Достапни линкови

logo-print

Помош на домашниот туризам од Светската туристичка организација


Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи престојува во официјална посета на Македонија. Познавачите оценуваат дека е многу важно кога Светската туристичка организација ќе застане зад промоција на одредена држава.

Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи престојува во официјална посета на Македонија на покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски. Покрај со него тој се среќава и со премиерот Никола Груевски и со претставници на надлежните институции од областа на туризмот, а одржува и предавање на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Република Македонија има Агенција за промоцијата на туризмот, и таа согласно нејзината агенда за работа, постојано ја промовира Република Македонија. Меѓутоа многу е поважно кога Светската туристичка организација ќе застане зад промоција на одредена држава.

Според директорката за односи со јавност на Универзитетот, Магдалена Андоновска оваа посета всушност е надополнување на посетата на претставниците на светската туристичка организација лани кои лоцирале неколку места за развој на адреналинискиот туризам во Македонија.

„Посебно беа заинтересирани за Матка и за ски Центарот на Водно којшто треба да се гради во Скопје. До овие две дестинации се дојде минатата година кога членови на Светската туристичка организација беа во посета на Република Македонија и практично можеа да ги видат овие две дестинации и посебно од Матка беа исклучително воодушевени“, вели Андоновска.

Во секој случај Светската туристичка организација има инструменти со кои во промотивна активност може да се вклучи на еден издржан начин.

Ова лето пак главниот туристички центар во Македонија, Охрид се соочува со доста лоша сезона. На вонредната седница што ја одржа минатата недела општинскиот совет се заклучи дека му е потребна маркетинг стратегија за да се подобрел нарушениот углед на градот. Иако сега во градот за разлика од почетокот на јули има повеќе туристи, некаде околу 15 илјади, сепак е полупразно, бидејќи Охрид располага со речиси 30.000 легла.

Според професорот од државниот факултет за туризам и угостителство Науме Мариноски треба да се почека да заврши сезоната за да се заклучи колку таа била успешна или не. Тој додава дека годинава градот имал доволно странски туристи, но потфрлиле домашните поради, како што вели, лошата економска ситуација во земјава.

Рифаи пак при посетата на Охрид беше оптимистичен за туристичката иднина на градот. Тој оцени дека во светот немало многу места каде што на уникатен начин како таму биле испреплетени природната убавина, културно- историското богатство, убавината на планините и езерото.

Нагласи и дека Светската туристичка организација ќе преземела низа мерки за поголема промоција на градот, кој како што рече, наскоро ќе станел еден од најпознатите во светот а локалните власти ги посоветува да ја подобрат инфраструктурата.

Според Мариноски организацијата што ја предводи Рифаи може многу да помогне за промоцијата на земјава.

„Во секој случај Светската туристичка организација има инструменти со кои во промотивна активност може да се вклучи на еден издржан начин“, оценува Мариноски.

И Андоновска смета дека многу е важно Светската туристичка организација да работи на промоцијата на Македонија.

„Република Македонија има Агенција за промоцијата на туризмот, и таа согласно нејзината агенда за работа, постојано ја промовира Република Македонија. Меѓутоа многу е поважно кога Светската туристичка организација ќе застане зад промоција на одредена држава,“ вели Андоновска.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG