Достапни линкови

Нимиц: Разговараме за името, а не за идентитетот


Метју Нимиц.
Метју Нимиц.

Народот го создава својот идентитет преку своите дејствија, преку својата култура. Оваа земја си има свој идентитет, како што имаат и другите земји, рече посредникот Метју Нимиц.

Мандатот на мисијата на ОН е јасен, не се преговара за идентитетот на народот, туку за името на државата, порача медијаторот во спорот за името Метју Нимиц по денешните средби со претставниците на државниот врв. Иако не донел и не слушнал нов предлог за името, пристапот на македонската страна го оцени како конструктивен, а разговорите како суштински.

Народот го создава својот идентитет преку своите дејствија, преку својата култура. Оваа земја си има свој идентитет, како што имаат и другите земји.
Метју Нимиц, посредник во спорот за името.

„Народот го создава својот идентитет преку своите дејствија, преку својата култура. Оваа земја си има свој идентитет, како што имаат и другите земји“, рече тој.

На новинарско прашање како ќе ја убеди Грција дека за идентитетот не се преговара Нимиц со став:

„Кога разговараме со Грците, разговараме за името на државата и мислам дека двете страни го знаеме тоа. Очигледно е дека има и други прашања во умовите на луѓето во текот на овој процес којшто се одвива долги години, меѓутоа суштината на разговорите е името на државата“, рече Нимиц.

Статус кво е статус кво додека нема некоја промена. Јас не донесов нов предлог, нити, пак, ми беше претставена некоја суштински нова позиција од страна на владата, но имавме суштински разговори со владата и разговорите навистина беа конструктивни.
Метју Нимиц, посредник во спорот за името.

Со премиерот разговаравме за неговите ставови, ја слушнав позицијата на Владата и видов конструктивност и подготвеност да се слушнат моите идеи. Се надевам дека и другата страна ќе има ваков конструктивен пристап, изјави Нимиц кој утре заминува за Атина за, како што рече, да ги чуе нивните ставови и да се види кои се натамошните чекори.

Тој додаде дека ова е прашање кое навистина треба да се реши и дека е важно да се решаваат прашањата меѓу земјите.

Медијаторот Нимиц не сакаше да ја коментира неодамнешната изјава на грчкиот премиер Самарас дека не постои македонски јазик, истакнувајќи дека тој е во Скопје, а луѓето тука си имаат свој јазик. Постојано има изјави кои го одвлекуваат вниманието од главниот проблем, а тоа е изнаоѓање решение, рече Нимиц.

Запрашан за тоа дали по денешните разговори може да се зборува за напредок во преговорите или ситуацијата останува иста, Нимиц рече:

„Статус кво е статус кво додека нема некоја промена. Јас не донесов нов предлог, нити, пак, ми беше претставена некоја суштински нова позиција од страна на владата, но имавме суштински разговори со владата и разговорите навистина беа конструктивни“, рече Нимиц.

Медијаторот го поздрави и опиша како позитивен фактор интересот на германската канцеларка Ангела Меркел за лично вклучување во спорот за името со цел побрзо изнаоѓање на решение. Според него, многу земји се заинтересирани за стабилноста во регионот и токму затоа сакаат да го видат ова прашање затворено во што поскоро време.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG