Достапни линкови

Герасимовски - Пописот не е само етничко пребројување


Можностите за спроведување на попис постојат, па не можеме ние да бидеме исклучок во светот. Доколку постoи политичка волја, тоа е основниот проблем кај нас, затоа што пописот не е попис само за собирање етнички карактеристики, кој на што припаѓа, дали сме вакви или такви, тоа е еден сегмент којшто е запоставен во сите земји, вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.

Повеќе од една деценија немаме спроведено попис во државата. Колку се валидни податоците со кои сега се располага, не само во бројноста на население, туку и економски податоци, социјални, избирачки список?

Значењето е големо. Пописот е статистичка акција која треба да обезбеди податоци од животот и работењето во државата, односно со една реченица од пописот се твори иднината. Со пописот се прибираат податоци за населението по разни карактеристики и за непосредното планирање на проекти или на што било од која било сфера. Од прибраните податоци треба да знаеме каде треба да се гради училиште, каде треба да се гради здравствен дом, детска градинка, каде треба да се гради пошта, патишта итн., за да се гледа како треба да се планира иднината во разни сфери од животот и работењето. Конкретно јас сега како секретар на Општина Центар, за што ми се потребни податоци врз основа на кои се прават проекти и разни други потреби за тековното работење, ние не знаме колку има број на население во Општина Центар од 2002.

Како сега ги правите плановите за проекти ако немате валидни податоци?

Тешко се снаоѓаме во работењето и во тој домен мораме во одредени случаи да ги користиме податоците кои се пред 12 години. Ние по низа параметри на наградувања, на примања, на дотации, на која било сфера од добивките или од работењето, ни се потребни податоци за бројот на населението.

Во моментов е актуелна кампањата „Попис веднаш“. Да претпоставиме дека има политичка волја, кога најрано можеме да спроведеме попис?

Оваа година и наредната веќе се започнуваат подготовки за пописот што треба да се спроведе во 2020. Пописите според препораките на ОН се спроведуваат во годините што завршуваат на 0 и на 1. Пописот се спрема најмалку 3 до 4 години, толку траат подготовките на една земја. Ние нешто сме подготвиле, тоа треба да се најде. Најмалку би ни требало една година, затоа што во законските определби стои, не само темелни подготовки кои траат подолг временски период, туку е битна и суштината дека шест месеци пред и шест месеци по пописот не треба да се прават никакви територијални измени. Значи врзани сме со одредени други законски процедури кои имаат силно влијание не само врз спроведувањето на пописот, туку и дистрибуција на податоци на разни нивоа кои се потребни. Од тука произлегува дека нив во текот на оваа година нема никаква можност за спроведување на попис, бидејќи подготовките се доста обемни, сложени и стручни.

Колку имаме стручен кадар и професионален капацитет?

И тој проблем е присутен тука. Од голема суштина и битност во спроведувањето на пописот е да има голем број на стручен кадар. Како прво и основно ние секогаш ја избегнуваме суштината. Во изминатиот период не беше така, меѓутоа со последниот попис во 2011 којшто беше прекинат, се случуваше тоа. Согледувајќи ги состојбите кои се случуваа тогаш, од стручноста, препреките што доаѓаа од примена на закони и препораки, методологии, дефиниции, стандарди во самата државна пописна комисија, а тоа се провлекуваше и во подготовките на надлежната институција. Надлежната институција ги избегна сите обврски, а најголем дел од обврските и одговорноста треба да ги сноси надлежната институција, бидејќи заводите и институтите за статистика во сите земји во светот се надлежни и одговорни за спроведување на попис. Не може да ја префрлите топката на други субјекти. Државната пописна комисија е тело на влада и точно тоа е политичко, составено од разни националности, структури, итн. Таа не може да ги земе одговорностите, а парите и кадарот се во надлежниот орган, односно институцијата Завод за статистика.

За пописот што требаше да се одржи пред 3 години, се потрошија десетици милиони евра, се обучуваа луѓе и сето тоа пропадна во вода. Како ние сега да спроведеме попис?

Можностите за спроведување на попис постојат, па не можеме ние да бидеме исклучок во светот. Доколку постoи политичка волја, тоа е основниот проблем кај нас, затоа што пописот не е попис само за собирање етнички карактеристики, кој на што припаѓа, дали сме вакви или такви, тоа е еден сегмент којшто е запоставен во сите земји. Пребројувањето е во системот на државата, затоа се вели дека пописот е статистичка операција која лесно треба да се спроведе. Доколку имаме добри подготовки, добар стручен кадар, доколку имаме добри финансиски средства, доколку на теренот се обезбеди тоа. Додека ние се бориме и коментираме, во расправа започнувајќи од највисокото тело за подготовка на пописот, за да се пребројуваме колку сме и што сме, а потоа теренот секако останува проблематичен. Но не може да се тргне во попис без да имаме доволно обучен стручен кадар којшто треба директно да го спроведува тоа, независно на кој етникум припаѓа, независно на коај политичка партија, пописот е чиста акција во интереси и во функција на државата.

Премиерот споменуваше поинакви рецепти за спроведување на попис, нов компјутерски софтвер? Можни ли се тие?

Веројатно мислењето на премиерот во однос на нов софтвер е ако нешто се примени, се почне со одредени показатели кои се прибираат преку надлежни институции во државата. Меѓутоа за да се спроведе таков софтвер, мене малку, не дека ме зачудува, но е тешко остварлив кај нас. Меѓутоа доколку во институциите во системот, а тоа е единствено преку Министерството за внатрешни работи со биометриските пасоши и лични карти од таму да црпат податоци, како и за избирачки список за да може нешто да се прави. Но вие не можете да приберете колку домаќинствата имаат добиток, колку имаат земјоделска површина во сопственост, преку софтвер тоа сигурно не се собира. И не се работи за едно мало подрачје, се работи за територија на цела држава. Од тоа произлегува дека ние во овој момент такви софтвери и регистри не можеме да користиме. За жал, ние иако во државата имаме донесено закон за регистер на население, колку функционира или не, тоа е едно прашање за кое јас честопати користам една изрека дека не функционираат институциите во системот. Вие како ќе правите попис, ако немате регулирано влезна и излезна состојба во земјата, со кој софтвер? Ако функционира софтверот на граничните премини.

Македонија старее, наталитетот опаѓа, младите се иселуваат, од друга страна владата бомбардира со реклами за трето дете? Доволни ли се само реклами?

Една популациона политика што се подготвуваше уште во 1987-1988 година во која јас бев учесник, се преземаа мерки, но тие мерки треба кога ќе помине одреден временски период да се прилагодат, меѓутоа немаше многу резултати. Во 2007-2008 повторно се правеше една стратегија преку Министерството за труд и социјала во однос на популационата политика. Во последно време пак се донесе уште една стратегија, измени и дополнувања, меѓутоа трошења на средства на маркетингот дека е потребно второ дете, трето дете, тоа е добро, но ќе треба еден временски период, меѓутоа тој временски период е и доколку младите се задржат во земјата, сметајте на процентот на младо население на 25 до 30 години кои се заминати надвор. Од друга страна е невработеното население на таа возраст, тоа значи дека и тоа влијае на наталитетот или на таа стратегија за популациона политика, односно на демографскиот развој на земјата, за да може сето тоа да се согледа. Значи една компатаривна анализа со длабински анализи на сето ова, но точно прецизни мерки во однос на таа стратегија, како сето ова би се подобрило. Вие ако имате невработеност, ако имате ниски примања, ако немате решено станбено прашање, ако економски сте слаби, како ќе одите натаму во животот? Оттука секој бара спас надвор.

Дали можеби тие владини политики се поставени на погрешни основи?

Рамномерниот регионален развој не можете да го планирате докрај, од иселеноста, од неводење на евиденција, дали таму има потреба од било што да се прави, вие треба освен самиот попис на десетгодишен период, но и во меѓупописниот период треба да се градат податоците за да ја следиме состојбата од година во година, од разни параметри. Имаме институции во системот, имаме патишта, имаме електрика, имаме водоводни мрежи, но тоа кога ќе се стави во една компарација на севкупно разгледување може да се има комплетна слика, а ние имаме од поединци како се заинтересирани за одредени области, подрачја или население или кој како ќе притисне, дали партиски, дали етнички, дали нешто друго.

Колку жители речиси толку гласачи, се покажува на изборите во земјава. Вие сте секретар на Општина Центар, која за време на локалните избори беше преплавена од фиктивни гласачи, гласачи од Пустец. Ви се обратил ли некој од тие гласачи во Општината на разговор, да побара помош за нешто, да се заинтересира за некоја локална тема од интерес на општината?

Појавата која е на овие избори во последно време малку и лично како граѓанин на оваа земја ме зачудува. Од аспект дека ги знам и состојбите, тоа се работи, морам да кажам, за еден вид на манипулација на избирачки список. Не е спорно дека некој има државјанство, спорно е дали тој постојано живее тука. Тој од Пустец може да гласа и во Албанија, може да гласа и во Македонија, докрај не говорам како, меѓутоа тоа е. Конкретно во овие последни два-три избирачки циклуси кадешто се појавија гласачи до Пустец, кадешто имаше голема фама, расправи итн., тие имаат лични карти издадено до МВР, а личната карта е валиден документ, е сега колку е тој валиден е друг аспект, но тој е валиден за да гласа и не можете да го оспорите тоа. Но ова што го знам и од терен е дека речиси никој не живее од нив тука. Од друга страна ние до сега никаква интервенција, ниту побарување, ниту контакт, ниту средба, ниту било каква помош побарале од Општина Центар. Не побарале никаква помош, дали тоа се работи за станбено прашање, дали од социјална итн., нема ништо, тие доаѓаат гласаат и си заминуваат, организирано или не, е сепак проблем за расправа, но тоа сепак е штета за државата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG