Достапни линкови

Драган Даутовски квартет за финале на Илинденски денови


Драган Даутовски квартет.

Драган Даутовски квартет.

44-то издание на Интернационалниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ е планирано да биде заокружено со спектакуларен концерт на ДРАГАН ДАУТОВСКИ КВАРТЕТ в петок, на 1 август, во 20 часот, на сцената на античкиот театар во Хераклеја. Ова ќе биде и прва вистинска промоција на нивниот актуелен албум „Пламен“ пред битолската и воопшто македонската публика.

Професор Драган Даутовски и неговите, сега веќе врвни музички собеседници, Бајса Арифоска, Александра Поповска и Ратко Даутовски, со специјалниот гостин Мартин Јосифовски на контрабас, официјално првата концертна промоција на нивниот актуелен албум „Пламен“ ќе ја сторат во очи на големиот македонски празник – Илинден.

За оваа манифестацијата мене лично ме врзуваат убави спомени бидејќи во неколку наврати сум бил учесник со различни формации.

Драган Даутовски, музичар.

Драган Даутовски, музичар.

Тие својата звуковна магија ќе ја разлеат од сцената во Хераклеја, онаму каде што силно одекнува ехото на традицијата, наедно по којзнае кој пат потврдувајќи дека само вистинските силни уметници знаат како да го сторат самосвојниот исчекор кон милозвучноста и хармонијата во времево и на просторов во кој битисуваме. Ќе го сторат тоа пред публиката, учесниците и гостите на 44-те „Илинденски денови“, манифестацијата која децении наназад претставува несекојдневна смотра на убавините на народната песна и оро.

Во четирите фестивалски вечери ќе го имаме најдоброто од македонскиот фолклор, староградската традиција од нашата држава и силни интернационални групи кои доаѓаат од Холандија, Унгарија, Хрватска, Грузија, Словенија, а еден ексклузивитет обезбедивме со поддршка на Општина Битола, односно гостување на фолклорниот ансамбл „Кумагаја“ од Јапонија.

Згора на тоа, Даутовски постариот, по малку со носталгија, ќе му се врати на времето кога и самиот бил учесник на Фестивалот предводејќи го тогаш оркестарот на народни инструменти - „Миле Коларовски“.

„За оваа манифестацијата мене лично ме врзуваат убави спомени бидејќи во неколку наврати сум бил учесник со различни формации и посебно со оркестарот „Миле Коларовски“. Токму и затоа, иако сите чувствуваме замор од поединечните обврски, решивме позитивно да одговориме на љубезната покана на организаторот - НУ Центар за култура - Битола и ова ќе биде навистина убава прилика конечно концертно да го промовираме она што на носач на звук го ставивме минатата година. Се надевам дека времето ќе не послужи и дека сите заедно ќе уживаме во музиката и нејзината моќ во еден ваков волшебен простор каков што е Хераклеја“, вели Даутовски.

Инаку, во рамките на актуелниот Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кој патем поодамна стигна и до интернационалниот предзнак, во периодот од 29 јули до 1 август, планирано е да настапат над 30-на ансамбли, културно-уметнички друштва и групи од Европа и од светот.

„Илинденски денови е еден од најстарите фестивали во Република Македонија. Манифестација која од година во година сè повеќе расте и во квалитет и во квантитет. Во четирите фестивалски вечери ќе го имаме најдоброто од македонскиот фолклор, староградската традиција од нашата држава и силни интернационални групи кои доаѓаат од Холандија, Унгарија, Хрватска, Грузија, Словенија, а еден ексклузивитет обезбедивме со поддршка на Општина Битола, односно гостување на фолклорниот ансамбл „Кумагаја“ од Јапонија“, истакнува Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура – Битола, организаторот на ова културно случување.

Кон ова само уште информацијата дека првите две фестивалски вечери беа посветени на традиционалната музика и игра, една вечер е резервирана за староградската музика и танц, а официјалниот дел од манифестацијата ќе биде заокружен токму со интернационална вечер. Паралелно, на овој 44-ти фестивал „Илинденски денови“ во Битола, ќе бидат одржани уште неколку сродни културни случувања како „Ехо од дамарите“, „На пладне во чаршија“, „Оро на Широк Сокак“, семинар за традиционална музика и игра и промоција на книгата „Македонските празници и обичаи“ од авторот Марко Китевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG