Достапни линкови

Кумановски „Водовод“ на работ на пропаст


Со превработеност, големи долгови и ненаплатени побарувања, со пречистителна станица која произведува загуба, кумановски Водовод е на работ на колапсот.

Финансиската состојба на кумановското локално комунално претпријатие за водоснабдување „Водовод“ е тешка и комплексна. Со новата цена на водата (од 4,5 денари без ДДВ по кубик) неодамна договорена благодарение на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство не ја олеснува тешката состојба на ова претпријатие.

Не сакаме некое семејство во 21 век да остане без вода, а знаеме во каква тешка материјална, социјална и финансиска состојба се граѓаните.

Горан Стојковски, директор на Јавното претпијатие Водовод од Куманово.

Горан Стојковски, директор на Јавното претпијатие Водовод од Куманово.

Сметководствено гледано најголем проблем се тужбите и каматите од добавувачите кон кои не се исплатени обврските. Кога не би било тоа, ова претпријатие би било ликвидно, без оглед на сите аномалии кои се дел од секојдневието на демократскиот живот во државава, вели Горан Стојковски, директор на „Водовод“. Тој додава дека во Македонија не постои претпријатие без превработеност, без партиски или роднински вработувања. Генезата е од распадот на поранешната држава. За жал, смета Стојковски, континуирано се напластуваат партиските негативности. Сепак, тој е оптимист дека ќе се појави нова генерација која ќе направи пресек, оти има луѓе кои ја сакаат перспективата и на ова претпријатие, но и на државата.

Секаде во Европа загадувачот го плаќа пречистителот, само во Куманово граѓаните плаќаат по осум денари за пречистување вода.

Кумановската јавност „Водовод“ го смета за сдсмовско претпријатие, во кое тешко може да се вработи некој кој не е од оваа партија. Стојковски, пак, вели дека тоа е претпријатие на граѓаните на градот Куманово за нивно водоснабдување, а во времето на неговото раководење речиси и да нема никакви вработувања.

„Во наредниот период ни се потребни луѓе кои што ќе работат во мрежа. Мајстори кои што ќе знаат да работат со водомери, луѓе кои што ќе работат во канал“, вели тој.

И покрај тоа, меѓу вработените во „Водовод“, локалната опозиција и граѓаните сè уште постои мислење дека и Стојковски како и неговите претходници се раководат според наредбите на градоначалникот. Стојковски со индигнација ги отфрла овие тврдења.

„Ве уверувам дека градоначалникот нема да донесе одлука некој партиски заслужен војник без соодветно образование и без потреба да го вработи во ЈП „Водовод“, вели тој.

За меѓусебните односи на ЈП „Кумановско-Липковско Поле-Водостопанство“ и „Водовод“, Стојковски смета дека двете претпријатија се конусно поврзани и дека за нормално водоснабдување на граѓаните тие треба да имаат соработка.

„Деведесет отсто од приходите на „Водостопанство“ се од „Водовод“. Останатите нивни приходи од земјоделство и од индустријата се незначителни. А, „Водовод“ на ниту еден граѓанин изминатите десет месеци нема исклучено вода за неплатени сметки. Не сакаме некое семејство во 21 век да остане без вода, а знаеме во каква тешка материјална, социјална и финансиска состојба се граѓаните“, вели Стојковски.

Нема целосен ефект од преземените мерки за нормално водоснабдување во неколку населби од високата зона (Рајкова Куќа, Ајдучка Чешма и Пуковско). Таму вода нема по неколку часови, дури и по неколку денови. Граѓаните редовно ги плаќаат сметките на „Водовод“ и нивниот револт е насочен кон ова ЈП. Стојковски вели дека според неговите сознанија причината се дивите приклучоци.

И покрај сите заложби тешко ќе биде Водовод“ да го извлече од милта во која длабоко западнал. Со 238 вработени, најголем дел во администрацијата, со долгови од околу 6,5 милиони евра, највеќе кон „Водостопанство“ поради енормно покачување на цената на водата, со побарувања од три милиони евра, со пречистителна станица која за жал „произведува“ загуба, ова претпријатие е на работ на колапсот. И покрај тоа Стојковски не го губи оптимизмот дека претпријатието ќе се стабилизира.

„На еден состанок со претставници од Европската комисија за води во Министерството за екологија тие забележаа дека е перверзно ова што се случува со ЈП „Водовод“. Секаде во Европа загадувачот го плаќа пречистителот, само во Куманово граѓаните плаќаат по осум денари за пречистување вода. А пречистената вода се влева во реката Вардар. За тоа не плаќаат ниту Гостивар, ниту Тетово, ниту Скопје кои, пак, немаат пречистителни станици. Како единствена, еколошката заслуга на нашата станица е минимална, а загубата на „Водовод“ со оваа станица годишно е околу еден милион евра“, вели тој.

Проблемот може да се надмине единствено доколку државата преземе мерки, смета Стојковски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG