Достапни линкови

Затворен базен во Охрид - отворено прашање


Отворен базен во Охрид.

Отворен базен во Охрид.

Охрид со години чека да се изгради затворен пливачки базен. Отворениот базен не е доволен градот да добие наследници на некогашниот пливачки ас Александар Маленко.

На Охрид последните три лета му се случува една иста приказна, наместо почеток на изградба на затворен пливачки базен, се промовира само почетокот на сезоната во отворениот базен, кој не е доволен Охрид да добие наследници на некогашниот пливачки ас и светски првак Александар Маленко. Тоа беше едно од главните ветувања и во предизборните кампањи на политичарите.

Ние ги лажеме и децата и родителите дека ќе научат да пливаат секоја година. Тоа е сериозен проблем за генерации. Затоа Александар Маленко нема школа за пливање во Охрид.

Александар Маленко реагира на ваквата статус кво ситуација за Охрид.

„Јас три години и три месеци како сум вратен од Русија, никој адекватен фактор мене не ме повикал како заслужен граѓанин на Охрид и Македонија да разговараме за спорт. Сум бил на три Олимпијади и сум бил светски првак во пливање. Штом не сум повикан да кажам за спортот во Охрид тогаш најдобро е да се повлечам. Ние ги лажеме и децата и родителите дека ќе научат да пливаат секоја година. Тоа е сериозен проблем за генерации. Затоа Александар Маленко нема школа за пливање во Охрид“, рече Маленко.

Александар Маленко, македонски пливач.

Александар Маленко, македонски пливач.

Никола Маленко, татко на Александар, вели дека ветувањата треба да се исполнат.

Сега за сега во отворениот базен школите ќе работат до септември, а од септември очекуваме да започне изградбата на затворениот пливачки базен.

„Работењето со летен базен е недоволно да изградиме пливачи. Не сакам да навлегувам чија е вината. Криза е, општината нема доволно средства, нема ентузијасти како порано. Охрид во една ваква состојба без помош од владата не може да го направи. Еден Охрид за кој велиме дека е туристичка мека да нема во 21 век еден затворен базен е големо промашување на сите. Доста е од ветувања и треба да се удри камен темелник оваа есен“, рече Маленко.

Локалните власти најавуваат дека градбата на базенот ќе почне во септември.

„Целта е една, заедно со пливачките школи, да се создадат нови генерации на пливачи кои ќе продолжат да пливаат по патеките на славните охридски имиња од овој спорт. Сега за сега во отворениот базен школите ќе работат до септември, а од септември очекуваме да започне изградбата на затворениот пливачки базен“, рече Ристе Мише директор на ЈП Билјанини извори.

Томислав Тунтев советник од СДСМ рече дека минатата локална власт била таа што го ревитализирала базенот.

„Јас не знам уште колку пати тие ќе отвораат истиот тој базен. А она што го ветија дека ќе е затворен базен на оваа или онаа локација јас од тоа не гледам се уште ништо. Ако секоја година треба да одиме со отворање на стариот базен тогаш можеме да одиме и да ракоплескаме таму и среќни дека нашите деца барем на лето ќе може да пливаат“, рече Тунтев.

XS
SM
MD
LG