Достапни линкови

Албанскиот парламент го донесе законот за нова територијална поделба


На вчерашната седница, последна пред летните одмори, без присуство на опозицијата, која ја бојкотира работата на парламентот, албанските пратеници го изгласаа Законот за нова административно-територијална поделба на Албанија. Законот беше донесен со 88 гласови „за“, еден против и еден воздржан.

Против беше потпретседателот на парламенотот и лидер на партијата за заштита на човековите права (партија на Грците) Вангел Дуле, кој смета дека новиот закон е насочен кон асимилација на малцинствата и оти не се почитуваат меѓународните стандарди за малцински права. Тој најави одржување референдум за општина Химара.

Пратениците кои го подржаа овој акт, како и премиерот Еди Рама законот го оценија како историска реформа, која е во интерес на сите. Реплицирајќи на обвинувањата на Дуле, Рама рече дека формирање три општини на малцинствата зборува многу за почитувањето на правата на малцинствата.

Со новиот закон Албанија има 61 општина. Од општините каде што живеат Македонци, само Пустец останува самостојна. Трите општини во областа Голо Брдо, Стеблево, Требиште и Острени, се припојуваат кон други општини, исто како и Шиштавец, Топојан и Запот во областа Гора. Партијата и здруженијата на Македонците во повеќе наврати го кажаа својот став дека се против владиниот предлог барајќи да се формираат општина Голо Брдо и општина Гора. По донесувањето на законот тие најавуваат барање за ревизија од меѓународни институции.

XS
SM
MD
LG