Достапни линкови

logo-print

Мрвица – „Пијанистичкото чудо од Шибеник“ на Охридско лето


Максим Мрвица, хрватски пијанист.

Максим Мрвица, хрватски пијанист.

Максим Мрвица, маестралниот хрватски пијанист и еден од најпродаваните класично образувани музички уметници во светот што свири преработки, по прв пат ќе настапи пред македонската публика. Неговиот концерт ќе се одржи на 26 јули, во 21 часот, во Античкиот театар во Охрид во рамките на нашата најзначајна летна културна манифестација.

„Пијанистичкото чудо од Шибеник“, „Најголемиот пијанист по Лист“, „Принц на пијаното“, „Најпознатиот кросовер пијанист во светот“...се само некои од епитетите што стојат зад името на Максим Мрвица, хрватскиот класично образуван инструменталист кој благодарение на сопствената виртуозност, милата ѕвезда, единствениот имиџ и паметниот маркетинг (Мел Буш – човекот што го „измисли“ жанрот „кросовер“ и кој работел и со Дејвид Боуви, Елтон Џон, КВИН...) си обезбеди глобална слава која подразбира настапи на големите сцени и на случувања какви што се олимпијадите или доделувањата на музичките награди Ем-ти-ви.

Со таква една репутација, со ореол на голема планетарна ѕвезда, тој по прв пат, во сабота на 26 јули, ќе музицира во Република Македонија. Неговиот концерт ќе се одржи во Антички театар, во рамките на актуелното 54-то издание на фестивалот Охридско лето.

Од неговата плодна биографија може да се види дека првиот концерт како солист со голем оркестар го одржал на 11 годишна возраст, дека првата голема награда на државниот натпревар ја освоил четири години подоцна во Загреб, за да потем триумфира на на меѓународниот пијанистичкиот натпревар „Рубинштајн“ во Париз и на натпреварувањето „Понтуаз“ во Франција.

За својот прв албум „Гесте“ од 1999 година, пак, добил дури четири награди „Порин“ во татковината и токму тој носач на звук, кој патем одлично поминал и кај меѓународната критика, ќе му го отвори патот кон светската музичка сцена. Неговиот прв успех со обработки на познати теми (кросовер албум) беше крунисан и со музичката награда „Ем-ти-ви“ за „дебитант на годината“.

Благодарение на таквиот развој на настаните, следбеникот „The Piano Player“, објавен во 2003 , ќе излезе со етикета на славната издавачка куќа „EMI Classics“, чии изведувачи се ѕвездите како Ванеса Меј, композиторот Жан-Мишел Жар, како и гудачкиот квартет „Бонд“ кој имавме чест да го видиме и чуеме во Антички театар со одличниот концерт кој го одбележа претходното издание на Охридско Лето.

Максим Мрвица е единствениот хрватски уметник со кој оваа угледна британска дискографска куќа потпиша договор за снимање на дури пет албуми. Промоцијата на првиот албум под оваа етикета пијанистот ја имаше во концертната сала „The Roundhouse“ во Лондон, каде што својата кариера ја започнале и славните „Ролингстоунс“, Џими Хендрикс и „Пинк Флојд“, а Мрвица се запиша како првиот хрватски уметник кој настапил во „округлата куќа“.

Во 2006 година тој одржа турнеја во 20 градови во Јапонија што сè уште важи за една од најголемите турнеи на еден интернационален уметник во Земјата на изгрејсонцето. По ваквиот успех, маестро Јури Симонов, диригентот на Московскиот филхармониски оркестар, го поканил како солист на ансамблот наново да го стори тоа во истото опкружување, а во 2010 година Хрватот бил една од големите интернационални ѕвезди на концертот во чест на 200 годишнината од роденденот на легендарниот Фредерик Шопен.

Згора на тоа, за време на Олимписките игри во Грција, неговата „Olympic dream“ се најде и на официјалниот олимписки албум „Harmony“, а бележит е и неговиот настап и на обие одр/ани четири години подоцна во Кина.

Кон врвот на пијанистичката кариера, значаен е и образовниот пат на Максим Мрвица кој по студиите на Музичката академија во Загреб, своето формално образование ќе го оформи студирајќи на Академијата „Ференц Лист“ во Будимпешта, а потоа и на „Националната школа за музика“ и на Конзерваториумот „Александер Скрјабин“ во Париз.

Покрај неизмерливиот талент, Максим Мрвица е познат и по својата исклучителна харизма. Неговиот посебен моден стил го доведе и до соработка со неколку водечки модни куќи како што се „Долче и Габана“ во Токио и „Кристијан Диор“ во Париз. Во 2004 година пијанистот беше прогласен и за најдобро облечен маж во светот од страна на списанието „Vogue Homme“ во Тајван.

Конечно, во пресрет на својот настап во Охрид, Мрвица ќе изјави дека му се радува на перформансот во неповторливиот амбиент и пред непозната публика која го љуби неговото музицирање, дополнувајќи дека во случајов ќе понуди програма во која ќе направи пресек на сите свои досегашни објави притоа посегајќи и по теми кои ќе се најдат на неговиот нов албум „Movies“ чие излегување е планирано за наесен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG