Достапни линкови

logo-print

Кери и Бан Ки-мун со апели за мир на Блискиот Исток


Американскиот државен секретар Џон Кери вчера во Каиро разговараше со египетски претставници во обид да се стави крај на борбите меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Кери го повика Хамас да прифати разговори врз основа на египетскиот предлог за прекин на огнот. Минатата недела, Израел го прифати египетскиот предлог, но Хамас го отфрли.

Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, изрази „надеж и верба“ дека неговата итна мисија на Блискиот Исток ќе доведе до крај на борбите меѓу Израел и Хамас „во многу блиска иднина“. Тој ова го кажа пред Советот за безбедност на ОН, зборувајќи преку видео врска од градот Рамала на Западниот Брег.

Насилствата во Појасот Газа продолжуваат, а има информации дека Израел отворил оган врз училиште на ОН во кое се згрижуваат раселените Палестинци во Газа. Најголемите американски, европски и канадски авиокомпании вчера ги откажаа летовите до и од Израел, откако граната испукана од Газа удри во близина на главниот меѓународен аеродром во Тел Авив.

Израел ги започна нападите во Газа на 8 јули за да ги спречи палестинските милитанти што испукуваат гранати кон Израел од териториите под контрола на Хамас. Во двонеделните борби досега загинаа 609 Палестинци, претежно цивили и 29 Израелци, од кои 27 војници и двајца цивили.

XS
SM
MD
LG