Достапни линкови

Важни закони на мала врата


Илустрација.

Илустрација.

Експресното носење на важни закони од повеќе области без присуство на опозицијата, според правниците, е проблематично зашто го доведува во прашање нивниот квалитет и легитимитет.

Тоа што во последните неколку дена експресно се донесоа неколку важни закони од повеќе области, според правните експерти, е проблематично зашто го доведува во прашање нивниот квалитет и легитимитет. Ваквата појава не е не е нова во македонскиот парламент, потсетува професор Осман Кадриу.

Ако е парламентот седиште на опозицијата, а опозицијата ја нема, тогаш се доведува во прашање и легитимитетот на законите, од правен аспект не толку, но од политички аспект секогаш има потенцијална можност тие закони да не бидат квалитетни.

„Од 2008 година кога се случи исто така во втората половина од годината да се донесе енормно голем број на закони и сега тие се повикуваат на потребите одредени односи да се уредуваат според новонастанатите состојби и исто така се повикуваат на наводна хармонизација со европското право“, изјави Кадриу, според кого е апсолутно недопустливо без дебата и без каква било расправа, а особено без присуство на опозицијата, да се донесуваат закони по брза постапка и тоа од повеќе причини.

Сакаат секогаш нешто што е во потесен интерес на власта во тој момент да го протнат на мала врата, бидејќи власта влегува во сериозни финансиски проблеми и тешкотии кои веројатно ќе се рефлектираат, ако не за една, за повеќе години.

„Ако е парламентот седиште на опозицијата, а опозицијата ја нема, тогаш се доведува во прашање и легитимитетот на законите, од правен аспект не толку, но од политички аспект секогаш има потенцијална можност тие закони да не бидат квалитетни, да не бидат соодветни на состојбите што ги уредуваме со тие закони“, вели Кадриу.

Нема сомнеж дека тоа негативно ќе се рефлектира пред меѓународната јавност и во рамките на Европската унија, од каде што постојано се инсистира на функционални институции на системот и на хармонизација на македонското со европското законодавство, вели поранешниот пратеник Тито Петковски.

„Тие мислам дека апсолутно не се заинтересирани Македонија да почне преговори, бидејќи квалитетот на законите сериозно заостанува зад она што се очекува од нас во овој период и нема да биде никакво изненадување ако се повтори истата оценка од претходниот извештај“, вели тој.

Власта без никаква најава ги прави ваквите измени, укажува Петковски, според кого, само тесно-партсиките интереси се причина за итноста од донесување на законите.

„Сакаат секогаш нешто што е во потесен интерес на власта во тој момент да го протнат на мала врата, бидејќи власта влегува во сериозни финансиски проблеми и тешкотии кои веројатно ќе се рефлектираат, ако не за една, за повеќе години“, вели Петковски.

Во последните неколку дена Собранието по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за работните односи, на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и дополнувањата на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и на Законот за здравствено осигурување. Исто така Собранието ја почна и процедурата за уставни измени, а вчера даде зелено светло за измените на законите за основно, средно и високо образование.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG