Достапни линкови

logo-print

Кампања „На секое дете му е потребно семејство“


Во Куманово има седум згрижувачки семејства, што во однос на бројот на жителите во трите општини Куманово, Липково и Старо Нагоричане не задоволува.

Згрижување во згрижувачки семејства на лица кои имаат потреба од тоа во Општината Куманово се одвива со зголемена динамика, вели Тања Божинова социјален работник во Центарот за социјална работа во Куманово. Според неа во тек е кампања „На секое дете му е потребно семејство“ на Министерството за труд и социјални работи, со што се води грижа за на лицата од социјален ризик да им се овозможат нормални услови за социјален живот. Во Куманово има седум згрижувачки семејства, што во однос на бројот на жителите во трите општини Куманово, Липково и Старо Нагоричане не задоволува, како и соработката на локалните самоуправи со Центарот.

Меѓутоа згрижувачките семејства се мотивирани да ја извршуваат дејноста и ја извршуваат професионално, многу совесно и одговорно. Иако бројката е мала, квалитетот на згрижувачките семејства е на високо ниво.

„Меѓутоа згрижувачките семејства се мотивирани да ја извршуваат дејноста и ја извршуваат професионално, многу совесно и одговорно. Иако бројката е мала, квалитетот на згрижувачките семејства е на високо ниво.“

Времето на престој на лице во згрижувачко семејство е според неговите потреби и тоа е индивидуално.

Тања Божинова социјален работник во Центарот за социјална работа во Куманово.

Тања Божинова социјален работник во Центарот за социјална работа во Куманово.

„Се прават напори секое дете,секое лице се врати во своето биолошко семејство и додека трае процесот лицето останува во згрижувачкото семејство.“

Не е исклучено, како што вели Божинова лицата да останат и подолг период во згрижувачко семејство. Но, Центарот и стручните лица ја следат состојбата се додека за тоа има потреба. Најчесто во згрижувачки семејства се сместуваат лица без родители (починати, исчезнати или се без позната адреса), или родителите се спречени да се грижат за децата од разни причини.

„Во згрижувачко семејство може да бидат сместени лица со пречки во равојот, со воспитни проблеми и асоцијално однесување, или стари лица. Затоа и постои општо, специјализирано, интервентно и повремено згрижувачко семејство. Би упатила апел граѓаните да се информираат за згрижување и пружање помош на лицата на кои им е неопходно, со кои животот не бил милосрден и праведен.“

Божинова појаснува дека законски родителот е должен да му обезбеди услови за нормален живот на своето малолетно дете. Згрижувачките семејства и надлежните во општеството постојат да помогнат на лицата кои за тоа имаат потреба, но не и да го заменат биолошкото семејство. Згрижувачите добиваат паричен надоместок зависно од категоријата на згрижените лица.

„Тоа се деца од предучилишна, училишна возраст на деца и лица со пречки во психичкиот и физичкиот развој. Тука се опфатени и децата со воспитно -социјални проблеми, стари лица. Згрижувачките лица според законот остваруваат и други права, како што е детски додаток, посебен додаток и други права кои се остваруваат врз основа на лицето во згрижувачко семејство.“

Критериумите за згрижувачко семејство се прецизно дефинирани, но најважно е добра мисла, добра воља и голема љубов. Се внимава и на возрасната граница, материјалните и станбените услови кои повеќето од нашите граѓани можат да ги исполнат, објаснува Божинова.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG