Достапни линкови

Дневен печат - Нимиц и индустриското производство


Посетата на Нимиц, растот на индустирското производство, годишнината од АСНОМ, политичката криза, се само дел од темите за кои пишуваа весниците.

Среде лето и високи температури на гости ни дојде посредникот на ОН во преговорите за името, Метју Нимиц. Во Скопје дојде оптимистички настроен, барем според изјавите. Дневник објави: „Нимиц: За идентитетот не се преговара“. Вечер напиша: „И Нимиц на истата линија со Меркел и со Груевски: Мојот мандат е за името, ОН не преговараат за идентитет“. Слободен печат, дури, со извик: „Абре луѓе, не се преговара за идентитетот!“ Нова Македонија со психоанализа на оптимизмот на медијаторот: „Нимиц шири оптимизам за да не паднеме во депресија“.

Нимиц шири оптимизам за да не паднеме во депресија.

Но во Атина - друга песна. Утрински наслови: „Нимиц во Атина - нема напредок во преговорите“. Дневник напиша: „По средбата со Венизелос, Нимиц изјави дека нема напредок во разговорите за името“. Еве ја реакцијата на Вечер: „Уште еден доказ дека Грците се кочница - Официјална Атина го топи оптимизмот на Нимиц“.

Само Утрински го објави најновиот Извештај на Стејт департментот за верските слободи во светот, делот за Македонија: „МПЦ фаворизирана од македонските власти - верските прашања сè повеќе се политизираат и тоа придонесува за намалување на верската толеранција“.

СДСМ повторно го одби Вељаноски за враќање во парламентот - на Македонија ѝ се потребни преговори за суштински промени, а не глумење политички дијалог, одговори СДСМ на најновиот повик на Трајко Вељаноски.

„АСНОМ е одредница каква треба да биде државата и заедницата - Оваа мала земја е по род антифашистичка “, потсети Тодор Атанасовски, претседател на Сојузот на борците на Македонија, на седницата по повод 70-годишнината од историскиот АСНОМ, објавува Утрински.

Дневник информира дека „СДСМ повторно го одби Вељаноски за враќање во парламентот - на Македонија ѝ се потребни преговори за суштински промени, а не глумење политички дијалог, одговори СДСМ на најновиот повик на Трајко Вељаноски“, забележа весникот. Утрински пишува: „ВМРО-ДПМНЕ чека на Заев да му побегнат уште пратеници“.

Сите весници, со придавката „оптимистички“ ги објавија резултатите од државна Статистика дека индустриското производство во јуни изнесувало 4,9% и изјавата на Груевски дека растот на индустријата „е добар показател за развој економијата“. Дневник оди со споредби дека, „Соседството сè уште е во криза, кај нас растот на индустријата дојде порано од очекуваното“. Само Слободен печат ги објави податоците на ММФ дека вкупното јавно задолжување во државава е двојно зголемено: „Долгот вивна до 44,8% од БДП. Пред две години бил само 2 милијарди“. Слободен печат го цитира и професорот Беџети кој тврди дека ова зголемување не генерирало и двојно поголем економски развој ниту удвојување на стандардот на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG