Достапни линкови

logo-print

Европската агенда во Македонија е во криза


Архивска фотограгија.

Архивска фотограгија.

Опаѓа поддршката за членство во Унијата, за само шест години за дури 26 проценти се намалила поддршката за членството на Македонија во ЕУ.

Се топи поддршката за членство во Европската унија. За само шест години за дури 26 проценти се намалила поддршката за членството на Македонија во ЕУ, но македонските граѓани сè уште веруваат и ја поддржуваат европската интеграција на земјата. Но, она што испливува на површина е благата етничка диференцијација и за ова прашање.

Додека до пред 7-8 години Европа беше магичното стапче за сите проблеми, денес ја обвинуваме за двојни стандарди.

Македонија нема алтернатива за членството во ЕУ, велат декларативно сите партии без разлика дали се на власт или во опозиција, но Македонија е сè подалеку од членство во европското семејство, покажало истражувањето на Македонскиот центар за европско образование, поместено во студијата „Старо купувам - Новата европска приказна за Македонија“.

Ако влеземе што ќе имаме добивка од ЕУ? Ништо, како што живееме, така ќе живееме.

Ако во 2007-та пред самитот на НАТО во Букурешт – околу 75 отсто мислеле дека членството на Македонија во Унијата е добра работа, во последното истражување на јавното мислење во рамките на Евробарометарот направено есента 2013, таа поддршка се стопи на само 50 проценти. Намалувањето на перцепцијата дека членството би било добра работа сè уште не е претворено во директно негативна перцепција, туку се зголемува бројот на оние кои велат дека членството не би било „ниту добра ниту лоша работа“, а се зголемува и процентот на оние кои немаат став.

На Македонија не ѝ треба Европска унија во лицето на Аиво Орав, туку ЕУ во лицето на Ерван Фуере, која разбира дека е важен, активен елемент на домашната политичка сцена.

Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

„Сепак се чини дека кај нас постои генерален проблем со препознавањето на нијансите, некако одиме од крајност во крајност. Додека до пред 7-8 години Европа беше магичното стапче за сите проблеми, денес ја обвинуваме за двојни стандарди, така што фактот што сè уште не постои релевантна политичка сила којашто јасно и гласно би го проблематизирала консензусот кој постои за пристапувањето, за припадноста на државата во Европа, за нас сè повеќе е изненадување, отколку успех“, вели Љупчо Петковски од МЦЕО.

Анкетите покажуваат пораст на евроскептицизмот во Македонија, зголемена воздржаност кон ЕУ и нејзините цели и членство во неа, а од друга страна стотици македонски граѓани поединечно се интегрираат во ЕУ, а истовремено даваат негативни одговори на прашањето дали поддржувате членство на Македонија во ЕУ.

Но, и покрај намалувањето на поддршката, граѓаните на Македонија, споредено со граѓаните на другите држави-кандидатки, сè уште имаат најпозитивно мислење за членството. На пример во Црна Гора процентот на позитивниот став во однос на ЕУ е 44 проценти, во Турција 38 проценти, во Србија 36 отсто од граѓаните сметаат дека членството на нивната држава во ЕУ би било добра работа.

Сепак, намалувањето на поддршката во Македонија е загрижувачко, особено доколку се имаат предвид природата на намалувањето на поддршката и стабилниот тренд.

Случувањата околу изборниот процес, отсуството на опозициските политички партии од македонскиот блок и бојкотирањето на работата на собранието, враќањето на мандатите, потоа кулминацијата на политичките тензии со изречената пресуда во врска со петкратното убиство и демонстрациите кои се случуваат деновиве не се сигнал кој влева надеж.

Слични трендови се забележуваат и во ставовите околу корисноста на членството на Македонија во ЕУ. Во пролетта 2007 година, огромно мнозинство, односно 84 проценти од граѓаните, мислеле дека државата би имала корист од членството во ЕУ, а само 12 проценти мислеле дека нема да има корист. Во последното истражување, таа перцепција ја имала само 60 проценти, додека околу 30 отсто сметале дека Македонија не би имала корист, покажало истражувањето на МЦЕО.

Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

И граѓаните што ние ги запрашавме се сомневаат дека членството во Европска унија ќе им донесе нешто.

„Ако влеземе што ќе имаме добивка од ЕУ? Ништо, како што живееме, така ќе живееме.“

Кога партиите се во опозиција најчесто се повикуваат повеќе на вредностите и на она што би требало да се достигне како критериум за Македонија да биде демократска држава, кога се на власт го промовираат оној дискурс дека многу проекти ќе се направат, дека многу стандарди ќе бидат прифатени, на тој начин се дефокусираат од големата приказна кон помалите и поконкретните.

„Има многу ограничувања, сè нешто треба да правиш, а нема слобода како што има моментално. Многу полошо ќе биде.“

„Според мене тоа е перспективата за Македонија, за младите луѓе. Европа сепак е нешто со основа, цивилизација, култура, стандарди, со закони.“

„Најмногу треба да примиме нешто од европскиот менталитет, тоа би било најголем приоритет за сите нас, значи да се европеизираме во мислењето, па после ќе си дојдат сите други работи и предностите од ЕУ“, велат анкетираните граѓани.

Искрено посакувам вашата држава да ѝ се приклучи на Унијата во блиска иднина и ние сме уверени дека Европската унија не може да биде целосно без учество на сите држави од Западен Балкан.

Во едно друго истражување Институтот за демократија „Социетес Цивилес“, се наведува дека се зголемува бројот на граѓани кои сакаат да влезат во Европската унија исклучиво со задржување на уставното име. Според податоците што ги презентираше Институтот за демократија „Социетес Цивилес“, околу 60 отсто од прашаните одговориле дека се за влегување во Унијата со задржување на името, за разлика од пред три години кога нивниот процент бил за околу дваесет отсто понизок. На интеграција и со отстапки за името сега се подготвени 25 отсто од испитаниците.

Иван Дамјановски од Правниот факултет, правејќи споредба со поддршката на Европската унија во последниве десет години, вели дека таа се прекршува кон крајот на 2009 година и оттогаш досега почнува да опаѓа.

Ние во ЕУ сме подготвени да продолжиме. И сега останува да се напише домашната работа на земјите-кандидати.

„Сите пикови на поддршката коинцидираат со најголемите напредоци на Македонија во интегративниот процес, 2006 на пример, после добивањето на кандидатскиот статус и 2009 година, почетокот на 2010 година после добивањето на препораката за почеток на преговорите за членство. После блокадата на целиот процес имаме логична тенденција на константен пад“, вели Дамјановски.

Владеењето на законот и на фундаментални права, на човековите права и на заедниците, како и добрососедството се приоритети. Нашата посветеност и верба за европската иднина на земјава подразбира реформи на целиот институционален, правен и политички спектар, добри меѓуетнички односи и добрососедство.

На прашањето дали Македонија е подготвена за членство во Европската унија, 47 отсто одговориле дека не е, а пет отсто помалку дека е спремна. Инаку испитувањето покажува и разлики во однос на поддршката за Унијата и перцепцијата за реформите зависно од етничката припадност. Имено, речиси 80 отсто од Македонците не се за ЕУ со промена на име, а околу 75 отсто од етничките Албанци се за интегрирање и со отстапки за името. Етничка диференцијација за членството во ЕУ може дополнително да се продлабочи ако набргу не почнат да се средуваат работите во земјата, велат експертите, додавајќи дека треба да се преиспита подготвеноста на граѓаните за членство во Унијата. Притоа апелираат дека на граѓаните точно треба да им се укаже на цената што би ја платиле со таквото членство.

Не реков дека процесот на проширување треба да запре, туку само бев реален.

Жан Клод Јункер.

Жан Клод Јункер.

Колку Македонија е подалеку од членство во Европската унија, толку се продлабочуваат поделбите на политичка и етничка линија и земјата се приближува кон распад. Процесот на европеизација на политичкиот систем во Македонија е во сериозна криза, а последиците веќе се очигледни, велат аналитичарите.

Не сме подготвени да прифатиме уцена за формирање техничка влада и сè додека тоа е услов на СДСМ за отпочнување на разговорите, такви разговори нема да постојат.

Аналитичарот Сашо Орданоски вели дека за растот на евроскептицизмот се виновни политичарите од сегашната власт, но и односот на ЕУ кон Македонија.

„Дел од приказната за оваа состојба во која се наоѓаме е ваквото однесување на Европската унија. На Македонија не ѝ треба Европска унија во лицето на Аиво Орав, туку ЕУ во лицето на Ерван Фуере, која разбира дека е важен, активен елемент на домашната политичка сцена“, рече Орданоски.

Мислам дека прилично ќе биде извештајот негативен, можно е да има и предлог и препорака да се одземе статусот земја кандидат.

И новинарот Љупчо Поповски вели дека дел од вината ја сносат и македонските политичари, наведувајќи дека двајцата последни министри за надворешни работи се европски ученици, а велат дека може Македонија да влезе во ЕУ, ама и не мора. Што тогаш да се очекува од граѓаните, кои масовно се иселуваат, прашува Поповски.

„Анкетите покажуваат пораст на евроскептицизмот во Македонија, зголемена воздржаност кон ЕУ и нејзините цели и членство во неа, а од друга страна стотици македонски граѓани поединечно се интегрираат во ЕУ, а истовремено даваат негативни одговори на прашањето дали поддржувате членство на Македонија во ЕУ“, вели Поповски.

Сето она што се случува на домашен план праќа лоши сигнали надвор. Политичката криза, бојкотот на собранието, социјалните проблеми, протестите за случајот Монструм и разгорувањето на меѓуетничките односи, како и веќе постоечкото нерешено прашање за името ги алармираат меѓународните институции дека земјава не е подготвена за интеграции.

„Случувањата околу изборниот процес, отсуството на опозициските политички партии од македонскиот блок и бојкотирањето на работата на собранието, враќањето на мандатите, потоа кулминацијата на политичките тензии со изречената пресуда во врска со петкратното убиство и демонстрациите кои се случуваат деновиве не се сигнал кој влева надеж“, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.

Во истражувањето на МЦЕО е поместена и анализа на ставовите на партиите кон европските интеграции во нивните предизборни програми почнувајќи од 1990 досега.

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование вели дека има разлика во ставот кон ЕУ кога партиите се на власт и кога се во опозиција.

„Кога партиите се во опозиција најчесто се повикуваат повеќе на вредностите и на она што би требало да се достигне како критериум за Македонија да биде демократска држава, кога се на власт го промовираат оној дискурс дека многу проекти ќе се направат, дека многу стандарди ќе бидат прифатени, на тој начин се дефокусираат од големата приказна кон помалите и поконкретните“, вели Бојан Маричиќ од МЦЕО.

Проширувањето на Европската унија ќе биде еден од трите приоритети на италијанското претседавање со Унијата, рече италијанскиот амбасадор во Скопје Ернесто Белели.

„При претседавањето ќе работиме за да го охрабриме напредокот во пристапниот процес за државите од Западен Балкан. Искрено посакувам вашата држава да ѝ се приклучи на Унијата во блиска иднина и ние сме уверени дека Европската унија не може да биде целосно без учество на сите држави од Западен Балкан“, рече Ернесто Белели, амбасадор на Италија во Македонија.

Амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, пак, истакна дека Македонија не треба да е вознемирена од заморување на Унијата од проширувањето, туку да ги исполни потребните реформи за членство.

„Од италијанското претседавање слушнавме дека проширувањето ќе продолжи. Тоа е навистина важна порака. Затоа нема потреба да бидете загрижени дека проширувањето нема да продолжи. Ние во ЕУ сме подготвени да продолжиме. И сега останува да се напише домашната работа на земјите-кандидати“, изјави евроамбасадорот Аиво Орав.

Вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, вели дека владата ќе ги продолжи да ги спроведува потребните реформи.

„Владеењето на законот и на фундаментални права, на човековите права и на заедниците, како и добрососедството се приоритети. Нашата посветеност и верба за европската иднина на земјава подразбира реформи на целиот институционален, правен и политички спектар, добри меѓуетнички односи и добрососедство“, изјави Фатмир Бесими, вицепремиер за европски прашања.

Но, идниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ги урна и најмалите надежи за скоро проширување на Унијата велејќи дека ниту една земја од Западен Балкан нема да може да влезе во ЕУ во наредните пет години. Во обраќањето до пратениците од групата либерални и прогресивни партии во Европскиот парламент, Јункер рече дека не гледа која земја е подготвена да се приклучи кон ЕУ во тој период. Либералите го критикуваа Јункер поради ставовите за проширување на ЕУ, кои ги изнесе во својата неодамна објавена програма, каде вели дека ЕУ мора да прекине со проширувањето, додека не се консолидира и дека во текот на својот петгодишен мандат не очекува прием на нови членки.

„Не реков дека процесот на проширување треба да запре, туку само бев реален“, изјави Јункер, одговарајќи на критиките и потсети дека постојат јасни критериуми како за добивање статус на кандидат, така и за зачленување.

Тој нагласи дека земјите од Западен Балкан ја заслужуваат европската перспектива, меѓу останатото и како гаранција дека конфликтите од неодамнешното минато нема да се повторат.

„Тоа не значи дека на тие земји треба да им ветиме дека за две или три години ќе влезат во ЕУ“, изјави Јункер.

Критиките што доаѓаат од ЕУ ја обврзуваат Македонија да го промени досегашниот пристап, да се насочи кон постигнување договор за внатрешен политички дијалог, како и единствена позиција на Македонија во однос на спорот за името. Но во Македонија не се наѕира таква разврска, ниту, пак, има волја кај партиите, велат експертите.

Нема дијалог Груевски-Заев за надминување на политичката криза ни по цена на препораката за преговори, покажаа последните изјави на двајцата политичари. СДСМ инсистира на техничка влада, премиерот Груевски вели дека ако е тоа условот, разговори со Заев нема да има.

„Ние како политичка партија во секој момент сме подготвени за разговори за надминување на ситуацијата и за адресирање на сите прашања коишто може да придонесат за развој на државата и за уште поцврста демократија од сегашната, меѓутоа не сме подготвени да прифатиме уцена за формирање техничка влада и сè додека тоа е услов на СДСМ за отпочнување на разговорите, такви разговори нема да постојат“, рече премиерот.

Новинарско прашање: А ако цената биде препораката?

„Да, и ако цената биде препораката, останува истиот одговор“, рече Груевски.

Со оглед на тоа, но ако се земе и замореноста на меѓународната заедница од нас, може да се очекува дека ќе кренат раце, односно дека тоа може да се одрази во следниот извештај, вели професор Мерсел Биљали.

„Со оглед на сите случувања од минатото, и тоа што го прогласија за палома марамица договорот за 24 декември во кој странците се вложија, мислам дека ни најголемиот оптимист не може да предвиди како ќе изгледа тој извештај, јас мислам дека прилично ќе биде извештајот негативен, можно е да има и предлог и препорака да се одземе статусот земја кандидат“, вели професор Мерсел Биљали.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС) пред некој ден објави ново истражување, спроведено во периодот 1 јуни – 30 јуни 2014 на темите: опозициски бојкот во Собранието, политички дијалог и меѓуетничката состојба во Република Македонија. Едно од прашањата е дали бојкотот на Собранието од страна на опозицијата ќе доведе до застој во процесот на евроинтеграциите на државата. Од испитаниците, 46,8 проценти мислат дека бојкотот ќе се доведе до застој во евроинтеграциите, 37,4 проценти одговориле со НЕ, додека 13,9 проценти велат дека не знаат дали бојкотот на Собранието ќе се одрази на интегрирањето во Унијата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG