Достапни линкови

Неделчевски со мали студии на човекот зад објективот


„Фотографи(и)“ е насловена шестата самостојна фото-изложба на Драги Неделчевски што во рамките на Денови на македонска фотографија и културната манифестација Скопско лето 2014, од 22 јули, ќе се одржи во Галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка. Станува збор за мали студии на човекот зад објективот.

Во фотографијата нема „мали“ и „големи“ теми, идеи или настани вредни за фотографирање. Пред некое време предизвикав на фотографски двобој десетмина фотографи (сопственици на фото апарати). Сакав да видам како на фотографија изгледаат луѓето во моментот кога ме фотографираат мене. Една наизглед попатна фотографска „зезанција“ ме награди со прекрасни портрети, мали студии на човекот зад објективот.

Ние фотографите сме воајери по природа на работата, а понекогаш сме можеби и доста суетни и често пати не се појавуваме на фотографии. Стоиме зад фотоапаратот и затоа јас сакав фотографот како институција да го прикажам на моите фотографии.
Драги Неделчевски, фотограф.

Ова меѓу другото ќе го прибележи Драги Неделчевски во каталогот за својата нова самостојна постановка, што во рамките на Денови на македонска фотографија и културната манифестација Скопско лето 2014, ќе се одржи во Галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка.

„Ние фотографите сме воајери по природа на работата, а понекогаш сме можеби и доста суетни и често пати не се појавуваме на фотографии. Стоиме зад фотоапаратот и затоа јас сакав фотографот како институција да го прикажам на моите фотографии“, вели тој.

Сакав да направам некаков приод кон фотографијата и од другата страна. Да се види како изгледа самиот чин на фотографирање кога се прави фотографијата.
Драги Неделчевски, фотограф.

Авторот дополнува дека самиот не љуби „наместени фотографии“, но во случајов вели дека станува збор за проект во кој се прикажани 40 портрети на негови колеги и други јавни личности (меѓу кои Александар Кондев, Ангел Ситновски, Боро Рудиќ, Роберт Јанкуловски, Росица Лазеска, Дејан Шкартов...) кои се согласите откако ќе ги фотографира, да го сторат истото и тие.

„Сакав да направам некаков приод кон фотографијата и од другата страна. Да се види како изгледа самиот чин на фотографирање кога се прави фотографијата. Сега можеби ова некому може да му изгледа како доста банална тема, но кога ќе помине некое време, некоја историска дистанца, ќе биде интересно да се видат тие луѓе бидејќи насловите на фотографиите се имињата на фотографите. Ќе се види како тие изгледале, со каква опрема се служеле, каков е нивниот израз во моментот кога фотографираат“, вели фотографот.

Неделчевски истакнува дека во изминативе четири години додека го работел проектот забележал дека професионалците, оние кои живеат од фотографијата, скоро целото лице го кријат зад фотографскиот апарат, а додека другите кои со фотографија се занимаваат попатно и од задоволство се порасположени и поопуштени пред објективот. Затоа, како што вели, за некој психолог или социолог, оваа негова изложба можеби би можела да биде еден вид психолошка или социолошка студија.

Говорејќи, пак, за сопствениот принцип на работа, истакнува дека ги има малкумина фотографи во Македонија кои милуваат да работат тематски и постудиозно.

„Не сакам да работам случајни фотографии, демек ако ми се допадне некој мотив, светло и т.н. туку сакам да работам паралелно на неколку проекти повеќе години. Можеби и тоа е вредноста на овој проект што е така малку постудиозно работен. Ќе видите на изложбата лица на многу познати фотографи и на доста непознати луѓе вљубеници во фотографијата“, вели тој.

Роден 1958 година во Тетово, Драги Неделчевски по професија е правник. Со фотографија се занимава од 1978 година и тој, две години подоцна, практично е еден од основачите на Фотокино студиото при Домот на културата „Иљо Антески – Смок“. Основач е и претседател на Фотокино клубот „Тетово“, како и на фото групата „Чкрап“ во родниот град. Активен член е на Фотосојузот на Македонија и соработува со Македонскиот центар за фотографија и редовен учесник е на групните и на заедничките изложби во земјава и во странство.

Повеќепати бил наградуван за своите фотографии и зад себе има неколку самостојни изложби и тоа во Тетово, Скопје, Прилеп, Белград (Србија), Сараево (Босна и Херцеговина) и во Берн (Швајцарија).

Сем со фотографија, Неделчевски се занимава и со непрофесионален филм и видео. Има снимено и режирано неколку кратки документарни и експериментални филмови за кои има и награди на фестивалите на кои учествувал.

Во 2010, со неколкумина свои собеседници – креативци, ја формираа Фејсбук групата „Creative Exchange“ чија цел во изминативе неколку години беше да ја афирмира креативноста во Македонија, посебно во делот за фотографија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG