Достапни линкови

САД и ЕУ со поостри санкции кон Русија


САД и ЕУ вчера значително ги зајакнаа санкциите кон Русија поради кризата во Украина. Вашингтон за прв пат директно ги таргетира руските банки, армијата и енергетскиот сектор. Американскиот претседател Барак Обама ги најави новите санкции поради, како што рече, неуспехот на Русија да преземе конкретни чекори да запре ескалацијата на насилствата во источна Украина. Тој рече дека новите мерки покажуваат дека руската агресија во регионот има последици.

Американското министерство за финансии соопшти дека меѓу фирмите на кои се однесуваат санкциите се државната нафтена компанија Роснефт, државната банка Внашекономбанк, производителот на природен гас Новатек и финансиската подружница на Газпром, Газпромбанк. Со санкциите се опфатени уште петмина Руси – командантот на петтата управа на ФСБ Сергеј Беседа, заменик претседателот на Државната Дума Сергеј Неверов, министерот за кримски прашања Олег Савељев и советникот на рускиот претседател Владимир Путин, Игор Шчеголев.

И лидерите на ЕУ во меѓувреме се согласија да ги заострат санкциите кон Москва поради нејзината вмешаност во кризата во Украина. Во соопштението од ЕУ по Самитот во Брисел се наведува дека мерките ќе бидат насочени кон „поединци или правни лица кои активно обезбедуваат материјална или финансиска поддршка за руските донесувачи на одлуки одговорни за анексијата на Крим и дестабилизацијата на источна Украина“.

Лидерите на 28-те земји членки на Унијата се согласија да ги суспендираат новите инвестиции во Русија од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.

XS
SM
MD
LG