Достапни линкови

Цеца и(ли) Вока пипл во древниот Охрид


Што им е заедничко на Цеца и „ВОКА ПИПЛ“. Речиси ништо. Ги врзува само тоа што обата, сепак комерцијални проекти ќе му се случат на (суб)културен Охрид и на веќе бројните гости во една единствена ноќ. На 1 август, оваа 2014 година. Ноќта спроти големиот македонски национален празник „Илинден“. И, ете тука е јазолот.

Да се разбереме не е никаква новина дека Република Македонија полека, но систематски се претвори во Мека за бившо-југословенките (читај српските) турбо-фолк и турбо-поп ѕвезди. Ниту дека тие влегуваа со амин на градоначалниците на неколку наши градови кога овие сем дебелиот хонорар, само за една фотографија во весниците, им даруваа и скапи уметнички предмети небаре дошле како „ослободители на духот народен“. И, тоа се во името на „добивката“.

Но, она што, за жал, се претвора во ставање сол на отворена рана е фактот што настапи ера кога без нивното присуство не може да се замисли атмосферата во пресрет или токму на одбележувањето на некој од големите национални македонски празници. Како Илинден на пример.

Без и малку да си ја чукнат главата дека така генерациите ги внесуваат сè подлабоко во провинцијалниот вртлог од кој тешко дека некој кренал глава. Но, она што, за жал, се претвора во ставање сол на отворена рана е фактот што настапи ера кога без нивното присуство не може да се замисли атмосферата во пресрет или токму на одбележувањето на некој од големите национални македонски празници. Како Илинден на пример.

Наспроти ваквото трансоидно величење на балканштината, на некои „други“ кои сè повеќе почнуваат да се чувствуваат како заталкани во оваа наша звуковна и општествена какофоничност, ќе им се случи и ракување со широкиот свет.

​И, конкретно во случајов, на Билјанините Извори, во древниот Охрид, несомнено пред многуилјадна публика, силиконите и долгите нозе ќе ги прошета Светлана Ражњатовиќ. Аркановата вдовица. Жената која е синоним за турбо-фолк тиранијата на овој разулавен Балкан и која мнозина со право ја сметаат за симбол на авторитарноста и страховладението на Вождот, кој „недозволувајќи никому да го тепа неговиот народ“ ги турна и него и сите останати во деветтиот круг од Пеколот.

И, за неа толку, со забелешка дека и овој пат богато наградена ќе ја катапултира анималноста во недоглед и ќе ги подучи бројните свои овдешни клонови како (со или без песна на ботоксираните набабрени усни) „да го сторат бегството од сиромаштијата до првата провинцијална меана“.

Наспроти ваквото трансоидно величење на балканштината, на некои „други“ кои сè повеќе почнуваат да се чувствуваат како заталкани во оваа наша звуковна и општествена какофоничност, ќе им се случи и ракување со широкиот свет. На Антички театар, во рамките на фестивалот Охридско лето 2014, ќе гостуваат „ВОКА ПИПЛ“.

Станува збор за интернационален ансамбл кој потекнува од Израел и во чиј вокално-театарски перформанс се комбинирани „а капела“ пеењето со уметноста на модерниот битбокс кој ги имитира звуците на цел еден оркестар – тапани, труби, гитари и други инструменти и музички ефекти. Сето тоа направено со многу шарм, енергија и духовитост, при што ансамблот во својата уникатна програма си поигрува со над 70 хитови, незаборавни песни и мелодии од историјата на популарната музика.

„Вока Пипл“ за себе велат дека се вонземјани кои потекнуваат од далечната планета „Вока“ на која главниот начин на комуникација не е говорот, туку пеењето, звуците и вокалната експресија. Нивното мото е „Животот е музика и музиката е живот“. Со впечатлив изглед во комплетно бели костуми, со исклучок на нивните црвени усни, тие патуваат низ вселената во нивниот вселенски брод кој е придвижуван единствено од моќта на музиката и не случајно пристигнуваат на планетата Земја која има огромен музички репертоар.

Зад себе имаат бројни настапи ширум светот кои се препознатливи и по тоа што ја вклучуваат и самата публика во нивните изведби и додаваат или менуваат ритми во зависност од тоа во која земја настапуваат.

Конечно „Вока Пипл“ се состои од 8 талентирани „музичари-вонземјани“; 3 вокали кои ги презентираат најдобрите женски звуци (алт, мецосопран, сопран) и 3 машки вокали (бас, баритон, тенор). Дополнително, со нив се и двајца битбокс вонземјани со кои заедно создаваат перформанс од чудесни и несекојдневни звуци.

За само три години тие имаа повеќе од 50 милиони прегледувања на „Јутјуб“ и распродадоа повеќе турнеи низ Европа, Северна и Јужна Америка и Далечниот Исток. Шоуто привлече повеќе од милион посетители низ светот и цела година беше дел од „Оф-Бродвеј“ театарот во Њујорк. Конечно, во 2012 година „ВОКА ПИПЛ“ ја освоија наградата „Лосил Лортел“ (Locile Lortel award) за „Извонредно алтернативно доживување“ која ја доделува„Оф-Бродвеј“ театарот во Њујорк, САД.

И, зошто еден ваков исто така комерцијален проект би бил поинаков од оној што се најавува со сите медиумски труби во времево на изместени вредности. Просто и едноставно затоа што треба да не потсети дека треба да го баталиме слепилото и настојчиво да се трудиме да го фрлиме погледот преку плотот. Зад него глобално се отвораат портите и се ѕидаат нови мостови. На пријателство. На разбирање. Се почитуваат музичките јазици и силните уметнички дела. Затоа, наместо самодоволно да се прпелкаме во смрдеата од сопственото буниште, да го разврземе јазолот и да и се вратиме наново и наново на Гоцевата мисла дека „светот го разбира како поле за културен натпревар“. А, тоа е, ќе признаете, многу различно од итроштините и цаките на продавачите на естрадна магла.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG