Достапни линкови

Москва: санкциите на САД и ЕУ се примитивен потег


САД и ЕУ значително ги заострија санкциите спрема Русија поради Украина. Вашингтон за прв пат со мерки против руски големи банки и енергетските фирми. За Москва тоа е примитивен обид за одмазда поради фактот што „настаните во Украина се развиваат поразлично од сценариото на Вашингтон“.

Американскиот претседател Барак Обама ги објави новите санкции бидејќи, како што рече, Русија не презела конкретни чекори за запирање на ескалацијата на насилството во источна Украина.

„Директно му кажав и на претседателот Владимир Путин дека Русија мора да го запре минувањето на борци и оружје преку границата. Очекуваме руското раководство уште еднаш да види дека неговите акции во Украина нема да останат без последици“, изјави Обама, додавајќи:

„Замрзнуваме средства на неколку руски одбранбени компании и блокираме ново финансирање на некои најважни руски банки и енергетски фирми. Овие санкции се значајни и се дизајнирани да имаат максимум импакт во Русија и ограничени ефекти врз американските компании.“

Директно му кажав и на претседателот Владимир Путин дека Русија мора да го запре минувањето на борци и оружје преку границата. Очекуваме руското раководство уште еднаш да види дека неговите акции во Украина нема да останат без последици.

Американското министерство за финансии за прв пат нареди санкции против неколку големи руски банки и енергетски компаниии.

Меѓу нив се: државната нафтена компанија Росњефт, Вњешекономбанк, Новатек и Газпромбанк, финансиската рака на Газпром.

На американските фирми се уште им е дозволено да работат со овие компании, но им се забранува да издаваат нови заеми со рок на доспевање подолг од 90 дена.

Во списокот не е Газпром, како и нејзиниот шеф Алексеј Милер. Проширен е и списокот на високи руски претставници кои подлежат на санкции, како и на побунетите ентитети во Доњецк и Луганск кои сакаат да се отцепат и да и се приклучат на Русија.

Владимир Путин во Бразил

Владимир Путин во Бразил

Во првата реакција на американските санкции, Путин предупреди дека тие ќе ги доведат во ќорсокак односите меѓу двете земји и ќе им нанесат штета на американските интерси во неговата земја.

„Санкциите имаат бумеранг ефект и ќе предизвикаат сериозни штети“, рече Путин во Бразил.

Москва, според заменик министерот за надворешни работи Сергеј Ријабков планирала извесни потези кои, како што рече ќе биле болни за Вашингтон.

Санкциите имаат бумеранг ефект и ќе предизвикаат сериозни штети.

Во меѓувреме, лидерите на Европската унија, по маратонскиот состанок во Брисел, исто така се согласија да ги заострат санкциите против Русија.

Но, Унијата која има далеку подлабоки економски односи со Русија отколку Соединетите држави, беше повеќе воздржана и избегна поголеми економски рестрикции кон Русија.

„Денеска ние донесовме одлука за шест нови чекори. Најпрвин ги проширивме рестриктивните мерки кои имаат за цел ентитети. Значи не се само индивидуалци, како што правевме досега.“

Изјави претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, наведувајќи дека лидерите, меѓу другото, побараа од Европската инвестициона банка да не потпишува нови финансиски спогодби со Москва, а Европската банка за обнова и развој да го прекине финансирањето на нови програми во Русија.

Евролидерите оценија дека Русија се уште не успеала да преземе ефикасни мерки за смирување на ситуацијата во источна Украина, каде што од почетокот на кризата во средината на април загинале над илјада цивили, а десетици илјади други ги напуштиле домовите.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG