Достапни линкови

Приштина и Белград за извештајот на Вилијамсон: пат до правдата


Џон Клинт Вилијамсон, главниот обвинител на Специјалниот тим
Џон Клинт Вилијамсон, главниот обвинител на Специјалниот тим

Чекор за крај на некои неосновани обвинувања, се првите реакции во Приштина по извештајот на Специјалниот истражен суд кој дошол до докази против лидерите на ОВК, но не и за трговија со човечки органи. Во Белград за извештајот велат дека е објективен, но оти правдата ќе биде задоволена ако сторителите бидат осудени.

Специјалниот истражен тим на Еулекс дошол до неоспорни докази за подигнување тужба за воени злосторства против одделни поранешни раководители на Ослободителната војска на Косово.

Сепак, како што вчера изјави Џон Клинт Вилијамсон, главниот обвинител на Специјалниот тим, засега нема докази за трговија со човечки органи.

Неговиот тим три години ги истражуваше наводите од извештајот на Дик Марти за трговија со органи на Косово и во Албанија во 1999 година.

Според Вилијамсон, иако не постојат докази, има убедливи индиции за десет такви случаи, како и за тоа дека одредени елементи на ОВК вршеле злосторства врз Србите и Ромите што резултирало со нивно етничко чистење.

Тие луѓе се дел од јавниот живот, од институциите на Косово и тоа е отежувачко за Косово, бидејќи тие луѓе кои утре можат да се соочат со меѓународните правосудни органи, се товар за Косово.
Исмаил Хасани, аналитичар од Косово

Владата во заминување на премиерот Хашим Тачи соопшти дека извештајот на Вилијамсон е важен чекор за одредување на одговорноста на некои поединци, но и за крај на некои неосновани обвинувања.

Во Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај се уверени дека ОВК водел праведна борба за ослободување и оти таа нема да биде намалена со одделни случаи.

Сепак, косовскиот аналитичар Исмаил Хасани смета дека извештајот е многу неповолен за Косово.

„Тие луѓе се дел од јавниот живот, од институциите на Косово и тоа е отежувачко за Косово, бидејќи тие луѓе кои утре можат да се соочат со меѓународните правосудни органи, се товар за Косово“, вели Хасани.

Во Белград пак, на извештајот на Вилијамсон гледаат како на конечно пополнување на празнината што ја остави Хашкиот трибунал.

„Предолго време помина, 15 години од воениот судир, а се уште нема правда за жртвите, а со тоа и за смирување на меѓунационалните односи на Косово. Можеме да бидеме задоволни само тогаш кога ќе имаме правосилни пресуди за одговорните“, изјави Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ.

Српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ пак, смета дека е најважно да се воспостави најавениот Специјален суд за овие случаи.

Предолго време помина, 15 години од воениот судир, а се уште нема правда за жртвите, а со тоа и за смирување на меѓунационалните односи на Косово. Можеме да бидеме задоволни само тогаш кога ќе имаме правосилни пресуди за одговорните.
Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија

„Сега се чека формирање на тој Специјален суд за Косово кон почетокот на идната година во Холандија. Ќе видиме какво ќе биде обвинението, односно дали некој ќе биде обвинет и за трговија со органи“, изјави Вукчевиќ, додавајќи дека извештајот покажува оти Вилијамсон успеал да се одбрани од сите видови политички притисоци.

Впрочем самиот Вилијамсон призна дека во текот на истрагата имало, како што рече, активни напори таа да се поткопа преку застрашување на сведоците.

„Народот на Косово ќе продолжи да ја плаќа цената додека неколку моќници продолжуваат да ги спречуваат истрагите за нивните криминални дејности. Таа практика е лоша за целата земја“, рече Вилијамсон.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG