Достапни линкови

logo-print

Германија, светски првак во фудбал


Германија е светски фудбалски првак, победувајќи ја Аргентина со еден спрема нула во финалето на Светскиот куп 2014 во Бразил. Ова е четврта титула за Германија на Мундијалите.

Фудбалската историја е напишана уште еднаш. Германија стана првата европска фудбалска репрезентација која го освои Светскиот куп на Американските континенти.

За тоа се погрижи замената Марио Геце кој со прекрасен волеј удар на седум минути пред крајот на второто продолжување на финалниот меч против Аргентина постигна гол на стадионот Маракана во Рио Де Жанеиро.

Бевме 50 дена заедно, но проектот го почнавме пред 10 години.

Всушност Германија доминираше низ целиот натпревар над тимот на Лионел Меси.

„Не ни беше битно да имаме најдобар играч, туку најдобар тим. Играта за време на турнирот постојано ја унапредувавме и ниту еден момент не подзастанавме. Се држевме до нашиот план и на крајот ние сме светски прваци“, изјави по мечот капитенот на германската репрезентација Филип Лам.

„Бевме 50 дена заедно, но проектот го почнавме пред 10 години“, рече селекторот Јоаким Лев кој во 2006 позицијата ја наследи од Јирген Клинсман.

Првата светска титула по 24 години бурно беше прославена во Германија, особено меѓу 300 илјади навивачи собрани во Берлин за да го гледаат мечот кај Бранденбуршката капија и покрај изобилниот дожд.

Не ни беше битно да имаме најдобар играч, туку најдобар тим.

„Беше супер. Тие го имаат големиот Светски куп. И ние сме среќни.“

​„Супер. Беше извонредно. Одличен натпревар. Гетце беше супер нели? Па сега следува 2018 и повторно шампиони“, велат дел од оние што во Берлин ја прославуваа титулата.

За разлика од Берлин, во Аргентина имаше судари меѓу разочараните навивачи и полицијата.

Лионел Меси беше прогласен за најкорисен играч на турнирот и ја освои Златната топка. За најдобар голман е прогласен Мануел Нојер од Германија, додека најдобар стрелец е Хамес Родригез од Колумбија кој на турнирот постигна шест голови.

Бразил и покрај страхувањата пред турнирот, сепак се покажа како добар домаќин кој организира успешен турнир. На 12 стадиони во Бразил сите 64 натпревари ги следеа вкупно 3,5 милиони гледачи.

Како и да е, домашната репрезентација не ги исполни очекувањата, завршувајќи на, за Бразилците разочарувачкото четврто место, откако високо беа поразени, најпрвин од Германија со 7 спрема 1 и од Холандија за третото место со 3 спрема нула.

Многумина во Бразил во изминатиов месец ги оставија настрана нивните забелешки за големата цена на организирањето на Светскиот куп од 11 милијарди долари, како и корупциските скандали што ги следа подготовките на Купот.

Светското првенство постигна рекорди во следеност не само на телевизијата, туку и во активноста преку социјалните мрежи.

Во Бразил беа постигнати 171 гол, со што е изедначен рекордот од Светското првенство во 1998 година во Франција.

На овој турнир за прв пат беше употребена технологијата за утврдување дали е постигнат гол, како и спреј за одбележување на слободните удари. Наредното Светско првенство е по четири години во Русија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG