Достапни линкови

И САД, по ЕУ со поостри санкции за Русија


Соединетите држави воведоа нови економски санкции против клучните сектори на руската економија поради вмешаноста на Москва во украинската криза. Ова следуваше откако Европската унија ги прошири санкциите против неколку Руси и компании.

Објавувајќи ги санкциите, американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон изјави дека Соединетите држави заедно со Европската унија секогаш ќе бидат во заштита на првата и слободата на народите во светот.

Тој прецизира дека цел на санкциите се рускиот енергетски сектор, индустријата за оружје, финансиски институции, вклучувајќи ги и трите најголеми банки: Московската банка, Руската земјоделска банка и ВТБ банката.

Според американски официјални претставници, сега скоро 30 отсто од рускиот банкарски сектор е погоден од американските санкции.

Овој пакет претставува силно предупредување, незаконска анексија на територија и намерна дестабилизација на соседна суверена земја нe може да бидат прифатени во Eвропа во 21 век.

Главна цел е оневозможување на овие институции да имаат пристап на американските пазари, а не да бидат блокирани корисниците во користењето на нивните сметки или кредитни картички.

„Не мораше да дојде до сето ова. Ова е изборот што го направи Русија, посебно претседателот Путин“, изјави Обама.

Американските санкции уследија откако Европската унија реши да воведе нови санкции против Русија. Со нив главно се погодени нафтениот сектор, одбраната и високата технологија.

На руските државни банки ќе им биде ограничен пристапот до капиталот на пазарите во Европската унија, а на Москва ќе и биде воведено ембарго на трговијата со оружје.

„Овој пакет претставува силно предупредување, незаконска анексија на територија и намерна дестабилизација на соседна суверена земја не може да бидат прифатени во Европа во 21 век“, се наведува во соопштението на Унијата.

САД и ЕУ ја обвинуваат Русија дека ги поддржува сепаратистите на истокот на Украина, но и за соборувањето на малезискиот патнички авион на 17 јули над источна Украина при што загинаа 298 патници и членови на екипажот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG