Достапни линкови

Шиповиќ во фокусот на неделниот печат


Претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ.

Претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ.

Превирањата во Општина Центар и гласањето за новите ДУП-ови се предмет на анализа во сите неделни весници.

Република - Бихаќка ги јаде своите деца

Во манирот на холивудските блокбастери, сценаристите од скопската уличка, од најголемиот партиски маченик и херој за кого се организираа протести пред судот, успеаја да направат предавник.

Со асоцијативен наднаслов дека „Бихаќка ги јаде своите деца“, и со фотографии на неколкумина поранешни членови на СДСМ кои се „одметнаа“ од партијата, Република во најновиот број пишува дека закрвеноста во опозицијата влегува во својот зенит. „Еден ден херој, друг ден предавник“ е насловот на анализата која се занимава со случувањата во врска со Мирослав Шиповиќ по излегувањето од осуммесечниот притвор и воздржаниот глас за фамозните ДУП-ови за Водно и за „барокизацијата“ на ГТЦ. Во манирот на холивудските блокбастери, сценаристите од скопската уличка, од најголемиот партиски маченик и херој за кого се организираа протести пред судот, успеаја да направат предавник, забележува неделникот, и како главна причина ја наведува безидејноста на раководството на СДСМ.

Толкава камелеонштина и политички кванташки пазар какви што се случија во Општина Центар, години наназад не се имаат случено во другите делови на Македонија.

Глобус - Кој полага сметка на крајот на денот?

Дури сега ништо не се знае, што е со предавството на Шиповиќ, пишува на истата тема он-лајн магазинот Глобус во анализата со наслов: „Кој полага сметка на крајот на денот?“ За да наведе дека провладиниот портал „Курир“, збунет како и власта, бара одговор од опозицијата - дали е Шиповиќ регрутот на ДПМНЕ или, пак, човекот кој се обиде на лукав начин да ги спаси и ДУП-овите за Центар за сметка на опозициските гледања на архитектурата и да оневозможи тие да се стават на дневен ред уште некое време? Некои типови веќе плачат над бизнисот вреден 620 милиони евра! - лаконски наведува Глобус.

Фокус - Епопејата Центар - ОСКУДАЦИЈА на морал

И Фокус ја посветува својата воведна колумна на случајот со Шиповиќ, насловена како: „Епопејата Центар - ОСКУДАЦИЈА на морал“. Преку оваа општина, пишува неделникот, особено се разголува алчноста, безобразлукот, ароганцијата и будалаштините на најмоќната, ама и најзабеганата транзициска врхушка - преродбеничката. Неделникот наведува дека толкава камелеонштина и политички кванташки пазар какви што се случија во Општина Центар, години наназад не се имаат случено во другите делови на Македонија. Во Центар се гледа потврда за уште една карактерна особина на вмровскиот циклон - не само да ги сотреш „непријателите“, туку и да ги дотераш да се чувствуваат како мивки. Да ги ничкосаат: Велија да има грижа на совест за ќерката и братот што лежат в затвор поради него, Бошкоски да се понижува и да праќа јавни писма со извинување за да не остане семејството без имот, а Шиповиќ, со помош на притворот да си ја поништи сета своја досегашна политичка филозофија, ем брата си на душа да го носи, зашто да не беше претседавач не ќе имаше ниту полициска акција „Претседавач“. Ете колкава оскудација на морал за време на преродбата - посочува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG