Достапни линкови

Слободен четврток


Дино Блажевски, претседател на УМС на ВМРО-Народна партија.

Дино Блажевски, претседател на УМС на ВМРО-Народна партија.

Предлагам наместо „слободниот четврток“, Владата да направи напори на студентите да им овозможи попуст при вадењето месечни карти во ЈСП. Со тоа ем студентите ќе добијат олеснување кое вреди да го добие секој студент, ем Вие ќе докажете дека младите и те како се иднината на Македонија, пишува Дино Блажевски, претседател на УМС на ВМРО-Народна партија, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Додека младите упорно се определуваат за потешкиот пат во животот и додека студентите размислуваат како пак ќе се вратат од септември назад во „куќите на стравот“, како што ги нарекуваат студентските домови, Владата излегува со „фасцинантни“ решенија кои, како и секогаш, произлегле од иницијативи на некои други неорганизирани или организирани групи на млади кои за светлосни нијанси водат драстично потешка борба во однос на „борбата“ на СПУКМ за ослободување на студентите од плаќање за превоз - само во четврток.

Зошто толку аверзија кон студентите, младите во државава, зарем толку сме им згрешиле да иднината на Македонија ја бараат во пензионерите?

Да, токму така, само во четврток, небаре студентите одат на предавања само во четврток. Дали можеби следното олеснување е токму тоа?! Искрено во нашава држава сè бидува, па зошто да не и тоа. Само се прашувам, која е логиката или каде лежи објаснувањето околу ова толку фамозно „олеснување“, особено кога за него би правеле муабет со студенти кои имаат извадено месечни карти од ЈСП или пак за нив можеби не важи таканаречениот проект „Слободен четврток“?!

Зошто толку аверзија кон студентите, младите во државава, зарем толку сме им згрешиле да иднината на Македонија ја бараат во пензионерите или во потценувачките „проекти“ од типот „подобро нешто отколку ништо“, до кога вака? Зарем нема некој таму да се запраша што всушност правите токму Вие од СПУКМ, а после подмладокот на власт, упс... Се извинувам, подмладоците на власт, бидејќи нели државата ја води коалицијата составена од скоро дваесет и четири политички партии од кои барем тринаесет имаат свои подмладоци или не? Досега не видовме ниедна од тие барем со некакво соопштение да се изјаснат по некое прашање или проблем со кои се соочуваат младите, па макар и да се пофалат за нешто.

Предлагам наместо „слободниот четврток“, Владата да направи напори на студентите да им овозможи попуст при вадењето месечни карти во ЈСП. Со тоа ем студентите ќе добијат олеснување кое вреди да го добие секој студент, ем Вие ќе докажете дека младите и те како се иднината на Македонија.

И таман кога студентскиот „лидер“ преку електронските медиуми повикува студентите да си ги носат индексите и легитимациите в џеб, доаѓа изненадување од ЈСП во кое се вели дека ниту индексот, ниту студентската легитимација, која всушност е на исто рамниште како и личната карта за еден студент, нема да биде валиден документ со кој студентите би можеле да се возат без проблем во нивните автобуси. Чекајте, дали тоа ЈСП направи преседан и соопшти дека индексот и легитимацијата не се доволен доказ дека еден младинец кој студира е всушност студент, редовен или вонреден или пак некој повторно си поигрува со студентите?!

Епа драги мои млади, колеги студенти, идни и тековни, додека студентската популација во Косово (го земам како најблизок пример) се бореше за своите права и докажа како треба еден студент да се бори за себе и своите колеги и со нивната борба успеаја дури да го сменат и ректорот на универзитетот во Приштина, ние тука разглобувавме дилеми околу тоа колку партиите се вклучени во расипувањето на студентските движења во Македонија или на кој начин студентите треба да си ги бараат своите загарантирани права како студенти во едно нормално демократско општество, зрела држава која еднаш имаше блиска средба со студентската (млада) сила.

За крај, не дека нешто драстично ќе се смени периодов што доаѓа но дека ќе биде уште потешко бидете сигурни. Па додека сиромаштијата не ги дотолчила младите во Македонија и ако предлогот за слободен превоз преку целата недела претставува толку голем товар на државата предлагам наместо „слободниот четврток“, Владата да направи напори на студентите да им овозможи попуст при вадењето месечни карти во ЈСП. Со тоа ем студентите ќе добијат олеснување кое вреди да го добие секој студент, ем Вие ќе докажете дека младите и те како се иднината на Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG