Достапни линкови

Градењето на Водно не запира


Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиевски присуствуваа на почетокот на градба на регионален пат за населбата Сончев Град на Водно.

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиевски присуствуваа на почетокот на градба на регионален пат за населбата Сончев Град на Водно.

Се покажа дека сечењето на шумата и урбанизацијата на Водно продолжува и покрај реакциите на стручњаците кои предупредуваат дека на таму не е дозволено да се гради повеќе од еден кат.

Со незапирливо темпо владата продолжува да прави зафати на Водно при што се планира изградба на десеткатница, а во тек е патот кон Сончев Град. Се покажа дека сечењето на шумата и урбанизацијата на Водно продолжува и покрај реакциите на стручњаците кои сега предупредуваат дека на тоа подрачје не е дозволено да се гради повеќе од еден кат.

ИЗИИС уште во 2009 година алармирал за безбедноста за градење таму, но како и за сè друго, со ДУП-овите кај нас и тоа не се почитува доволно. Значи, тука се работи и за недоволно безбедна подлога на градење, но се работи и за некои други работи.

Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, претседателка на Асоцијацијата на архитекти, е разочарана дека битката за Водно доживува пораз, бидејќи патот веќе е пресечен, а не е оптимист дека ќе им се застане на пат и на најновите зафати. Не се работи за сеизмика, туку за бизнис интереси, вели таа.

Пред две години се урна потпорен ѕид на Водно.

Пред две години се урна потпорен ѕид на Водно.

„ИЗИИС уште во 2009 година алармирал за безбедноста за градење таму, но како и за сè друго, со ДУП-овите кај нас и тоа не се почитува доволно. Значи, тука се работи и за недоволно безбедна подлога на градење, но се работи и за некои други работи. Границата на урбанизмот и на градењето сè повеќе и повеќе се поместува нагоре кон планината што е лошо и од еколошки аспект. Скопје е град што нема многу избор да има во непосредна близина природа, и тоа нешто малку што го имаме, ние продолжуваме да го уништуваме“, вели таа.

Пред неколку дена кај градинката во близина падна ѕидот. Сеизмолошкиот завод најдобро го знае тој терен, бидејќи тој се наоѓа во непосредна близина. Значи, ако има таква реакција треба да се види зошто воопшто не е земена предвид, или, пак, е земена предвид.

За Водно актуелни се и неколку други проекти што се случуваат и што се најавени. Не е започната, но е најавена изградба на ски-патека. Проект во тек е и телекомуникациската кула.

Во врска со патот што се гради, еколгистите претходно информираа дека до нивната организација веќе стигнуваат поплаки за појава на лизгање на земјиштето. Методија Саздов од Македонскиот зелен центар бара да се даде поголемо значење на заштитата на парк шумата, а во врска со десеткатницата што треба да се гради, бара да се види зошто не е земено предвид укажувањето на сеизмолозите дека е опасно да се гради.

„Пред неколку дена кај градинката во близина падна ѕидот. Сеизмолошкиот завод најдобро го знае тој терен, бидејќи тој се наоѓа во непосредна близина. Значи, ако има таква реакција треба да се види зошто воопшто не е земена предвид, или, пак, е земена предвид“, вели Саздов.

Архитектите велат дека не гледаат дека урбанизацијата на Водно ќе заврши и оти на тоа се трошат големи суми пари. Интервенциите на Водно се случуваат во ситуација кога Скопје последните неколку години го доживува максимумот на загаденост.

Во меѓувреме владата започна и изградба на барокна фасада на зградата на ЕВН, а барокната фасада на ГТЦ треба да се гради на есен. Јовановиќ дополнува дека и овој проект се покажува отпорен на нивните реакции.

„Со новиот закон за градење тие им ги одзедоа ингеренциите на општините за да може да го спроведат до крај она што наумиле да го спроведат. Формално правно гледано, тие се законски поткрепени со сè, а друга работа е што законот го менуваат како да е нивна приватна своина, така како што им одговара за да го спроведат на дело она што решиле да го спроведат, без разлика на сите апели“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG