Достапни линкови

Повеќе странски, помалку домашни туристи


Скапите реклами во странските медиуми кои ја претставуваат земјава како привлечна туристичка дестинација очигледно даваат резултати, па бројот на странски туристи во изминативе пет години се зголемува, но домашните, оние на кои не им се потребни реклами за да знаат што се случува, сè помалку летуваат во земјава.

Повеќе странски, помалку домашни туристи. Скапите реклами во странските медиуми кои ја претставуваат земјава како привлечна туристичка дестинација очигледно даваат резултати, па бројот на странски туристи во изминативе пет години се зголемува, но домашните, оние на кои не им се потребни реклами за да знаат што се случува, сè помалку летуваат во земјава. Освен што има помалку домашни туристи, тие просечно остваруваат и помалку ноќевања.

Пред сè тоа се должи на влегувањето на Mакедонија во безвизен режим со европските држави со што малку се зголеми излезниот туризам/
Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2009 година имало над 328 илјади домашни туристи, кои оствариле на 1,5 милиони ноќевања. Минатата година, пак имало 302 илјади домашни туристи кои ноќевале помалку од 1,3 милиони пати.

Преспа.
Преспа.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски, вели дека навистина имало тренд на намалување на бројот на домашни туристи, но оти работите годинава почнуваат да се стабилизираат.

Ситуацијата со домашниот туризам не е само кај нас, статистиката покажува дека истото се случува во Грција и тоа драстично многу повеќе, а таму има многу повеќе ресорти, дестинации за одмор итн.
Миле Спировски, туристички работник.

„Пред сè тоа се должи на влегувањето на Mакедонија во безвизен режим со европските држави со што малку се зголеми излезниот туризам, меѓутоа можеме да кажеме дека веќе се стабилизира и оваа година бележиме раст на посети од домашни туристи во Република Македонија и очекуваме таа тенденција да продолжи“, вели Џамбазовски.

Од една страна, соседните држави нудат евтини аранжмани со кои сериозно им конкурираат на домашните туристички центри, а од друга страна има проблеми со вода, проблеми со напонот, лоша инфраструктура до евтините домашни одморалишта, каде што најчесто летуваат македонските граѓани. Летувалците во Претор пред неколку дена се пожалија дека четири дена по ред немаат води и оти проблемот се повторува секоја година.

Од друга страна, туристичкиот работник Миле Спировски вели дека постои тенденција да се намалува бројот на домашни туристи, не само во Македонија, туку и во регионот.

„Намалувањето на бројот на домашни туристи по мое мислење е затоа што сме мала држава. На пример, кое семејство ако нема сопствен стан на пример во Охрид, би одело 5-6 пати во Охрид на летување? Не е дека не е добро, меѓутоа се бара нешто друго, се бара некоја смена. Ситуацијата со домашниот туризам не е само кај нас, статистиката покажува дека истото се случува во Грција и тоа драстично многу повеќе, а таму има многу повеќе ресорти, дестинации за одмор итн., а се случува истото и во Бугарија. Дали народот во последно време сака многу повеќе да шета, да патува, веројатно одраз е тоа“, вели Спировски.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека има сериозно зголемување на бројот на странски туристи во Македонија во изминативе 5 години. И бројот на странски туристи и бројот на ноќевања што ги оствариле е зголемен за над 50 отсто од 2009 до 2013 година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG