Достапни линкови

Битолскиот фудбал тоне во проблеми


Во пресрет на почетокот на фудбалската сезона, битолскиот фудбал тоне во проблеми. ФФМ забрани прволигашки натпревари на стадионот под Тумбе кафе, а општината се обидува да го продаде ФК Пелистер.

Пред самиот старт на новата фудбалска сезона на трети август, се продлабочуваат проблемите со фудбалот во Битола. Покрај стариот стадион под Тумбе кафе каде ФФМ забрани прволигашки натпревари поради лошите услови за игра, во тек е и продажба на ФК Пелистер, а поради истекот на договорот замина и тренерот Драган Бочевски. Битолската спортска јавност е разочарана од моменталната состојба.

Во стадионот сè е правено во 1980 година, значи 34 години.

„Во стадионот сè е правено во 1980 година, значи 34 години. Два-три пати се реновирани плочки, но во главно се остануваше исто. На главната трибина имаше столчиња, но се искршија. Ова треба комплетно да се реновира, вака со докрпување ништо не се добива. 34 години се многу ако ништо не се одржува. Можеше секоја година да се молерисува, да се менуваат плочки, но никој не се обиде ништо да направи и остана така“, вели помошниот тренер на ФК Пелистер, Неџат Хусеин Џате.

Се срамам да погледнам во стадионот, штала ли е?

„Битола заслужува да има убав стадион. Имаше муабет дека ќе се прошири за 12 илјади гледачи да се направи. Што ќе се случи ќе чуеме“, вели битолскиот вљубеник во фудбалот Миле Бошевски.

„За децата млади таленти треба да има каде да ги обучуваат како што е во светот. Се срамам да погледнам во стадионот, штала ли е? Ова е срамота“, додава Никола Јовановски.

Сите забелешки што се доставени до Општина Битола ние ќе ги завршиме.

Фудбалската федерација за Пелистер прволигашките натпревари да ги игра на свој терен бара целосна реконструкција на подтрибинскиот простор, седиштата, хигиенските простории. Општината веќе започна со реновирање на судиските простории и соблекувалните.

„Сите забелешки што се доставени до Општина Битола ние ќе ги завршиме. Треба одредени услови да исполниме и започнавме со активности“, вели битолскиот градоначалник Владимир Талески.

Тој додава дека општината која е сопственик на ФК „Пелистер“ објави огласи за продажба, но не се јавиле заинтересирани купувачи. Изработија и проект за изградба на нов стадион, а сега се бараат средства за реализација.

„Работиме на случајот. Она што сме го ветиле ќе го исполниме пред нашите граѓани. Максимално ќе се трудиме северната трибина да ја завршиме во мандатот, а ако најдеме средства и целиот стадион“, додава Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG