Достапни линкови

Ждрело – Трагикомична фарса за потрошувачката идеологија


Претставата „Ждрело“, од Жанина Мирчевска во режија на Зоја Бузалковска и во продукција на Драмски театар од Скопје, премиерно ќе биде изведена утре вечер, од 21 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Станува збор за трагикомична фарса за алчноста на глобално материјалистичко-лакомиот свет и за една од двете премиери на годинешната културна манифестација Охридско лето.

По пет години од поставувањето на „Таму каде што не сум бил“ на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, Зоја Бузалковска повторно ја потпишува режијата на драмски текст од Жанина Мирчевска. Овој пат во продукција на Драмски театар од Скопје таа го дава своето видување на „Ждрело“ – трагикомедијата за алчноста на глобално материјалистичко-лакомиот свет.

Ретко се наоѓаат текстови коишто се толку универзално значајни и актуелни. Ми се чини дека буквално се однесува на секоја урбана точка на земјината топка.

„Ретко се наоѓаат текстови коишто се толку универзално значајни и актуелни. Ми се чини дека буквално се однесува на секоја урбана точка на земјината топка и на она што во моментов се случува насекаде во светот и не само овде кај нас. И во таа смисла, „Ждрело“ е возбудлив за режирање затоа што се бави со конзументството. Со порокот на потрошувачката психологија која што му е наметната на светот. Со лакомоста, со алчноста за богатство, за пари. Со алчноста во една друга смисла на зборот, како компензација на нешто што недостасува“, вели Бузалковска.

Учам брзо текст. Но примањето на овој текст како свој, како мој ДНК, одеше многу потешко. Зошто? Поради тоа што е така напишан. Затоа што е Жанина таква посебна. Но, веројатно сето тоа придонесе за навлегување подлабоко и подлабоко во суштината, во сржта на она што сакала да го каже.

Таа дополнува дека текстот всушност донесува мал милион под теми, но, како што истакнува, тој во основа ја слика единствената идеологија која денеска се промовира – потрошувачката идеологија во која човек практично и не бира средства и предмети за конзумација.

За поставување на оваа предлошка на Жанина Мирчевска, режисерката се одлучила да собере силен актерски и креативен тим кој до крај ќе поверува не само во материјата, туку и во нејзината замисла. Така ликот на Оној што си го изел и своето име го толкува Рубенс Муратовски, чуварот Тине е Димитрија Доксевски, мајката Сирма – Лилјана Велјанова, советникот Едвард – Диме Илиев, убавицата Амелија – Трајанка Иванова Таци, а во пиесата настапуваат и Александар Степанулески, Ивана Павлаковиќ, Филип Трајковиќ и Соња Стамболџиоска.

Муратовски појаснува дека ова бил најнеобичниот и најтешкиот процес во убава смисла на зборот во креирањето на еден лик што досега го имал тој во својата професионална кариера. Вели дека е исклучително тешко да се навлезе во драматиката на Мирчевска бидејќи таа е многу посебна кога пишува.

„Учам брзо текст. Но примањето на овој текст како свој, како мој ДНК, одеше многу потешко. Зошто? Поради тоа што е така напишан. Затоа што е Жанина таква посебна. Но, веројатно сето тоа придонесе за навлегување подлабоко и подлабоко во суштината, во сржта на она што сакала да го каже“, вели Муратовски.

Своја улога во развивањето на концептот на Бузалковска имаат и нејзините соработници - драматургот Александра Бошковска, сценографот Љупчо Јованов, костимографката Лира Грабул, авторот на оригиналната музика Огнен Анастасовски, кореографката Кренаре Невзати Кери и човекот задолжен за изработка на маските Ѓорѓи Ѓорѓиовски.

Инаку, ова по минатогодишната „Кавкаски круг со креда“ од Бертолд Брехт во режија на Златко Славенски, е втора премиера на Драмски театар во последниве две години на Охридско лето. Затоа Роберт Вељановски, актуелниот директор на оваа наша национална институција, вели дека нивната постојана интенција е да бидат дел од сериозните случувања на македонската културна сцена.

„Од друга страна, не постои национален театар без национална драма. Од тука, Драмскиот театар изведува драмски текстови на домашна автори и во еден континуитет следејќи го концептот и оваа година еден домашен автор, Жанина Мирчевска, којашто не живее во Македонија, меѓутоа ние си ја имаме за своја, ќе биде прикажан на нашата сцена“, вели Вељановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG