Достапни линкови

Финансиската децентрализација зависи од политичка волја


Општина Кривогаштани.
Општина Кривогаштани.

Помалите општини се уште се соочуваат со финансиски проблеми кои го доведуваат во прашање нивниот опстанок. Тие немаат ниту рамномерен пристап до државните пари.

Постојат решенија за финансиските проблеми со кои се соочуваат помалите општини во земјава, но до нив се доаѓа со политичка волја, вистинска и конкретна поддршка од Владата за измена на законската регулатива и зголемување на финансискиот колач на општините, анализираат експертите за локална самоуправа. Факт е дека Македонија е една од најцентрализираните држави во Европа.

Прво треба да се измени законската регулатива за финансирање на општините, за да може општините да добијат многу повеќе од колачот на вкупните државни приходи, за жал, Макеоднија се уште нема систем за финансиско воедначување на општините.
Аце Коцевски , поранешен градоначалник на Велес.

Решението на проблемот со недостатокот на финансиски средства за финансирање на законските надлежности на општините, поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски го гледа во следново:

„Прво треба да се измени законската регулатива за финансирање на општините, за да може општините да добијат многу повеќе од колачот на вкупните државни приходи, за жал, Макеоднија се уште нема систем за финансиско воедначување на општините, што значи дека имаме голема разлика во степенот на развиеноста и во финансиските ресурси, меѓу градот Скопје и останатите општини.“

Помалите рурални општини имаат поголеми обврски во однос на инфраструктуралните проблеми, асфалтирање на улици и канализацијата пред се.
Тони Златкоски, градоначалник на Општина Кривогаштани.

Со финансиски проблеми се соочува и прилепската општина Кривогаштани, која се наоѓа во втората фаза од фискалната децетрализација. Градоначалникот Тони Златкоски вели дека се обидуваат тековно да ги решаваат, но сепак укажува на потребата од поголема финансиска помош од Владата.

„Помалите рурални општини имаат поголеми обврски во однос на инфраструктуралните проблеми, асфалтирање на улици и канализацијата пред се. Еден така поголем проблем од финансиски аспект се и одредени долгови останати од претходните периоди.“

Она што според Коцевски е особено важно е да се работи на полето на рамномерен регионален развој, оти нерамномерноста се продлабочува, а Владата одвојува помалку финансиски средства отколку што со закон е обврзана. Иако опстојувањето на општините кои имаат финансиски проблеми е доведена во прашање, Коцевски не очекува нивно укинување.

„Ќе се мачат. Ни една општина не сака да се самоукине, иако тренд во Европа е да се зголемва населението во општините, а не да се намалува.“

Покрај тоа што се донесе измена на законот со која процентот од 3 насто од даноците кој се одвојува за општините ќе расте во наредните неколку години, а се зголемија и приходите од концесија, сепак тоа не ги надмина проблемите на одредени општини. Голем број општини, како на пример Охрид имаат застарени долгови, а добро стојат општините кои имаат големи приходи од надоместокот за уредување на градежно земјиште како што е примерот со Струмица, или скопската општина Илинден поради индустриските зони.

Уште еден проблем е и тоа што општините должат огромни финансиски средства на транспортерите за превоз на учениците, особено откако средното образование стана задолжително, а државата не најде начин како тоа да го реши и да им трансферира средства на општините, заклучуваат експертите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG