Достапни линкови

Владата посега по џебот на граѓаните, буџетот е празен?


Неодговорната економска политика на владата пристигна за наплата, велат економистите. Владата најави измени во старосниот лимит за пензионирање и во делот со придонеси за хонорарците. Претходно се задолжи, а ги зголеми и цените на патарините и на регистрациите.

Минатата недела Владата се задолжи со еврообврзница вредна 500 милиони евра, а вчера беа објавени и измените во старосниот лимит за пензионирање, па работниците ќе може да бираат да одат во пензија една до три години подоцна од законскиот рок. Дополнително и за работно ангажирање со договор за дело или пак авторски договор ќе се плаќа здравствено и пензиско осигурување.

Многу од овие фондови, вклучително и пензискиот и Фондот за здравство се соочуваат со најавите за колапс, така да со секој нов трик за регулирање преку нови закони и регулативи се купува социјалниот мир во оваа држава.

Со првата мерка директно се полни буџетот, со втората се растоварува фондот за пензиско и инвалидско осигурување од новите пензионери, а со третата тој добива и дополнителни пари, оценуваат некои економисти, според кои, овие потези преземени во краток период се знаци и дека државниот буџет е во лоша кондиција.

Средба на вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за труд и социјала Диме Спасов со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски.

Средба на вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за труд и социјала Диме Спасов со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски.

Економскиот аналитичар Висар Адеми смета дека состојбата со државната каса е таква веќе подолго време, а постојаните задолжувања од разни извори го покажувале тоа.

„Многу од овие фондови, вклучително и пензискиот и Фондот за здравство се соочуваат со најавите за колапс, така да со секој нов трик за регулирање преку нови закони и регулативи се купува социјалниот мир во оваа држава“, вели Адеми.

Приказната за економскиот раст, големите инвестиции и многуте вработувања, всушност се удави во популизмот кој цело време е наменет за изборниот ден и сега трката за кредити, отсега натаму ќе биде и трка за подлабоко ставање на раката на државата, на власта, во паричникот на граѓаните и на компаниите.

Според поранешниот гувернер, економистот Петар Гошев ова е последница на тоа што цената на неодговорната економска политика пристигнувала за наплата.

„Се грабаа и грабаа кредити, а ги употребуваат и ги употребуваат за проекти кои само ги зголемуваат трошоците на државата без позитивно влијание врз растот на економијата или за моментални краткорочни ефекти. Приказната за економскиот раст, големите инвестиции и многуте вработувања, всушност се удави во популизмот кој цело време е наменет за изборниот ден и сега трката за кредити, отсега натаму ќе биде и трка за подлабоко ставање на раката на државата, на власта, во паричникот на граѓаните и на компаниите“, вели Гошев кој очекува дека периодов што следи ќе се зголемувале директните и индиректните даноци што ги плаќаат граѓаните, набројувајќи ги тука и веќе преземените мерки како растот на цената на патарините и зголемувањето на регистрацијата.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување дефинитивно е на неодржлива патека, смета тој и затоа се бараат дополните начини како тој да функционира, но тие може да бидат неодржливи на подолг временски период.

„Ако тие продолжат со овие политики коишто досега ги водеа ни едно решение нема да биде доволно, затоа што на крајот балонот ќе експлодира како што се случува во држави коишто исто така воделе неодговорни политики во подолг временски период“, вели Гошев.

Инаку и самиот министер за економија Беким Незири оцени дека новите владини мерки меѓудругото ќе влијаеле краткорочно Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да биде постабилен. За тоа пак дека тој е во лоша кондиција се зборува веќе шест години особено откако почнаа се повеќе пари од буџетот да се префрлуваат во таа државна институција. Во меѓувреме пак дополнително се намалија парите во фондот и поради намалувањето на придонесите за пензиско осигурување и зголемувањето на пензиите.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG