Достапни линкови

Владините политики водат кон злосторства од омраза


Според претседателката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, бројот на злосторства од омраза во Македонија е поразителен.

Од февруари минатата година досега во Македонија се случиле 175 злосторства од омраза покажува статистиката на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Најголем дел од нив, односно 128 биле инциденти сторени поради етничка припадност, државјанство или јазик. Според претседателката на организацијата Уранија Пировска овие бројки се поразителни.

Она што исто така Хелсиншкиот комитет го загрижува е дека овие податоци говорат дека политиките во земјава не одат кон тоа да ги сплотат различните етнички заедници. Напротив, сето она што во моментов се случува е резултат на погрешните политики.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет на Македонија.

Уранија Пировска.
Уранија Пировска.

„Она што исто така Хелсиншкиот комитет го загрижува е дека овие податоци говорат дека политиките во земјава не одат кон тоа да ги сплотат различните етнички заедници. Напротив, сето она што во моментов се случува е резултат на погрешните политики. Република Македонија е мултикултурна и мултиетничка држава. Во една таква држава, институциите на системот, државата, треба да креираат политики што ќе одат во насока на сплотување на заедниците“, вели Пировска.

За ваквите состојби секогаш е најодговорна државата. Државата е таа којашто преку своите институции треба да го спречи тоа.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет на Македонија.

Таа додава дека говорот на омраза најмногу се шири на социјалните мрежи, но како што додава, него го има и во класичните медиуми особено кон лицата со поинаква сексуална ориентација. Според неа, генерално во државава недостига план за превенција од насилствата поттикнати од ваквото однесување.

„За ваквите состојби секогаш е најодговорна државата. Државата е таа којашто преку своите институции треба да го спречи тоа. Самиот факт што не постои институција којашто ги бележи инцидентите од омраза говори за тоа дека не постои никаква посериозна активност на ова поле. За вие нешто да спречите, треба да имате систем којшто функционира. Кај нас за жал правосудните органи не реагираат во ваквите случаи“, вели Пировска.

Инаку, другите инциденти што се категоризираат како злосторства од омраза во Македонија се сторени поради предизвикување на национална, расна и верска омраза, повреда на рамноправност на граѓаните поради религиозна припадност и верско убедување, политичка припадност или политичко уверување, сексуална ориентација или родов идентитет, а имало и инциденти сторени на спортски натпревар.

Денеска Движењето против говорот на омраза спонзорирано од Советот на Европа организира слични акции и низ други европски градови. Поводот да се прати предупредувањето е масакрот што се случи во Норвешка пред три години. Имено, токму на денешен ден Андерс Брејвик во Осло и на островот Утоја уби 77 луѓе поттикнат од омразата најмногу кон муслиманите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG