Достапни линкови

Бледа расправа во полупразна сала за уставните измени


Илустрација.
Илустрација.

Критики од само неколку пратеници во полупразната собраниска сала и силни оправдувања на владините предлози од пратениците од владејачката коалиција на почеток на расправата за уставните измени.

Полупразна собраниска сала, критики од само неколку пратеници и силни оправдувања на владините предлози за измени на Уставот од пратениците од владејачката коалиција. Во ваква атмосфера се отвори дебатата за осумте уставни измени што ги предложи Владата.

Како што на времето Милошевиќ пласираше средства во Кипар или не знам Гадафи во други банки, таков капитал треба да очекуваме тука или капитал што е продукт на нарко бизнисот или капитал што се стекнува со тероризам.
Павле Трајанов, Демократски сојуз.

Ограничувањето на дефицитот и на јавниот долг се бранеше со тоа дека оние што ги немале во Европа, како на пример Грција, биле доведени до банкрот, а посебни финансиски зони, пак, според ВМРО-ДПМНЕ имало и во земји членки на Европската унија.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Но, токму посебните финансиски зони добија најмногу забелешки од пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, инаку коалиционен партнер во владата. Тој посочи дека предлогот бил без образложение и ја повика владата да го преиспитала и да го повлечела или да дала дополнителни аргументи. Според него, со овој предлог можело да се загрозат перспективите за влегување во ЕУ и во НАТО.

Јас би сакал во оваа прилика да ги повикам оние пратеници коишто не доаѓаат на работа во Собранието, а имаат добиено мандат од граѓаните на Република Македонија, да ја прифатат личната одговорност.
Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

„Како што на времето Милошевиќ пласираше средства во Кипар или не знам Гадафи во други банки, таков капитал треба да очекуваме тука или капитал што е продукт на нарко бизнисот или капитал што се стекнува со тероризам. Мислам дека тоа е праксата во светот. Верувам дека нашиот предлагач, Владата на Република Македонија, нема таква интенција да формира такви финансиски зони во Република Македонија“, рече Трајанов.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак, ги бранеше предложените измени детално една по една и посочи дека во следните фази ќе била отворена и јавна дебата.

„Јас би сакал во оваа прилика да ги повикам оние пратеници коишто не доаѓаат на работа во Собранието, а имаат добиено мандат од граѓаните на Република Македонија, да ја прифатат личната одговорност дека во еден ваков клучен момент кога разговараме за уставното уредување на Република Македонија, тие својата партија и своите лични интереси ги ставаат на приоритетно место“, рече Димовски и побара предложените измени да се разгледувале без да се условуваат со други прашања.

Од ДПА, пак, ја нападнаа ДУИ дека не се грижела за правата на Албанците, туку, како што рече пратеникот Беким Фазлиу, ги бранеле уставните измени на ВМРО-ДПМНЕ по наредба на Груевски. Според него, Уставот имал потреба од промена, но врз основа на политички договор што го нуделе тие.

„Повеќе е од неморал денеска да дискутираме за овие уставни измени што ни се предлагаат кога имаме еден милион Албанци на нозе и бараат други измени. Ова е уште едно предавство на ДУИ кон самите себе и кон Албанците“, рече Фазлиу.

Правото на збор го искористија и пратеничките Роза Топузова-Каревска и Мирсада Емини Асани кои не ги почитуваа одлуките на нивните матични партии ЛДП и НДП за бојкот и ги прифатија пратеничките мандати.

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, пак, имаше критики и за дефинирањето на бракот исклучиво како заедница меѓу маж и жена и иако ќе ги поддржела уставните измени, најави дека ќе поведела иницијатива за дополнување на законот за спречување од дискриминација со формулацијата сексуалната ориентација како една од основите за дискриминација.

Бракот, пак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го бранеа со тоа дека го заштитувале семејството и традицијата, а немало да може да се смени лесно како што би било ако е регулирано само со закон.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG