Достапни линкови

СОНК ќе протестира и покрај притисоците


Се застрашува членството на СОНК да не излегува на утрешните протести пред Министерството за образование. Од СОНК велат дека ништо нема да ги поколеба без разлика што притисоците се жестоки.

Просветните работници кои се спремаат за протестот на 1 август, како предупредување до владата поради наталожените проблеми, се соочуваат со жестоки закани кои треба да го застрашат членството да излезе на протести, велат од СОНК. Професори добивале предупредувања дека ќе добијат отказ од работа, а последици ќе имале и членовите на нивните семејства.

Закани упатени вербално, закани упатени преку мејлови, закани упатени преку пораки, лични закани и закани за семејството. Закани дека некој ќе остане без работа ако излезе на протест, или пак некој член на семејството ќе има судбина што никој не би ја посакал.
Јаким Неделков, претседател на СОНК.

„Имаме доста закани до членството. Закани упатени вербално, закани упатени преку мејлови, закани упатени преку пораки, лични закани и закани за семејството. Закани дека некој ќе остане без работа ако излезе на протест, или пак некој член на семејството ќе има судбина што никој не би ја посакал“, вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Прес конференција на СОНК.
Прес конференција на СОНК.

Тој вели дека не сакаат да излегуваат со поконкретни информации се додека не добијат цврсти докази, но нагласи дека никој не може да им го забрани на членовите правото на протест кое е демократско право. Од СОНК истакнаа дека во ниту еден момент нема да дозволат да бидат спречени јавно да го искажат својот револт.

Зар не жално, зар не е тажно, највисоката интелигенција во државата да се плаши да го каже својот револт јавно.
Јаким Неделков, претседател на СОНК:

„Тоа нас нема да не поколеба, без разлика што притисоците се жестоки, без разлика што знаеме дека нашето членство ќе излезе релативно малку, ќе бидам искрен тука имаше предлози од Советот на СОНК на протест да излезе нашето членство со маски, за не нема никакви последици за наставниците и нивното семејство. Зар не жално, зар не е тажно, највисоката интелигенција во државата да се плаши да го каже својот револт јавно“, прашува Неделков.

Притисоците врз членовите на СОНК да не протестираат доаѓале од директорите на училиштата, а Синдикатот има сознанија и дека автобуси со кои ќе доаѓаат наставниците на протест ќе се расипуваат и ќе бидат сопирани на патарините.

СОНК излегуваат на протест како предупредување до владата не само поради материјалната положба. Тие бараат повисоки плати во предучилишното, основното и средното образование, склучување на колективен договор за да се отстранат незаконските разлики во висината на платите за исто работно место, но протестираат и против екстерното тестирање и политизацијата во образованието.

Раководството на СОНК е загрижено за здравјето на тројцата професори од Економскиот факултет во Штип кои три недели штрајкуваат со глад, а тие ги поддржуваат од самиот почеток.

Во врска со атмосферата во која се одвиваат подготовките за протестот на СОНК, како што наведуваат, им пречи и односот на дел од медиумите кои иако се финансирани со пари од граѓаните го игнорираат најголемиот синдикат или известуваат тенденциозно и невистинито.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG