Достапни линкови

Неделниците ги анализираат меѓуетничките односи и судството


Демонстранти протестираат незадоволни од пресудите за случајот Монструм.
Демонстранти протестираат незадоволни од пресудите за случајот Монструм.

Меѓуетничката нетрпеливост за прикривање кризни политички и финансиски ситуации и партизираното судство се главните теми во неделниците.

Меѓуетничката нетрпеливост, која редовно избувнува во определени моменти за да се оттргне вниманието на јавноста од кризни политички и финансиски ситуации во државава, и партизираното и необјективно македонско судство се главните теми што ги обработуваат најновите изданија на неделниците.

Во неможност да се обедини околу реални цели и политики, нашето општество се дели сè подлабоко и дека протестите за „Монструм“, по втор пат за две години, покажуваат како хируршки се дели и албанското население.
Глобус.

„Македонија се дели на дропки“, е главната тема во он-лајн магазинот Глобус, кој неколку текстови посветува токму на меѓуетничките односи Македонци - Албанци, коалицијата Груевски - Ахмети, проблемот на учеството на македонски граѓани во граѓанско-верската војна во Сирија, на страна на верските радикали.

Неделникот тврди дека во неможност да се обедини околу реални цели и политики, нашето општество се дели сè подлабоко и дека протестите за „Монструм“, по втор пат за две години, покажуваат како хируршки се дели и албанското население, меѓу кое, влијанијата од Блискиот Исток се втемелуваат и си наоѓаат начини да ја зацврстуваат својата позиција, користејќи го секој меѓунационален инцидент. Ударот не е само против македонските институции, туку и против водечката албанска партија ДУИ. Во основа, тоа е борба за доминација преку лозунгот „ние сме вашите вистински заштитници“, наведува Глобус.

Она што уште повеќе разочарува и во исто време загрижува е односот на голем дел албански интелектуалци, новинари и политичари, како и на дел од македонската опозиција, кои отворено го поддржаа атакот врз институциите на државава и хулиганството врз полицијата.
Република.

Република, во уводникот како да настапува со критика до сите Албанци во Македонија: „Она што уште повеќе разочарува и во исто време загрижува“, пишува неделникот, „е односот на голем дел албански интелектуалци, новинари и политичари, како и на дел од македонската опозиција, кои отворено го поддржаа атакот врз институциите на државава и хулиганството врз полицијата. Се разбира, секој со своја причина и цел, но, дефинитивно, на штета на соживотот“, пишува Република.

„Во режија на режимот“, оди со остар наслов уводникот на Фокус, во кој се искажува чудење што Командант Ахмети, како што пишува, „се појавува со чичка нов предлог за „Монструм“ - меѓународен мониторинг на пресудата и судскиот случај, а партијата на Ахмети веќе неколку години раководи со министерството за правда“. И, следува поентата на неделникот дека благодарение на „Монструм“, како локумче се проголтаа обвинителско-судските разврски за случајот „Македонска банка“. Кога грубо ќе се подвлече црта, излегува дека Црвенковски го амнестираше Заев, ама Зврлевски „согласно законот“ го помилува Груевски, пишува Фокус, кој, инаку, заедничкото сврзно ткиво меѓу „Монструм“, „Македонска банка“ и Субрата Рој го наоѓа токму во поданичкото правосудство и лицемерието на владејачката врхушка. Како најлесно можеш да одвлечеш внимание од корупциските афери на власта? - прашува, покрај другото, Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG