Достапни линкови

Поголема промоција за развој на туризмот во Македонија


Македонија е земја со голем туристички потенцијал, но ѝ треба промоција и зголемување на туристичката понуда, изјави генералниот секретар на Светската туристичка организација на ОН, Талеб Рифаи.

Потребна е промоција и подобрување на туристичката понуда. Македонија е земја со голем туристички потенцијал кој сè уште не е целосно искористен, рече генералниот секретар на Светската туристичка организација на ОН, Талеб Рифаи.

Најважниот предизвик што стои пред Македонија е промоцијата. Треба да се дознае за неа. Се разбира, и понудата треба да се подобри.
Талеб Рифаи, генерален секретар на Светската туристичка организација на ОН.

„Мислам дека најважниот предизвик што стои пред Македонија е промоцијата. Треба да се дознае за неа. Се разбира, и понудата треба да се подобри, производот треба дополнително да се развива, но пред сè светот мора да ја чуе многу простата порака – Дојдете во Македонија“, рече Рифаи.

Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи.
Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи.

Во однос на тоа што во последните неколку години бројот на домашни туристи во Македонија опаѓа, додека расте бројот на странски туристи, Рифаи вели дека тоа е европски феномен.

Во Шпанија се случува истото. Има огромен пораст на странскиот туризам, но има пад на домашниот туризам, поради тоа што куповната моќ на домашните пазари е намалена ширум Европа.
Талеб Рифаи, генерален секретар на Светската туристичка организација на ОН.

„Во Шпанија се случува истото. Има огромен пораст на странскиот туризам, но има пад на домашниот туризам, поради тоа што куповната моќ на домашните пазари е намалена ширум Европа поради економската ситуација. Меѓународната понуда станува многу конкурентна и тие ја спасуваат економијата. Тоа не е само македонски феномен, тоа е европски феномен и се случува во многу делови на Европа“, рече Рифаи, кој додаде дека не треба да се биде загрижен поради тие бројки затоа што кај луѓето постои свест за домашниот туризам.

Рифаи денеска одржа предавање на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, откако претходно во македонската влада се сретна со премиерот Никола Груевски. Владата соопшти дека премиерот Груевски истакнал дека се работи на обезбедување на подобрување на туристичките услуги и туристичката инфраструктура. Предвидени се повеќе проекти за развој на алтернативниот, руралниот, како и бањскиот, здравствен и рекреативен туризам.

„Бројните мерки кои се преземаа на тој план придонесоа туризмот во Република Македонија да е еден од брзо растечките сектори во Македонија, истакна Груевски. На тоа поле, додаде тој, се преземаат повеќе мерки и инвестиции, како што се намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за туристичките услуги, субвенционирање на организиран странски туристички промет и субвенционирање на нискобуџетни летови до повеќе дестинации во Европа, развивање на концепт за туристички развојни зони, реализирани се бројни проекти за подобрување на туристичката инфраструктура преку изградба и реконструкција на патишта, плажи, скијачки терени и друго“, се наведува во соопштението од владата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG