Достапни линкови

logo-print

Необезбедени плажи и дрски концесионери во Охрид


Илустрација.

Илустрација.

Половина од плажите во Охрид среде туристичка сезона се без спасители на вода. Дел од концесионерите ги прекриле целите плажи со лежалки за кои наплатуваат, без да остават слободен простор.

Половина од плажите во Охрид среде туристичка сезона се без спасители на вода, односно се небезбедни за капење, велат од Црвен крст од Охрид. Претседателот Сашо Точков вели дека станува збор за вкупно 17 плажи помеѓу кои и дел од поатрактивните, каде фреквенцијата на посетители е голема.

Меѓу нив се и плажи кои се доста фреквентни и каде има доста капачи и кои во овој момент претставуваат опасност за оние кои ги посетуваат.

„Тоа се скоро половината. Меѓу нив се и плажи кои се доста фреквентни и каде има доста капачи и кои во овој момент претставуваат опасност за оние кои ги посетуваат. Таму нема ниту спасители, не се соодветно обележани и не се поставени оние пунктови за укажување на прва помош со потребните дефибрилатори. Се надевам дека ќе се вразумат сите оние кои треба да го почитуваат законот и да воспостават ред во делот на безбедноста на вода на своите капалишта“, рече Точков.

Сите оние концесионери на плажи кои упорно го кршат законот, ќе бидат санкционирани, ќе се поднесат соодветни пријави, а ќе бидат раскинати и договорите за закуп на плажите, кои пак потоа повлекуваат други последици за нив.

Тој вели дека сопствениците на тие плажи воопшто од Црвен крст досега не побарале да им испрати спасители.

„Повеќето од нив кажуваат дека ќе почнат подоцна сè со цел да ги избегнуваат законските норми, но и давачките претпоставувам. Давачката за еден спасител е минорна во однос на вредноста на еден живот. Имаме работа со наш менталитет. Се надевам дека еднаш ќе се воспостави ред бидејќи конците се во рацете на локалната самоуправа. Тука е и капетанија која треба да реагира и да ги обезбеди капалиштата на охридското крајбрежје, сè со цел да не се случи некој инцидент, па после да се бара кој бил кривецот“, рече Точков.

Слична е и ситуацијата и со струшките плажи, каде од 13 плажи, само 6 плажи имаат спасители. Од први јули екипите на Црвен крст имале пет посериозни интервенции на вадење на млади давеници и два смртни случаи.

Локалните комунални инспектори деновиве вршеле контрола на сите плажи кои се под концесија во Охрид, информираат од локалната самоуправа. На една плажа било констатирано дека истата го прекрила просторот со лежалки за кои се наплатувало од страна на лица ангажирани на плажата, без притоа воопшто да се остави слободен простор. На друга плажа граѓани пријавиле дека не им се дозволувало на средношколци или основци да престојуваат на плажата бидејќи лицата ангажирани од концесионерите не им го дозволувале тоа под изговор дека не биле потрошувачи, а ваквата појава била пријавена во инспекциските служби и истата е евидентирана и документирана.

Незадоволни граѓани на Охрид и туристи од другите градови пријавиле во инспекторатот дека биле изложени и на насилничко однесување од страна на лица ангажирани на плажите кои од нив барале постојано да прават нови нарачки на пијалоци.

Сите анкети кои се спроведуваа во изминатава година покажаа дека туристите во Охрид најмногу незадоволство генерираат од високите цени на угостителските услуги и од состојбата со плажите, поточно непочитувањето на правилниците и договорите од страна на поедини концесионери кои ги имаат целосно прекриено плажите со лежалки и наплатуваат за нивно користење, без притоа да остават 60 отсто слободна површина, стои во писмената изјава на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.


„Толеранција на самоволието, нередот, насилничкото однесување и непочитување на законот нема да има додека сум јас на власт. Сите оние концесионери на плажи кои упорно го кршат законот, ќе бидат санкционирани, ќе се поднесат соодветни пријави, а ќе бидат раскинати и договорите за закуп на плажите, кои пак потоа повлекуваат други последици за нив“, вели Бакрачески.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG