Достапни линкови

На зајдисонце 2014 или заложба за заживување на културниот туризам


Од 20 до 28 јули, во охридскaта крајезерска населба Трпејца, се одржува третото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“, која со ненаметливиот концепт и бројните активности за сите генерации, се наметнува во убав пример за промоција на природните реткости на овој крај и особено на неговите големи туристички потенцијали.

И покрај променливите временски услови, охридска Трпејца деновиве пулсира во знакот на третото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.

Креативно се потрудивме „На зајдисонце“ да добие на значење пред сè во јавноста, а потоа на тој начин да привлечеме и туристи за кои всушност и се прави оваа манифестација.

Случувањата започнаа на 20 јули на летната сцена „Кај бунарот“ кога „Распеани ѓерданчиња“ ја промовираа химната на случувањето „За Трпејца со љубов“. Потем следуваше изложбата „Далеку, а блиску“ од авторите Рома и Лука Фрашчек, млади сопружници од Полска кои претставија две серии фотографии – оние што минатата година ги снимиле воодушевени од селото, Охрид и од Македонија и фотографиите што ги направиле по враќањето во родната земја.

Интересот на туристите, на оние кои што сакаат негибната природа која за жал сè помалку ја има во нашата околина е голем и се надеваме дека Трпејца ќе успееме барем на тој начин да ја заштитиме и да ја оставиме таква каква што ја знаеме една, две или три децении наназад.

Во изминативе неколку дена паралелно се одвиваа курсевите за пливање што ги води Соња Думбалова Делова и оние за шах. Тука се и креативните работилници за изработка на мозаици од бисерните езерски камчиња и оригами, презентациите за спасување на вода за кои е задолжен Црвениот крст од Охрид, а беше прикажан и документарниот запис „Вака некогаш се рибареше во Трпејца“ на Хилда Кондовска.

Планирани се и настапите на Женската пејачка група при Здружението на пензионери од Охрид, легендарниот Томислав Маниќ и на подмладената славна музичка тајфа „Билјана“ со чија песна треба да биде означено свеченото затворање на ова издание на „На зајдисонце“.

Во меѓувреме ќе се одвиваат и бесплатните курсеви по англиски јазик, ќе биде сторена и традиционалната прошетка по патеката Чоколско на Галичица, ќе биде организирано фаќање на рипчиња со јадица кои ќе бидат употребени за подготовка на прочуената трпејчанска чорба од риба, а ќе се одржи и кајакарската регата „Номче Митрески“.

Разбирливо и овој пат нема да изостанат атрактивните вечерни променади се песна по езерото, а во соработка со Кинотека на Македонија, организаторите за мештаните и за гостите ќе го прикажат филмскиот класик „Мис Стон“, кој делумно е сниман во Трпејца и каде поголемиот дел од тогашните жители биле статисти.

„Креативно се потрудивме „На зајдисонце“ да добие на значење пред сè во јавноста, а потоа на тој начин да привлечеме и туристи за кои всушност и се прави оваа манифестација. Едноставно таа е наменета за оние кои што живеат и работат во Трпејца преку целата година, но насочена е со своите активности конкретно на туристичката понуда, се трудиме токму тоа да ја збогатиме туристичката понуда во ова крајезерско село, и така, на некој начин, да придонесеме кон заживување на културниот туризам во Република Македонија“, истакнува Милчо Јовановски, еден од идејните творци и организатори на манифестацијата.

Писателот и новинар Јовановски забележува дека гласот за она што тие трета година го прават со скромни средства почнува надалеку да се слуша и вели дека сега со вметнувањето на содржини во програмата на манифестацијата во кои удел земаат и гостите како во случајот со брачниот пар Фрашчек, полека почнува да се остварува нивниот стремеж за нејзината интернационализација која, пак, од своја страна нималку не подразбира дека некој сега или во иднина треба да се поигрува со наводната урбанизација на крајоликот.

„Интересот на туристите, на оние кои што сакаат негибната природа која за жал сè помалку ја има во нашата околина е голем и се надеваме дека Трпејца ќе успееме барем на тој начин да ја заштитиме и да ја оставиме таква каква што ја знаеме една, две или три децении наназад“, вели Јовановски.

Инаку, покровител на манифестацијата и овој пат е Општина Охрид, а свој удел во нејзиното организирање имаат здружението „На Трпејца со љубов“, месната заедница, црковниот одбор и спонзорите и поддржувачите од овој крајезерски крај.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG