Достапни линкови

Малезискиот авион соборен по грешка


Американски разузнавачи изјавија дека проруските сепаратисти го собориле малезискиот патнички авион над источна Украина по грешка. Според претставниците кои сакале да не бидат именувани, не биле најдени докази за директна вмешаност на Русија во соборувањето на авионот со ракета земја-воздух СА 11.

Иако нема никаква врска со Москва, американските разузнавачи соопштија дека Русија создала услови за соборување на авионот.

Кога ќе ги погледнете ознаките на авионот и како тие изгледаа откако беше соборен, очигледно е дека станува збор за ракета од типот СА-11 истрелана од земја. Нема никакви информации кои индицираат на украински авион.

Тие исто така навеле дека немаат сознанија дали Руси биле присутни при лансирањето на ракетата, а не сакале да кажат дали екипата која го сторила тоа била обучувана во Русија.

Сепак, според нив, руската армија ги тренира бунтовниците во голема база во Ростов за користење различни видови оружје, вклучувајќи и противвоздушни системи.

Американските разузнавачи изјавија дека решиле да ги брифираат новинарите во Вашингтон со цел да одговорат на дезинформациите од Русија и тамошните државни медиуми околу трагедијата.

Имаме голем број докази и разузнавачи за да го поддржиме она за што ние веруваме дека е вистина.

Во Русија се појавија многу објаснувања за соборувањето на авионот: од атентат врз претседателот Владимир Путин кој се враќал од Бразил, преку очајнички обид на Запад да биде вклучен во битката за источна Укриана до неуспешна мисија за масовно убиство на руски граѓани.

Дел од руските медиуми сугерираат дека украинските власти го организирале соборувањето на авионот така што ќе изгледа дека тоа го направиле бунтовниците, во надеж да го примамат Западот на воена интервенција.

Според американските разузнавачи, не било возможно Киев да го сторил тоа, бидејќи немал ракетни системи на тоа подрачје.

За да се случи тоа, како што изјавија, украинските сили требало преку борби да го минат нивниот пат до подрачјето, да ја истрелаат ракетата и повторно да се вратат.

Во исто време американскиот Стејт департмент ги отфрли како неосновани руските наводи дека леталото било соборено од украински борбен авион.

„Кога ќе ги погледнете ознаките на авионот и како тие изгледаа откако беше соборен, очигледно е дека станува збор за ракета од типот СА-11 истрелана од земја. Нема никакви информации кои индицираат на украински авион. Тоа го изјави и украинскиот претседател. Но, ние би сакале тоа да се провери независно“, изјави портпаролката на Стејт департментот Мари Харф, која исто така ги отфрли руските негодувања на американските проценки за условите кои довеле до трагедијата.

„Видовме во текот на овој конфликт дека руската влада се служи со чиста пропаганда и лаги за она што се случува. Имаме голем број докази и разузнавачи за да го поддржиме она за што ние веруваме дека е вистина“, рече Харф.

Деновиве американскиот претседател Барак Обама изјави дека малезискиот авион со 298 патници и членови на екипажот бил соборен над територија контролирана од проруските сепаратисти во Украина.

Повеќето од жртвите се од Холандија каде што 23 јули е прогласен за ден на жалост.

Во меѓувреме, шефовите на дипломатиите на Европската унија за прв пат ја спомнаа и можноста од ограничување на пристапот на Русија на европските пазари за одбранбена и енергетска технологија.

Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд изјави дека Лондон сакал мерки чија цел би биле пријатели и сојузници на рускиот претседател Владимир Путин за да се изврши посилен притисок врз Москва да не се меша во внатрешните работи на Украина.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG