Достапни линкови

logo-print

Металург не ѝ се плаши на Омонија


Фудбалскиот клуб Металург.

Фудбалскиот клуб Металург.

Тие во минатото имаат позитивен биланс со македонските екипи, ама ова е сегашност и се надеваме на добар резултат, вели тренерот на ФК Металург Срѓан Захариевски во пресрет на првиот меч со кипарска Омонија, во третото квалификациско коло од Лигата на Европа.

Омонија е фаворит, но тоа не нè обесхрабрува да дадеме сè од себе за да направиме уште едно изненадување на европската сцена.

Да, имаат тие позитивен биланс со нашите екипи, ама немаме некој страв од тоа што било во минатото, ова е сегашност и се надеваме на добар резултат.

Срѓан Захариевски, тренер на фудбалскиот клуб Металург.

Срѓан Захариевски, тренер на фудбалскиот клуб Металург.

Со ваква порака фудбалерите на Металург заминаа за Никозија, каде што утревечер ќе го одиграат првиот меч со кипарската Омонија, во третото квалификациско коло од Лигата на Европа. Противникот е 20-кратен шампион на Кипар, редовен учесник во евро-куповите, но и клуб кој има максимални 6 победи во досегашните пресметки со македонските екипи (по две победи против Слога Југомагнат, Милано и Ренова во Купот на УЕФА). Сето ова говори дека Kипарците се големи фаворити, што не ги плаши металурзите. Кај нив, по елиминациите на андорската Санта Колома и на босанскиот Железничар, самодовербата е на највисоко можно ниво, што, според тренерот Срѓан Захариевски ја зголемува и надежта дека е можен уште поголем успех во годината во која клубот слави значаен јубилеј.

Знаеме за каков противник се работи, но ние нема што да изгубиме. Ќе одиме таму да се надигруваме, ќе се обидеме ако може и ова коло да го поминеме. Зошто да не? Во фудбалот гледаме дека секогаш се можни изненадувања. Зошто да не направиме и ние?

„Металург слави 50 години од своето постоење. Овој јубилеј го одбележавме на најдобар начин, останавме живи во Европа после две кола, а сега нè чека двомеч со Омонија. Да, имаат тие позитивен биланс со нашите екипи, ама немаме некој страв од тоа што било во минатото, ова е сегашност и се надеваме на добар резултат“, рече Захариевски.

Миле Крстев, капитен на фудбалскиот клуб Металург.

Миле Крстев, капитен на фудбалскиот клуб Металург.

За остварување на оваа желба, прво на мечот во Никозија (31 јули), мора да се обезбеди резултат со кој ќе се задржи неизвесноста пред реваншот што на 7-ми август ќе се одигра во Скопје. Захариевски е убеден дека неговите избраници имаат сили за исполнување на таа цел, а шансата ја гледа во желбата за докажување на тимот составен исклучиво од домашни играчи.

„Ќе биде тежок натпревар. Омонија е сериозна екипа, секогаш игра во Европа и скоро целата екипа е составена од странци. Но, сепак ние имаме еден млад тим што сака да се надигрува, еден тим што сака да се докажува, што ќе се борат 180 минути на двата натпревари. Тука ја гледам и шансата за да поминеме понатаму“, додаде Захариевски.

Слично размислува и лидерот на тимот Миле Крстев. Тој со голот во последните моменти на реваншот со Железничар (2-2 во Сараево, по ремито без голови на првата средба во Скопје) му го донесе најголемиот меѓународен успех на Металург, кој сега во двомечот со Омонија ќе игра без притисок за победа. Тоа и колективната игра, според Крстев, се најголемите адути за прескокнување и на третата пречка во Лига Европа.

„Знаеме за каков противник се работи, но ние нема што да изгубиме. Ќе одиме таму да се надигруваме, ќе се обидеме ако може и ова коло да го поминеме. Зошто да не? Во фудбалот гледаме дека секогаш се можни изненадувања. Зошто да не направиме и ние? На Металург адутот се знае – колективот! Повеќето играчи се млади, добро соработуваме сите и мислам дека доколку одиграме онака како што треба, сите за еден, еден за сите, може да направиме нешто“, изјави капитенот на единствениот македонски клуб кој летово елиминира барем еден противник во европските купови.

XS
SM
MD
LG