Достапни линкови

Димовски - Власта ги влошува меѓуетничките односи


Меѓуетничките односи не може да ги влошуваат граѓаните, ги влошуваат политичарите кои во моментот владеат со државата, без разлика кога и да е тоа, вели Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Димовски, протестите по изрекувањето на пресудите во случајот Монструм уште еднаш на виделина ги извадија тензичните меѓуетнички односи. Во испитувањата на јавното мислење, анкетираните граѓани најчесто ги оценуваат меѓуетничките односи како ниту добри, ниту лоши, но се покажува дека тоа што тлее многу лесно „може да се запали“. Зошто македонското општество постојано е во состојба на „замрзнат конфликт“ кој по потреба може да се извади на површина?

Од еден настан ние не може да оценуваме дали меѓуетничките односи се добри или лоши. Меѓуетничките односи треба да се следат во текот на целата година за да направите едно резиме на крајот од годината за тоа дали меѓуетничките односи биле добри или биле лоши. Протестите за случајот „Монструм“, јас не ги карактеризирам како меѓуетнички, тоа се протести од незадоволството од судството, од донесените пресуди, така беа окарактеризирани и на почетокот. Такви случаи сме имале ние не само кај албанската заедница, сме имале и кај македонската, протести од незадоволство од судски одлуки, од нашето испартизирано судство. Тоа што така се карактеризираат како меѓуетнички односи, мислам дека малку беше набилдано, од причини што протестираше само една етничка заедница. Најлесно е денес да окарактеризирате еден настан како меѓуетнички конфликт или меѓуетнички протести, бидејќи меѓуетничките односи долги години во Република Македонија се на „кревки нозе“ и најлесно е сето тоа да се популаризира.

Од каде таа недоверба во судскиот систем токму кај Албанците, за да помислат дека тие се мета, ако се има предвид дека има едно чудо судски случаи против етнички Македонци кои се најблаго речено контроверзни? Да се потсетиме на Душко Млекарот, Стејт департментот минатите години ги прогласуваше владиката Јован од Православната охридска архиепископија, Љубе Бошкоски и Велија Рамкоски за политички затвореници. Во последниот извештај како такви се наведени новинарот Томислав Кежаровски и Мирослав Шиповиќ. Зошто забелешките кон судството овој пат се гледаат низ етничка призма? Затоа што не можеме да ја занемариме таа големоалбанска или исламистичка иконографија.

Не само кај Албанците, значи незадоволството од судството е кај сите граѓани во Македонија. Но Албанците секогаш кога протестираат излегуваат со одредени пароли за Илирида, за голема Албанија, со извиците „Алах е голем“, „УЧК“ итн., си ја користат таа иконографија и токму заради тоа им се дава некаков призвук на меѓуетнички.

На тоа гледате како на фолклор?

Па да, апсолутно. Ако се меѓуетнички конфликти, ако се меѓуетнички протести нема да запрат за една недела. Меѓуетничките конфликти секогаш, историски гледано, траеле подолго време и со големи жртви.

Сега е Монструм, претходно беа тепачки во автобуси, претходно нешто друго. Секогаш се наоѓа повод за ескалација на меѓуетничките односи. Како да ја надминеме таа ситуација? Како да се излезе од тоа? Чувствувате ли волја да се надмине таквата ситуација?

Мислам дека тешко ќе ја надминеме од проста причина што, кажав и претходно, меѓуетничките односи од 2001 се на многу „кревки нозе“. И во случаи на недобро владеење во државата, секогаш вие имате адут во рацете да ги употребите тие односи за да прикриете или заташкате одредени состојби во самата држава. Во случајот многу работи има кои народот треба да ги заборави и да го насочи вниманието кон настаните на Бит Пазар, претходно имавме настани во Ѓорче Петров, истото се случуваше и тие беа крстени меѓуетнички судири, од проста причина што таму Албанец уби Македонец.

Но, потоа Македонци палеа дуќани на Албанци, што де факто се меѓуетнички инциденти.

Во целиот тој фолклор, во целата таа гунгула, од еден арамилук на крадење на велосипед дојде до меѓуетнички судири, значи немате контрола над своите граѓани кога и во кој момент што ќе направат.

Влошувањето на меѓуетничките односи се случува во време кога коалицијата меѓу партиите на Македонците и на Албанците во власта одлично функционира, еве веќе 6 години. Попаметни ли се политичарите од обичните граѓани?

Ние во Македонија немаме меѓуетничка коалиција. Македонија подолго време живее како бинационална држава, ние не сме мултиетничка држава. Коалицијата од 2002 меѓу СДСМ и ДУИ, потоа на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, јас според мое мислење ја нарекувам политичко-пазарна коалиција. Во таква политичко-пазарна коалиција каде што пазарот е само меѓу политичарите мора да имате вакви случувања и мора секогаш тој што владее да има адут во рацете за да направи одреден чекор за себе за до сврти вниманието на граѓаните кон нешто што кај нас секојпат изгледа многу опасно и страшно и дека пак ќе се случи 2001 година.

Секогаш за влошувањето на меѓуетничките односи ги обвинуваме политичарите. Кои политичари? Кој конкретно ги влошува односите меѓу заедниците? И со кои конкретни постапки?

Меѓуетничките односи не може да ги влошуваат граѓаните, ги влошуваат политичарите кои во моментот владеат со државата, без разлика кога и да е тоа. Ако се вратиме наназад, ние имавме такви меѓуетнички судири и во времето на СДСМ, го имавме на времето Гостивар, го имавме Бит Пазар, па сега повторно ги имаме Бит Пазар и Судската плата, како мета на таквите немири каде што и се предизвикуваат и се контролираат од оние политичари кои владеат во моментот.

Од една страна велиме политичарите, но можат ли граѓаните, без разлика на нивната етничка припадност, да се амнестираат од одговорност? Па токму граѓаните ги гласаат тие политичари.

Граѓаните никогаш не можат да се амнестираат, затоа што тие ги гласаат политичарите, втора работа е што се многу лесна целна група за манипулација. И во таква ситуација во која имате 300 или 400 илјади гласачи кои ги контролирате во секое време, многу лесно може да ги извадите на улица. Јас многу се плашев изминатите денови кога по социјалните мрежи се закажуваа и контра протести. Но од една страна владееше стрв, но од друга страна владееше убедување дека сето тоа власта ќе си го исконтролира. Како што ги контролира протестите на Албанците, така ќе ги контролира и другите.

Верувате дека ги исконтролира, барем првиот пат кога беа насилни?

Излегувањето од контрола на протестите секогаш, барем според мое мислење, секогаш е режирано. Тука се покажува силата, дека ние можеме уште повеќе од ова да направиме, тоа е испратена порака. Зошто ако имавме едниот ден насилни протести, веќе другиот ден имавме мирни протести? Што, се уплашија од полицијата или, пак, полицијата едниот ден не смееше да реагира, па другиот ден смееше да реагира? Тоа се приказни за мали деца, кои го гледаат оние што ја сакаат оваа држава. А оние кои слепо веруваат во она што ќе им го сервираат политичарите тоа не го гледаат и така и го толкуваат.

Кој ги режира? Кој испраќа порака и кому и каква порака му испраќа?

Тоа си се коалиционите партнери, да се разбереме. Едни на други си испраќаат пораки.

Но, дел од паролите на тие протести беа насочени и против Али Ахмети.

Точно, апсолутно. Ако вие немате ниедна парола или ниеден повик од тие демонстранти против својата политичка партија, не сакам да именувам, тогаш ќе биде многу јасно дека сето тоа е организирано од нив, но доколку имате и такви повици, тогаш веќе кај граѓаните ќе постои еден сомнеж дека ова не е тоа што би требало да биде.

Во медиумите на албански јазик често излегуваат анализи дека протестите служат за артикулирање на нова политичка мисла или нова политичка партија кај Албанците. На чело на протестите се појавија Зијадин Села, Хисни Шакири, луѓето таму ги скандираат нивните имиња, скандираат „Али предавник“, „Мендух војвода“, Колку тоа може да биде основа за формирање на нов политички ентитет кај Албанците и колку може да има успех нова политичка партија на Албанците во Македонија?

Мислам дека во Македонија нема таква опција, бидејќи во Македонија се заседнати тие политички субјекти и кај Албанците и кај Македонците, мислам дека нема ниту услови, ниту, пак, ќе се дозволи формирање или заговарање на ново политичко крило, освен оние кои сега постојат, од проста причина што нема ни простор, толкава ни е државата. Ние немаме ниту мултиетничка држава, ниту мултиетничка влада, ние имаме бинационална држава и бинационална влада и тоа е подолго време и многу тешко кај нас ќе се искорени тоа, затоа што прво мора да се менува менталниот склоп на народот, а народот ќе го смени менталниот склоп на политичарите.

Често се нагласува дека за тоа ќе треба долги години, дека треба да се работи со младите генерации, еве проектот со интегрираното образование не профункционира. Наместо тоа, вие и неколку организации со поддршка на УСАИД го спроведувате проектот за Меѓуетничка интеграција во училиштата. Колку тоа што вие го работите може да го компензира интегрираното образование?

Интегрираното образование во Република Македонија не успеа од слабостите во Министерството за образование. Јас учествував во одредени истражувања и како претставник од невладиниот сектор и како професор во мултиетничко училиште. Она што сега УСАИД го поддржува колкав успех ќе донесе не знам. Ќе донесе успех во дружењето, ќе донесе успех во одредени активности, но она што е како основа интегрирано образование тешко ќе се спроведе со ваквите проекти. Интегрирано образование може да спроведе само државата и Министерството за образование, но со многу паметни истражувања и со многу паметни потези. Јас сум длабоко убеден дека интегрираното образование доколку се спроведеше како пилот проект од самиот почеток, во 5, 10 или 15 училишта, досега ние ќе го имавме на цела територија на Република Македонија.

Што беше проблемот? Тогаш се донесе закон учениците Албанците да учат македонски јазик задолжително од прво одделение, што наиде на голем отпор од нивните родители. Зошто сега би го немало тој отпор?

Немаше закон, тоа беше одлука на министерот, еднострана и многу избрзана одлука. Во тој период ОБСЕ правеше едно истражување за интегрираното образование кое требаше да се спроведе во неколку пилот училишта. Некаде во јуни месец таа година кога министерот Тодоров ја донесе таа одлука, тоа истражување беше завршено, на него работеше цел тим и од септември требаше да се започне со тој проект. Според него, пилот училишта требаше да започнат со изучување на македонскиот јазик кај Албанците од прво одделение и обратно.

Вие протежирате тоа да биде на доброволна основа?

Апсолутно.

Верувате ли дека ќе има интерес кај родителите тоа да го прават на доброволна основа?

Убеден сум. Гледајќи го она што се работи во училиштето каде што предавам, гледајќи го интересот за изучување на едниот и на другиот јазик во одредени мешани средини каде што работиме со Центарот за меѓуетничка толеранција и она што го дознаваме во слободен разговор, нема отпор. Отпор има само за нешто што е наметнато со одлука, со закон итн. Онаму каде што би се работело како пилот проект, онаму каде што би се работело на доброволна основа, јас сум убеден дека нема да има. И тоа ви го гарантирам дека нема да има.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG