Достапни линкови

Протести поради „Монструм“ организирани и мирни


За разлика од минатата недела, денешните протести беа мирни и беше забележливо дека има редари кои се грижеа да не дојде до поголеми инциденти.

По нешто повеќе од час протестирање демонстрантите на протестите поради незадоволството од судската пресуда за случајот Монструм во Скопје, мирно се разотидоа. За разлика од минатата недела, денешните протести беа мирни и беше забележливо дека има редари кои се грижеа да не дојде до поголеми инциденти. Имаше и помали групи кои се обидуваа да направат инциденти, но редарите ги спречуваа.

Сакаме да им порачаме на премиерот Никола Груевски и на Али Ахмети - сите овие сили, овие полициски и воени сили се против албанскиот народ кој е тукашен, од оваа земја. Ние сме прогонувани 25 години. Сега сакам да ги повикам моите следбеници, готово е, да си одиме дома, па ќе продолжиме наредната недела.

Протестите почнаа околу 13 и 30 часот пред Јаја Паша џамијата во скопски Чаир каде што се собраа неколку илјади луѓе незадоволни од пресудите во случајот Монструм. Групата дополнително се зголеми на Бит Пазар кадешто им се придружија и нови демонстранти. Протестот и овој пат беше најавен преку социјалните мрежи, веднаш по завршувањето на петочната молитва во џамиите.

Меѓу демонстрантите можеше да се забележи и струшкиот градоначалник Зијадин Села. Протестите завршија кога дел од организаторите и роднините на осудените во случајот Монструм дадоа изјави за медиумите и ги повикаа граѓаните мирно да се разотидат.

„Сакаме да им порачаме на премиерот Никола Груевски и на Али Ахмети - сите овие сили, овие полициски и воени сили се против албанскиот народ кој е тукашен, од оваа земја. Ние сме прогонувани 25 години. Сега сакам да ги повикам моите следбеници, готово е, да си одиме дома, па ќе продолжиме наредната недела“, рече еден од водачите на протестите на англиски јазик.

Беше забележливо дека дуќаните околу Бит Пазар се затворени уште во 13 часот.

За разлика од минатата недела, овој пат не можеше да се забележат зелени саудиски знамиња, туку само албански знамиња и транспаренти на албански јазик.

Полицискиот кордон, придружуван од оклопни возила и водени топови, овој пат беше поставен меѓу трговскиот центар Мавровка и Стоковната куќа 26 Јули, така што на демонстрантите не им беше дозволено да стигнат до Судот.

Тие скандираа „УЧК“, „Етничка Албанија“, „Сакаме слобода“, „Стоп за монтираните случаи“, Али предавник“. Демонстрантите носеа голем транспарент со мозаик-фотографија на премиерот Никола Груевски, на кој пишуваше „Масакр во Бродец 2007, Масакар во Радуша 2010, Акција Монструм 2012, ова е мозаикот на злото“. Меѓу транспарентите имаше и парола „УЧК не е ДУИ, УЧК е со народот“.

Во Скопје беше забележливо големо полициско присуство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG