Достапни линкови

Светска премиера на новата музика на Дерик Меј и Македонската филхармонија


На Охрид и на македонската (суб)културна јавност, празнично, ќе им се случи голем музички настан. На 2 август, од 21 часот, во Антички театар, концерт ќе одржат светски познатиот електронски артист и диџеј Дерик Меј и Македонската филхармонија. Со оркестарот ќе диригира Џијан Емин, а организатор на ова несекојдневно случување насловено како „Музика универзалис“ е продукцијата „Излет мјузик“.

Идејата за овој концерт е на Огнен Узуновски Оги и тој со неа живее од првичната средба со Дерик Меј во 2000 година кога овој како диџеј настапил во Македонија. Нему, како што сега вели, тоа тогаш му се чинело толку далечно и невозможно што решил ако некогаш стигне да направи концерт на Меј со Македонската филхармонија тогаш веднаш ќе се пензионира како промотор и манаџер.

Мене ми е навистина голема чест што ме покани токму мене да го работам овој проект.

Вака Џијан Емин ќе ја започне приказната во пресрет на „Музика универзалис“ концертот што на 2 август, од 21 часот, во Антички театар, во организација на „Излет мјузик“, ќе го го одржат американскиот електронски артист и диџеј Дерик Меј и Македонската филхармонија, а на кој овој наш музичар не само што се погрижи за аранжманите, туку понуди и неколку свои композиции, а по прв пат ќе застане и зад диригентскиот пулт. Инаку, Емин во својата плодна кариера веќе има едно вакво искуство од 2008 година. Тогаш диџеите Кристијан Смит и Џон Фелвеј имаа получасовен настап со неговиот матичен оркестар Македонската филхармонија на плоштад „Македонија“ во рамките на акцијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“.

Ова сега ќе биде светска премиера на новата музика на Дерик Меј и Македонска филхармонија. Јас сум практично коавтор на повеќето композиции, а имам и две мои нови дела кои што специјално се направени за овој настан.

„Со Оги се знаеме доста години и тој ги следи мојата кариера и она што јас го работам, и сето тоа несомнено му се допаѓа. Мене ми е навистина голема чест што ме покани токму мене да го работам овој проект и јас се заложив бидејќи добро знам дека тој многу наназад зборува за сево ова со голема страст и со невидена љубов и затоа својски се потрудив да направиме нешто интересно и незаборавно за публиката“, вели тој.

Џијан Емин, музичар.

Џијан Емин, музичар.

Џијан појаснува дека првично идејата била, слично како и во претходниот случај со Смит и Фелвеј, музиката на Меј да биде копирана во звукот на оркестарот. Но кога тој започнал да ги работи оркестрациите видел дека има простор и за многу нови аранжмани, нови мелодии, нови ритмички структури и нови хармониски прогресии и решенија и вели дека основната замисла израснала во практично нов проект.

„Ова сега ќе биде светска премиера на новата музика на Дерик Меј и Македонска филхармонија. Јас сум практично коавтор на повеќето композиции, а имам и две мои нови дела кои што специјално се направени за овој настан, нормално инспирирани од диџејот и од промоторот. Значи ова е потполно нов проект со потполно нова музика каде и јас сум влезен комплетно во оној реализирачки, креативен дел“, вели Џијан.

Со оглед на тоа што концертот е планирано да се обистини во несекојдневниот амбиент на Антички театар во Охрид, каде дефинитивно постојат сите предуслови за негово аудио и видео документирање, организаторите воопшто не се двоумеле околу таквиот зафат па така ангажирани се и двајца врвни професионалци како режисерот Игор Иванов Изи и инженерот за звук Ален Хаџи Стефанов, а зад микс пултот ќе бидат Бојан Угриновски и Роза Нолчева.

„Огромна е екипата која што работи на целиот проект и јас, бидејќи сум толку години ви оркестарот и добро ги знам неговите потенцијали, знам што сè може да се направи, се трудам да ги мотивирам сите околу мене за да направиме едно несекојдневно случување дури и во светски рамки, еден навистина убав концерт“, вели Џијан Емин.

Од друга страна, Џијан, кој во меѓувреме воден од личната потреба да се надградува и интелектуално да расне повторно се запиша на Музичката академија овој пат да студира диригирање, та дури и на неколкупати имаше можност да раководи со оркестарот ФАМЕС при снимањето на филмска музика за познати светски автори, на концертот на Меј и на Македонската филхармонија во Антички театар, по прв пат јавно и пред публика ќе биде зад диригентскиот пулт.

„Мене ми е многу драго што моето прво јавно појавување како диригент ќе биде со мојот матичен оркестар Македонската филхармонија и уште поубаво на концертот на Дерик Меј и тоа со моја музика. Затоа навистина многу им благодарам на директорката Маја Чаначевиќ и на мојот професор Борјан Цанев кои несебично ми помагаат сето ова да се обистини“, вели тој.

Конечно, не е исклучено Џијан Емин како автор да ја продолжи соработката славниот светски артист, а менаџерите веќе започнале да коваат планови каде, во кои светски центри и со кои сè оркестри би можело да се повтори проектот. Од свое име, македонскиот музичар, аранжер и диригент вели дека би бил неизмерно среќен кога во тие рамки би биле вклучени и балканските метрополи длабоко свесен дека сето тоа би била преубава промоција не само за нив како творци, туку и за Македонската филхармонија како квалитетен оркестар кој што знае да одговори на сите предизвици.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG