потребата од единство, вели историчарот Тодор Чепреганов, зашто во дадените историски моменти Македонците ја препознале шансата дека со сплотеност се гради држава.

„Пораката што ја праќа 1944 е дека само со единство може да се реализираат националните работи коишто ѝ се потребни на една држава. Единството е тоа што ја прави целината на една држава, за жал ние тоа денеска го немаме и мислам дека тие пораки само така ни поминуваат, ги слушаме само на одредени поводи за чествување“, вели Чепреганов.

Со идеалите на претходниците како да сме скарани, а без тоа тешко ќе опстоиме. Тоа што го направи историјата и го остави во колективна меморија, треба да се продолжи, посочува Чепреганов.

„Идеалите некако денеска како да ги нема, меѓутоа без идеал тешко ќе може да опстоите. Тоа треба да се продолжи низ процесот на образование. Тој треба да биде тој механизам кој ќе го гради тој национален, граѓански идентитет на која било држава“, вели Чепреганов.

Се поставува прашањето дали денеска ни требаат такви ревелуционери.

„Ни требаат, но кај се? Избегаа надвор, сите избегаа, сè што беше паметно избега надвор.“

„Пораките се едно, праксата е друго, ние сè уште немаме единство кај македонскиот народ, значи едно се зборува, а во пракса имаме други ситуации“, велат анкетираните граѓани.

XS
SM
MD
LG