Достапни линкови

За Рамазан помош за сиромашните


Невладини организации и бизнисмени од Охрид и Струга деновиве се вклучија во донирање помош за најсиромашните граѓани за време на Рамазан.

Невладини организации и бизнисмени од Охрид и Струга деновиве се вклучија во донирање помош во прехранбени пакети и парични средства на најсиромашните слоеви граѓани за време на муслиманскиот празник Рамазан. Се организираа и бесплатни ручеци на плоштадите и на други локации.

Ние секогаш сме имале вакви активности и пружаме помош секогаш според нашите можности како што доаѓаат донатори и даваат помош. Сме биле и ќе бидеме тука за оние на кои им е потребно да им се помогне.
Афри Џелили, Муфтија во Муфтиството на ИВЗ во Охрид.

Афри Џелили, Муфтија во Муфтиството на ИВЗ во Охрид вели дека не помагаат само за празници, туку секогаш кога имаат можност за такво нешто.

„Ние секогаш сме имале вакви активности и пружаме помош секогаш според нашите можности како што доаѓаат донатори и даваат помош. Сме биле и ќе бидеме тука за оние на кои им е потребно да им се помогне. Не е ти да останеш без јадење или пиење, туку да му се најдеш на оној кој што навистина нема. Се обратиле кај нас луѓе и за некоја операција. Сме нашле донатори и сме им помагале“, рече Џелили.

Во Охрид деновиве беа организирани неколку вакви акции кои имаа и мултиетнички карактер затоа што се делеа пакети и на граѓани од православна вероисповест.

Оваа помош многу значи за нас и им благодариме на ИВЗ што се сети да обрне внимание на сиромашните од другите религии не само од нивната религија..
Каролина Ѓеорѓиевска, Здружение на телесни инвалиди од Охрид.

„Одиме на тоа да му се пружи рака на секој кој има потреба од помош. Пред една недела на тројца луѓе од здружението на инвалиди каде дадовме помош беа Македонци. Во пакетите има чај, урми, масло, брашно, шеќер, макарони, грав, сите потреби за едно семејство. Станува збор за пакети од 21 килограм. Дел од пакетите ги обезбеди ИВЗ заедно со ИВЗ на Турција. Имавме ифтар и за сиромашните, ифтар за деца и за најстарите во градот“, рече Џелили.

Каролина Ѓеорѓиевска од Здружението на телесни инвалиди од Охрид вели дека добро е што нејзините сограѓани муслимани се сетиле и на граѓаните од другите вери.

„Оваа помош многу значи за нас и им благодариме на ИВЗ што се сети да обрне внимание на сиромашните од другите религии не само од нивната религија. Помошта на сиромашните секогаш е потребна и тие ова го прифатија со радост дека ете некој се сетил и на нив“, рече Ѓеорѓиевска.

Мерхамет, хуманитарна организација од струшкото село Лабуништа сите средства кои се собираат од страна на компании и бизнисмени ги става на посебна жиро сметка. Тие пари потоа одат онаму каде има најмногу потреба.

„Некој од донаторите ќе даде 500 евра за да се купат намирници и да се однесат во хуманитарното друштво. И поголемите фирми од Струга донираат одвреме навреме средства. Парите со кои располагаме ги користиме спрема потребата. Ако има операциски зафат, а фамилијата нема пари тоа да го направи, ние даваме донација во зависност од можностите. Имаше еден случај на операција на едно дете во Швајцарија и ние дадовме помош“, рече Џабир Хаџиказим од Мерхамет.

Граѓаните велат дека невладините и верските организации треба да помагаат 365 дена во годината, а не само за време на празници. Помошта кон оваа категорија граѓани треба да биде во континуитет за да се осети вистинскиот бенефит од неа.

XS
SM
MD
LG