Достапни линкови

Измамени граѓани за работа во странство


Летово дваесеттина млади луѓе од Куманово и од Велес станале жртви на измама на една 23 годишна кумановка, која им наплатила по сто евра за наводно обезбедување работна дозвола и останати неопходни документи за сезонска работа на Црногорското приморје.

Сиромаштијата, безработицата и нискиот животен стандард се главните причини поради кои најчесто кумановци од различни возрасти стануваат жртви на измама на манипулатори, кои, наводно, нудат посредување за сезонска работа во странство, за што собираат пари, а потоа се губат без трага.

Почнавме да досадуваме на телефон, сезоната заврши, си ги баравме парите, а потоа изгубивме контакт. Преку нејзино посредство заминаа девојки, но колку што знам не таму каде што беше ветувано и не за таа работа која беше ветена.

Најактуелен начин за земање пари за работни дозволи и услугата се социјалните мрежи преку кои се објавуваат информации, се појавуваат виртуелни фирми.

Сезонската работа во соседните држави што на кумановци им се нуди е во областа на градежништвото или угостителството, каде што најчесто се бараат млади девојки и момчиња. Така, летово дваесеттина млади луѓе од Куманово и од Велес станале жртви на измама на една 23 годишна кумановка, која им наплатила по сто евра за наводно обезбедување работна дозвола и останати неопходни документи за сезонска работа на Црногорското приморје.

Откако рокот за добивање дозвола и заминување на работа во туристичките места на Јадранско Море истекувал, групата млади луѓе сфатиле дека се работи за манипулација и почнале да си ги бараат парите назад. Посредничката наоѓала разни изговори, на некои им ги вратила парите, а некои пак биле принудени измамата да ја пријават во полиција. Измамените, од за нив познати причини и поради закани од наводната посредничка, не сакаат да зборуваат јавно.

Ни одговори дека работа има, за оној кој сака да работи. Ни даде алтернатива да одиме во други градови, Херцегнови, Подгорица, да работиме на црно, а потоа дозволите ќе бидат и ќе не префрли во Будва.

„Кога помина една недела постојано и ѕвоневме, а немавме повратна информација. Почнавме да досадуваме на телефон, сезоната заврши, си ги баравме парите, а потоа изгубивме контакт. Преку нејзино посредство заминаа девојки, но колку што знам не таму каде што беше ветувано и не за таа работа која беше ветена.“

Девојките што заминале биле оставени сами да се снаоѓаат.

РСЕ: Што ви рече таа, зошто нема работа и нема пари?

„Пари нема зашто таа работела со некоја госпоѓа од Скопје, таа веќе не соработува со неа, а парите наводно биле дадени за работни дозволи. Парите ги дадов на рака, некои на сметка, некои ги добија назад. Поголемиот дел останавме без пари.“

Манипулациите оделе до таму што посредничката им велела дека има и други алтернативи.

„Ни одговори дека работа има, за оној кој сака да работи. Ни даде алтернатива да одиме во други градови, Херцегнови, Подгорица, да работиме на црно, а потоа дозволите ќе бидат и ќе не префрли во Будва. Јас не прифатив, а некои заминаа и знам само дека не се таму каде што беше ветувано.“

На дел од кумановската јавност оваа кумановка што нудела работа во странство била позната за вакви или слични манипулации. Меѓутоа, таа не е единствена.

Многу кумановски градежни работници преку други посредници и по половина година чекале за своите последни пари што ги имале или ги позајмиле за работни дозволи и посредување да заминат на работа во странство. Се споменува група дури од 60-ина работници. Има случаи кои пак биле на работа во Црна Гора, но таму добиле само дел од заработеното, а кога си ги побарале парите биле вратени назад.

Јавна тајна е пак дека има девојки кои преку посредници заминуваат во странство, а потоа како што се раскажува, таму се принудени да се занимаваат со нелегални работи.

Печалбарството за кумановци е принудно последната деценија ипол. Се уште е непозната бројка колку луѓе беа или се уште се во Ирак, Авганистан, Џибути или во некоја друга земја. Но, не е заборавена ниту трагедијата на тројцата кумановци кои преку фамозниот конторверзен бизнисмен Тангума ги загубија и своите животи во Ирак.

Во полицијата велат дека не ретко очајните луѓе бараат помош од нив. Разбирливо е поради борба за егзистенција со луѓето лесно се манипулира, а социјалните мрежи станаа мамка за ваков плен.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG