Достапни линкови

Балканскиот поход на прилепскиот „Кросроуд блуз бенд“


Со нов албум „Still Living The Blues“ и незгаслива жед за натамошно докажување, прилепскиот „КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД“, во 17-та година од своето постоење, го започнува новиот освојувачки поход на дел од балканските земји. Во периодот од 11 јули, па се до 24 август, ќе свири по клубовите и на фестивалите во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.

Свирките и контактите што ги остваривме во изминативе години доведоа до тоа често да настапуваме надвор од нашава земја. Едноставно, луѓето, посебно организаторите на блуз фестивалите во соседството, воопшто не се двоумат да не поканат да настапуваме во нивните градови имајќи на ум дека од нас секогаш ќе добијат многу енергија и изведба која им прилега на веќе искусни волци кои живеат за блузот.

Покрај нашите авторски песни, сите други ги одбираме со мисла да не бидат толку познати и дури излитени блуз стандарди. Ги работиме во наши аранжмани и притоа веројатно призвукот на усната хармоника заедно со гитарата доведува до тоа целокупната понуда да биде малку позабавна, повозбудлива.

Вака, Александар Сале Дворчанец, пејачот и големиот мајстор на усна хармоника, ќе ја започне сторијата во пресрет на новата летна турнеја на прилепскиот „КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД“, еден од ретките на современата македонска музичка сцена кој му остана доследен на овој израз. Имено, во периодот од 11 јули, па се до 24 август, составот во кој се и Бранко Нешкоски на гитара, Александар Шилоски на бас и Зоран Настески на тапани, ќе свири по клубовите и на фестивалите во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.

„Како „КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД“ изминативе 17 години функционираме исто како што функционираме и сега. Покрај нашите авторски песни, сите други ги одбираме со мисла да не бидат толку познати и дури излитени блуз стандарди. Ги работиме во наши аранжмани и притоа веројатно призвукот на усната хармоника заедно со гитарата доведува до тоа целокупната понуда да биде малку позабавна, повозбудлива. Дури и самиот сценски настап, та и ние како генератори на целото тоа случување, веројатно сме и интересни на публиката.“

Сакавме да снимиме албум со обработки поради тоа што на сите конкурси каде што се обидовме да конкурираме за учество на фестивалите надвор од државава ни бараат издание, ни бараат песни отпеани на англиски јазик.

Бендот турнејата ја започнува овој петок во Жупања, Хрватска, па потем следуваат нивните настапи на „Брсец блуз фестивал“, во Риека, Црквеница...а во месец август, пак, ќе свират во Никшиќ, во Црна Гора, па потоа во Дубровник, во Мостар, на „Евергрин блуз фестивал“ во Босна и Херцеговина, за да кругот го затворат со перформансите во Имотски, Макарска и на Пељешац. Во предвечерието на оваа нова летна серија концертни настапи, „КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД“ го објави и својот нов албум „Still Living The Blues“, на кој се поместени осум обработки на стандарди од легендарните Вили Диксон, Слим Харпо, Вили Кобс, Џи Џи Кејл и други. Оваа објава доаѓа по цели 13 години од публикувањето на првенецот „Тутун блуз“ и си има своја „интересна предисторија“.

„Маката на се ќе те натера. Конкретно сакавме да снимиме албум со обработки поради тоа што на сите конкурси каде што се обидовме да конкурираме за учество на фестивалите надвор од државава ни бараат издание, ни бараат песни отпеани на англиски јазик. “

Дворчанец дополнува дека идејата , всушност, била да се обидат да ги заинтересираат продуцентите не само во балканските земји, туку да сторат напор да се изборат за учество на некој од блуз фестивалите во Англија, Франција, Шпанија и Германија. За таа цел, во недостаток на спонзори, тие исклучиво со сопствени средства, во студиото на басистот Шило, само на два канали, снимиле материјал кој наспроти техничката недореченост нуди неверојатно количество на енергија и изведувачка искреност која им прилега само на вистинските блуз правоверници.

Токму и затоа, по само два месеци од обелоденувањето и дузина клубски свирки при што не смее да се заборави и нивното појавување на хуманитарниот концерт „Рок легендите за Сокол“, „КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД“ веќе ги добиеле и првичните реакции од промоторите. Капарисани се за претстојното издание на еден респектабилен блуз фестивал во Романија, по што, како што велат, дополнително ќе им бидат отворени и некои други врати за настапи по Европа.

Од таму нималку не треба да чуди, кога Сале прашан за тоа дали сеуште вирее духот на блузот на Балканот, посебно овде кај нас во Македонија каде на прсти можат да се избројат оние кои талкаат по патиштата и по клубовите, знае да каже дека „ тие самите и нивните безмалку две децении на сцената се токму вистинскиот показ за тоа“. Тој дури е настојчив дека кај нас има неколкумина музичари и групи кои слободно можат да се мерат со оние кои се перчат по светските сцени ..., но истакнува дека можеби е стигнато и времето, слично како во Хрватска, и кај нас да биде формирано Здружение на блуз музичари чија цел би била нив поагилно да ги промовира во глобални рамки.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG